Достапни линкови

Избори под прашалник и најави за црни листи


Изборите се доведуваат во прашање ако политичките партии не успеат да се договорат за отворените прашања, вели Ванхауте. Високи претставници на СДСМ брифираа дека од денеска сите опции се на маса, иако одбија да кажат што значи тоа. Некои предвидуваат и повторување на уличната демократија.

Белгискиот посредник во преговорите на работните групи за спроведување на договорот од Пржино, Питер Ванхауте денеска изјави дека ако политичките партии не успеат да се договорат за отворените прашања се доведува во прашање одржувањето на парламентарните избори закажани за 24 април. На брифинг со новинарите тој истакнал дека ако нема компромис и не се спроведе договорот ќе имало сериозен одговор од ЕУ и Соединетите Американски Држави.

На прашањето за евентуални санкции ако не се испочитува договорот тој не ја исклучува можноста за замрзнување на сметки и ставање на личности на црни листи. „Не важат веќе крајни рокови и по вчерашните преговори се поставува прашањето дали учесниците сакаат договор“, посочува тој.

Дали политичката криза повторно ќе се решава на улица?

Сите опции денеска се отворени откако до полноќ не беше исполнета обврската од договорот од Пржино до 20 октомври да се договорат законот за влада и да се именуваат двајцата министри од СДСМ и замениците од опозицијата и од власта. Вака вчера брифираше висок извор од СДСМ, но засега нема официјална изјава од партијата за понатамошниот однос кон договорот од Пржино.

Доколку се точни проценките дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат договор да го опструираат целиот процес, тоа значи дека следна фаза би била заострување на состојбите во државата. Мислам дека тоа што може да се направи и во интерес на државата е да се формира преодна влада и да се оди што е можно побрзо на парламентарни избори.
Павле Трајанов, Демократски сојуз.

Претседателот на НСДП Тито Петковски, партија која е дел од блокот што го предводи СДСМ, вели дека тие како опозиција ќе направеле проценка за тоа што треба сега да се прави, но дека за него лично немало дилема оти и досега владејачките партии само симулирале заинтересираност за договорот под притисок на меѓународната заедница. За тоа, пак, што ако на крајот договорот пропадне, Петковски вели дека несомнено државава ќе влезе во посериозна криза.

„Како и во секоја земја во која кулминираат внатрешните политички проблеми, економски, социјални итн., граѓаните си ја земаат судбината во свои раце и последното што му останува на граѓанинот освен да ја фати улицата како негов терен. Тоа претпоставувам дека ќе следи и во Македонија“, вели Петковски.

До вчерашната неуспешна средба, пак, дојде откако и ден претходно на маратонскиот состанок со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во резиденцијата на Европската унија не дојде до договор, па беше оставен рокот до полноќ за евентуален успешен исход.

Од опозицијата вчера брифираа дека главното несогласување на состанокот со Хан во врска со законот за влада било тоа што ВМРО-ДПМНЕ, како што тврдат, инсистирале замениците министри да имаат право на вето за сите прашања, со што новиот министер од нивните редови во Министерството за внатрешни работи би се свел на ниво на „англиска кралица“. Според нив, ова всушност е и прво посериозно прекршување на протоколот кон договорот од 2 јуни, постигнат на 15 јули, бидејќи во него како конкретен датум е наведен 20 октомври за изборот на министрите по нивни предлог во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала во кои ВМРО-ДПМНЕ ќе има свои заменици и заменици од СДСМ во министерствата за финансии, информатичко општество и администрација и земјоделство, шумарство и водостопанство.

Претседателот на Демократскиот сојуз, пратеникот Павле Трајанов, вели дека пред да се прогласи договорот од Пржино за мртов, сепак треба да се почекаат уште два три дена и да се види реакцијата на меѓународната заедница.

„Но, доколку се точни проценките дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат договор да го опструираат целиот процес, тоа значи дека следна фаза би била заострување на состојбите во државата. Мислам дека тоа што може да се направи и во интерес на државата е да се формира преодна влада и да се оди што е можно побрзо на парламентарни избори. Во преодната влада мислам дека треба да бидат застапени сите партии што се во парламентот, составена од експерти којашто ќе биде некаква гаранција дека ќе имаме фер и демократски избори“, вели Трајанов.

Инаку, портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби по ваквиов исход на настаните рече дека ги охрабруваат македонските лидери да го надградат напредокот, нагласувајќи дека тие во минатиот месец направиле важен чекор со назначување на специјалната обвинителка, на која сега треба да и се обезбедат ресурси и персонал што таа одреди дека и се потребни, за да го исполни нејзиниот мандат.

„Политичките партии не треба да се залагаат да влијаат или да го попречат извршувањето на овие задачи. Се надеваме дека додека работните групи ги продолжуваат разговорите, сите инволвирани страни на прво место ќе ги стават интересите на државата, воедно повторувајќи ја нивната определба за интеграција на Македонија во евроатланските структури“, нагласи Кирби.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG