Достапни линкови

logo-print

Еден куп работа го чека Хан во Скопје


Претпладнево на социјалната мрежа Твитер еврокомесарот Јоханес Хан напиша: „На пат кон Скопје, ќе се сретнам со сите политички партии за да притиснам за итен напредок на политичкиот договор“.

Половично реализирани обврски од договорот од 2 јуни и протоколот од 15 јули го чекаат денеска еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Тој точно по еден месец доаѓа во Скопје, за, како што беше најавено, од Брисел да се обиде да ги спречи натамошните компликации во спроведувањето на договорите од Пржино за надминување на политичката криза во земјата. Претпладнево на социјалната мрежа Твитер и самиот напиша „На пат кон Скопје, ќе се сретнам со сите политички партии за да притиснам за итен напредок на политичкиот договор“.

Утре истекува рокот за избор на првите луѓе во министерствата за внатрешни работи и труд и социјала по предлог на СДСМ и нивните заменици во тие министерства од ВМРО-ДПМНЕ.

Компликациите, пак, до кои најмногу дојде поради законот за т.н. бомби и неизборот на целиот тим предложен од специјалната јавна обвинителка ги одложија изборните измени за кои партиските лидери на Хан на 18 септември му ветија дека ќе ги договорат до шести октомври. Од двата документа постигнати по долгочасовен престој на Хан во резиденцијата на Европската унија во Пржино во јуни и во јули всушност остануваат незатворени и други прашања за кои роковите се поминати. Имено, во нив се наведува дека откако СДСМ ќе се врати во Собранието што и го стори на први септември, ќе се формира анкетната парламентарна комисија основана со скандалот со прислушувањето и со нив ќе раководи опозицијата, нешто што сè уште не е договорено, иако се предвидува првиот извештај да го има веќе идниот месец.

Запнаа и разговорите за медиумите, од кои најмногу промени се очекуваше да се договорат за јавниот радиодифузер, па иако беше споменат рокот од 15 месецов, не се постигна компромис. Дополнително, утре истекува рокот за избор на првите луѓе во министерствата за внатрешни работи и труд и социјала по предлог на СДСМ и нивните заменици во тие министерства од ВМРО-ДПМНЕ. Истиот датум е краен рок и за избор на заменици министри по предлог на опозицијата во министерствата за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација.

„Овие заменици-министри ќе имаат полно право на преглед и вето во соодветните министерства по сите правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организацијата на изборите“, се наведува во протоколот од 15 јули.

Но, ова не е единствената обврска за која партиите според рокот треба да се договорат до утре. Откако на седми месецов пратениците од ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ Талат Џафери и Крсто Мукоски го поднесоа предлог законот за забрана на објавување на прислушуваните материјали што новинарската фела го оцени како сериозна закана за воведување цензура. Тој беше повлечен, но со услов до 20 октомври да се договори ново законско решение, а во спротивно истиот без измени ќе бил повторно поднесен во собранието. Овој закон, заедно со тој за т.н. Свиркачи, треба утре заедно со новите министри да се гласаат во собранието, нешто што поради постојаните одложувања на роковите од договорите засега изгледа неизвесно.

Од она што останува од документите што ги потпишаа лидерите на четирите најголеми партии под силно менторство на Хан е и обврската актуелната Влада да ја поднесе својата официјална оставка до Собранието во догледно време за да овозможи инаугурација на новата влада на 15 јануари 2016 година, односно сто дена пред парламентарните избори што ќе се одржат на 24 април 2016 година.

„На чело на новата влада ќе биде нов премиер номиниран од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Програмата на Владата е ограничена на организирање на предвремените парламентарни избори“, се наведува во договорот.

Во меѓувреме како што се одолжуваат договорите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ засилено се обвинуваат меѓусебно за тоа кој ги одолговлекува. Порака на странските амбасадори и други меѓународни политичари кои се постојано вклучени во разговорите е дека договорите од Пржино мора да се почитуваат.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG