Достапни линкови

Ѓорѓиев - Концептот на моето сликарство е да ги најдам сродните души


Горјан Ѓорѓиев, уметник.

Горјан Ѓорѓиев, уметник.

Протестот е двигател на егото, се јавува од најран период, детето плаче за храна, протестира за повеќе внимание, сака да игра, да љуби, а другите со љубов ги вреднуваат неговите дела. Јас останав дете и по сиве педесет години се уште се обидувам да ги израдувам возрасните, со моите дела да им внесам трепет и комуникација – со целината – љубовта. Ова ќе го запише уметникот Горјан Ѓорѓиев, во каталогот за своите две изложби „Протест сексплозија“ и „Храм со кодирана порака“, од кои првата до 18 октомври се одвива во Галеријата на Младински културен центар во Скопје.

Наместо ретроспектива за 30 годишнината од ликовното творештво, уметникот Горјан Ѓорѓиев на публиката и дари две постановки чии отварања се обистинија во рамките на манифестацијата „Бела ноќ“ - „Протест сексплозија“ и „Храм со кодирана порака“. Така, на начин како самиот пожелуваше или импулсивно чувствуваше, ја обои својата средба со почитувачите на неговото дело.

На поставкава што се уште трае ги имам моите гласници – трубачи кои со своите труби гласно трубат и кажуваат дека некаде ја грешиме работата и дека треба да застане тој циклус на пизма за да може да продолжиме понатаму. Така да и тоа е еден од главните сегменти на моите изложби.

„Во МКЦ направив еден цел храм каде што беа ставени тродимензионални дела работени во масло, со гипс, со глина...во различни форми, кои покажуваа еден актуелен момент од она што се случува денес во Македонија. Дури секој можеше да ја најде состојбата доколку го побараше тој код во самите слики. Е сега ќе влезеш во храм, како вистински храм беше целата поставка, и навистина се постигна многу мистичен момент бидејќи наеднаш гледаш едни објекти кои соодвествуваат и не соодвествуваат на еден храм. Не крајно безобразни, туку тематски несоодветни на храм. Но сепак тие објекти покажуваа многу работи. Е, сега не би ги објаснувал затоа што некој може да биде погоден“, вели Ѓорѓиев.

Појаснувајќи ја, пак, „Протест – сексплозија“, тој истакнува дека во насловот на изложбата има иронија но дека сепак, сексуалната екстаза води кон игнорирање на зададеното опкружување, кон моментот кој нема временска должина, во кој за миг сегментот е осознаен во целината – тогаш, нема ништо, и ништо не е битно.

„Протестот е поради протестот. Против сите тие лоши мисли. Против омразата. Против политичките делби – јас сум од една страна, ти си од друга страна ...Два-три дена наназад како што гледам на порталиве повторно почнува тој силен бран на омраза. Без разлика оправдана – неоправдана не е пријатна. На поставкава што се уште трае ги имам моите гласници – трубачи кои со своите труби гласно трубат и кажуваат дека некаде ја грешиме работата и дека треба да застане тој циклус на пизма за да може да продолжиме понатаму. Така да и тоа е еден од главните сегменти на моите изложби.“

Уметникот знае да каже дека согласно новите моменти од нашето живеење сите ние сме една иста вибрација и дека таа вибрација многу лесно се крши од лошите мисли едни кон други.

„Јас сум за исправување на вибрацијата. За една мазна вибразија. Таа почнува од една критична маса, тоа може да се уметници, писатели, музичари, пејачи...кои внатре во себе го содржат тој сегмент на толеранција на сè. Во тој конктекст зборувам за омразата. Дури ни лошите луѓе не смееме ни нив да ги мразиме. Затоа што тие се такви. Е сега, колку можеме треба да ги избегнуваме и да ги насочуваме кон толеранција. Првата работа е толеранцијата и сознанието дека сите ние сме само дел од една целина.“

Од друга страна Ѓорѓиев за себе вели дека има слики за уште три изложби, но дека генерално неговиот концепт во сликарството во кое контрастот на боите е сè посилен и експресијата сè поголема...е да ги најде сродните души.

„Осознавам дека со луѓето кои ги сакаат моите слики сме на слична бранова должина. Тие се како некои гласници на моето чувство и се наоѓаме и се дружиме со иста идеја. И тоа е прекрасно чувство. Затоа концептот на моето сликарство е во тој правец – да ги најдам сродните души на себе си.“

Конечно, уметникот заклучува дека досега споделил многу енергија низ целиот свет, многу платна на ѕидови како фрески во храм и дека фантастична е замислата дека константно комуницирате со некого кого воопшто не го познавате или воопшто и не знаете за таквиот чин.

„Доста имам изложено надвор и за млади години тоа беше некаков голем куриозитет. Си мислиш дека си некаков којзнае каков сликар – те имало во Германија, Америка, Австралија... И си мислиш дека си многу важен. Всушност, нема врска. Не си важен. Важен си само кон тој што ја гледа, конзумира твојата слика и ужива во неа. Инаку, таквото потхранување на егото мене ме отепува. Егото е најлошатат работа на човекот што може да ја има. Јас тоа дури и во каталогот го пишувам. Тоа постои само додека постои телото на човекот. Потоа зад него останува само енергијата. Вибрацијата што ја оставил. Креативна. Било каква. Затоа и не сум толку заинтересиран за тие надворешни изложби. Дури и во овие години ми се чини дека можеби и немам толку енергија за да ги истрчам. “

Роден 1965 година во Скопје, Горјан Ѓорѓиев студирал во класите на Симон Шемов, Петар Мазев и Родољуб Анастасов. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности на отсекот за сликарство во 1987 година, и член е на ДЛУМ од наредната 1988. Зад себе има 15 самостојни изложби и многу групни постановки и ликовни колонии во земјава и во странство, а живее и твори во родниот град.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG