Достапни линкови

logo-print

Хан - Нема договор, работните групи продолжуваат


Еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека бил разочаран поради тоа што без успех завршија преговорите на лидерите на четирите политички партии за отворените прашања.

„Разочаран сум, ова беше лош ден, но се уште сум оптимист. Политичките лидери треба да ја сфатат сериозноста на ситуацијата и да покажат лидерство. Не може Европа да носи одлуки за македонските лидери“, рече Хан и ја напушти резиденцијата на ЕУ во Пржино.

„Си заминувам, но мојот тим останува и се надевам дека ќе има договор во следните неколку денови“, рече Хан, наведувајќи дека очекува договорот да се почитува, бидејќи во спротивно тоа може да се одрази врз македонските евроинтеграции со оглед што за околу две недели се очекува објавувањето на извештајот за напредокот на Македонија.

Политичките лидери треба да ја сфатат сериозноста на ситуацијата и да покажат лидерство. Не може Европа да носи одлуки за македонските лидери.

Хан изрази разочараност што не бил постигнат договор околу реконструкцијата на Владата, согласно Договорот од јуни и јули, а за што според него, имало време неколку недели.

Средбата заврши околу 4 часот изутринава откако некаде по полноќ први заминаа лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, а Хан потоа не успеа да ги приближи ставовите ниту на средбата само со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски.

По средбата Заев кој рече дека не му е јасно како од 12 часа разговори најголем дел биле потрошени на законот кој се однесува на објавувањето на бомбите. Но, тој додаде дека не било загубено се, бидејќи има уште 20 часа да се испочитува рокот за да се изгласа целосниот тим на специјалната обвинителка Катица Јанева и да се избере техничка Влада.

По преговорите Груевски не даде изјава, а на новинарите им се обрати пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Според него, договор нема, но имало приближување на ставовите за сите теми кои биле отворени, а особено за изборниот законик, па дури тој може уште денеска да се најде во Собрание.

Димовски потврди дека најмногу несогласувања имало околу објавувањето на „бомбите“ и надлежностите на замениците министри. Според изјавите на сите учесници во преговорите, работните групи на четирите партии ќе ги продолжат преговорите.

На разговорите во Пржино присуствуваа и евроамбасадорот Аиво Орав, американскиот амбасадор Џес Бејли и белгискиот посредник во преговорите на работните групи Питер Ванхауте.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG