Достапни линкови

logo-print

Црногорската опозиција со ултиматум до владата


Црногорската опозиција, која го сочинува сојузот наречен Демократски фронт, синоќа постави ултиматум до владата на премиерот Мило Ѓукановиќ до сабота, 24 октомври, да поднесе оставка и да овозможи формирање преодна влада. Тоа е главно барање на опозицијата од почетокот на протестите на 27 септември.

По протесниот марш на неколку илјади луѓе во Подгорица најавено е дека доколку владата до сабота не поднесе оставка ќе биде организиран голем протест.

„Ултиматумот е неотповиклив и доколку не биде исполнет в сабота во Подгорица ќе се собере цела Црна Гора“, порача еден од лидерите на Демократскиот фронт Андрија Мандиќ.

Тој апелираше до учесниците на маршот да не прават инциденти и да не ја напаѓаат полицијата.

Во саботата за време на протестот дојде до судири со полицијата, при што имало повредени и привидени.

Полицијата, пак, соопшти дека во неделните протести потешко бил ранет еден полицаец кој со камен бил погоден во глава, додека петмина други полицајци биле полесно повредени, а биле оштетени неколку објекти и возила.

Ултиматумот е неотповиклив и доколку не биде исполнет в сабота во Подгорица ќе се собере цела Црна Гора.

Паралелно со протестите во Подгорица се одржа седница на Советот за национална безбедност на која претседавал Мило Ѓукановиќ, а по ситуацијата што настанала откако во саботата со употреба на сила, шок бомби и солзавец бил прекинат тринеделниот протест на Демократскиот фронт, наводно поради опасноста демонстрантите насилно да влезат во црногорскиот парламент.

По повод најновите настани во Црна Гора реагираа делегацијата на Европската унија и американската амбасада во Подгорица, како и руското министерство за надворешни работи.

„Прекумерната употреба на сила од која било страна е неприфатлива“, се наведува во соопштението на делегацијата на Европската унија која повика на воздржаност и почитување на законите.

Со слична содржина е и реакцијата на американската амбасада која инсистира на владеење на правото.

Официјална Москва, пак, жали за настаните во Подгорица и констатира дека „и покрај тоа што раководството добива уверувања од западните земји, вклучувањето на Црна Гора во евроатланските интеграции не води кон нејзина консолидација и напредок“.

Опозициските партии и невладините организации го осудија полициското разбивање на демонстрациите и повикуваат на итно решавање на кризата.

Црна Гора е кандидат за Европската унија, а до крајот на годинава очекува и покана за влез во НАТО.

Но, западните влади и групите за човекови права се загрижени за нивото на организираниот криминал во таа земја.

Критичарите велат дека оваа земја со 680 илјади жители била водена како феудален посед од страна на политичката елита која во голема мера е непроменета во текот на изминативе 20 години.

Владата ги отфрла ваквите оценки. Во Црна Гора за идната година се закажани парламентарни избори.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG