Достапни линкови

logo-print

Мигрантите ја блокираа пругата меѓу Македонија и Грција


Над две илјади економски мигранти ја блокираа железничката линија на границата меѓу Република Македонија и Грција. Ова се случи откако не добија дозвола да преминат на македонска територија . Мигрантите лежат врз шините на меѓународната железничка линија.

Нивната бројка постојано се зголемува,.Најмногу економски мигранти има од Бангладеш, Иран, Сомалија, Шри Ланка, Мароко, Конго, Либан и други држави каде што нема воени дејствија, пишуваат повеќе медиуми.

Официјално се прифаќаат само граѓаните од Сирија, Ирак и Авганистан. Оваа мерка беше воведена откако тоа го направија Хрватска и Србија.

Напната е состојбата во Гевгелија, бидејќи повеќе стотици економски мигранти се обидуваат нелегално да влезат на територијата на Македонија.

Силни воени и полициски сили како и оклопни возила ја обезбедуваат грчко-македонската граница.

Ангажирана е и воената полицијата која се обидува да ги запре мигрантите од не воените подрачја кои веќе неколку дена се наоѓаат на територијата на Грција а непрестајно пристигаат со автобуси.

Поради исцрпеност мигрантите се почесто колабираат, а на лице место помош укажуваат и претставници на УНХЦР и Црвениот крст.

Во решавање на мигрантската криза се вклучи и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск кој во текот на утрешниот ден ќе се сретне со државниот врв во Македонија.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск денеска е во Белград на разговори со српските официјални претставници, за тоа како да се регулира приливот на бегалци од воените зони во Европа, и за мерките кои земјите ги преземаат на западно балканскиот пат, со цел да се спречи влезот на мигранти, кои не можат да добијат азил во ЕУ.

Европската унија, како што е наведено во Брисел, сака што поблиска соработка со Србија, како и Македонија, која е уште една клучна земја низ која поминуваат мигрантите на патот кон земјите членки на ЕУ, кои ќе треба да ги примат.

Во изминатите 24 часа во прифатниот центар Табановце пристигнале и заминале вкупно 2.715 мигранти. Според податоците од МВР, од ноќеска на полноќ до 8 часот утрово на Табановце се пристигнати 45 лица, а се издадени 12 потврди за азил. Моментално, информираат од МВР, во кампот се наоѓаат 280 лица.

Во прифатниот центар на јужната граница во Гевгелија во овој момент, според МВР, во кампот се наоѓаат 500 лица кои чекаат да заминат кон Табановце.

Претседателот Ѓорге Иванов вчера напомена дека нема никаква соработка меѓу македонските и грчките служби за состојбата на границата и дека тоа мора да се промени.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG