Достапни линкови

Колку вреди македонскиот (не)образовен систем?


Симона Туфекџиќ, средношколка.

Симона Туфекџиќ, средношколка.

Она што според мене е нелогично е отпорот на челните лица да сфатат дека нам во животот ќе ни користи знаењето кое ни е потребно, а не безначајните цифри напишани во правоаголник од дневникот, пишува средношколката Симона Туфегџиќ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Како средношколка, секојдневно на своја кожа ги чувствувам ситните и не толку ситни недостатоци на ова наше труло, но сепак од надвор накитено образование. Несуштинските и непотребни промени кои секојдневно настануваат во системот ги чувствувам како забрзан воз кој проаѓајќи покрај мене ме оддувува и ме турка на земјата. Не сакам да кажам дека сум против промени, јас многу ги сакам промените на каков било план.

Она што според мене е нелогично е отпорот на челните лица да сфатат дека нам во животот ќе ни користи знаењето кое ни е потребно, а не безначајните цифри напишани во правоаголник од дневникот.

Од друга страна, она што надлежните луѓе и институции одбиваат да го сфатат или можеби навистина не го сфаќаат, е дека ние учениците како млади луѓе полни со ентузијазам бараме коренити промени, кои навистина ќе помогнат во унапредувањето на нашето образование, Знаете, куќата секогаш се гради од темел, па така и на нас не ни користат ништо компјутерите кои со години зјаат во училишните архиви, кога столчињата на кои седиме се нестабилни, а клупата преполовена. Не ни е потребна оценката од екстерно тестирање, кога знаењето кое навистина сме го стекнале и акумулирале и кое ќе остане во нашите глави не се ни споредува со висината на таа оценка добиена со 30 кликови.

Она што според мене е нелогично е отпорот на челните лица да сфатат дека нам во животот ќе ни користи знаењето кое ни е потребно, а не безначајните цифри напишани во правоаголник од дневникот. Дали можеби тие никогаш не размислиле во таа насока? Дали можеби оние кои срамно си дозволија да нè наречат ,,врскаџии“ и „новопечени богаташи“ во нивните училишни денови биле оние кои секаде се провлекувале со цифрите, без разлика дали во дневникот или паричникот?

Во овие неколку месеци пленумизација се обидов, но за жал не успеав да најдам одговор на овие мои прашања, не успеав да сфатам зошто властите се толку против младешката желба за елоквентност и вредно поминати средношколски години непрестано таложејќи нови сознанија. А можеби грешката е во мене, којзнае.

Ме уништува тоа што МОН од нашите посветени професори се обидува да направи роботи и послушници, а сето тоа се одразува на нас како ученици и како иднина.

Знаете, пред да се запишам во гимназија, часовите ги замислував поинаку. Го замислував професорот со креда во рака застанат пред полни клупи како предава со видна желба навистина да не научи нешто, навистина да биде професор. Сепак, благодарение на „унапредувањето“ на образованието, тоа не беше така. Сега професорот е повеќе окупиран со смешниот е-дневник затоа што за секое негово занемарување се одбива од платата, се казнува. Повеќе се грижи да не ја стави едната иста оценка 3-4 пати поради техничката катастрофалност на истиот. Професорите се повеќе загрижени со тоа дали ќе исполнат процент на часови предадени со ЛЦД проектор, нешто за кое ги задолжуваат, но од ден во ден стануваат ендемски видови по училиштата, поради нивниот превисок квалитет, нели. Патем, што значи часот на кој поважно е да ги научиме напамет одговорите на на тацна дадени прашања за екстерното, отколку навистина да научиме нешто што нема да испари од умот со самиот клик на последното, 30-то прашање?

Ме уништува тоа што МОН од нашите посветени професори се обидува да направи роботи и послушници, а сето тоа се одразува на нас како ученици и како иднина. Наставниците се оние кои треба да нè научат како да бидеме сигурни во себе, како да си ја познаваме добро нашата работа, како да примаме сугестија, а сепак да не прифаќаме сè и сешто поврзано со она за што сме стручни. А, како јас тоа ќе го научам кога мојот учител е „тестиран“ од страна на луѓе кои не се ни блиску до она што е тој, до неговото искуство?

Ние сме тие на кои останува да си го спасиме она што е наше, да го спаси нашево бесценето образование од пад во бездна. Наша задача е како знаеме и умееме да се качиме во возот кој предходно ме турна на земја, да ја превземеме контролата и да почнеме одново, темелно, коренито, суштински, со поглед напред кон иднината, која со нашата непоколебливост и одлучност се повеќе и повеќе ни е на дофат.

XS
SM
MD
LG