Достапни линкови

logo-print

Подобра организација за мигрантите по неколкудневниот хаос


Полицијата и хуманитарните организации поставуваат шатори во кои им се издаваат потребните документи и помош на мигрантите на самата граница. Во Гевгелија веќе нема големи турканици.

Непосредно пред дивиот граничен премин со Грција забрзано се подготвува прифатен центар за бегалците, а во него веќе се поставени шатори на полицијата и на хуманитарни организации во кои се издаваат потребните документи и им се пружа помош на луѓето. Оние кои ќе ги добијат, подоцна заминуваат со возови, автобуси или такси кон Табановце, па и состојбата на и околу железничката станица во Гевгелија е далеку подобра и ги нема илјадниците изморени мигранти.

Во првиот момент кога беа преземени мерките, организацијата беше катастрофално слаба и затоа дојде до таква напната ситуација. Со минување на времето, а претпоставувам увидувајќи ги сите недостатоци, државните органи ги преземаа сите мерки што беа потребни и затоа во овој момент имаме порелаксирана ситуација

Сето ова доаѓа откако беше прогласена кризна состојба, па првите два дена полицијата употреби и шок бомби за растерување на толпата од илјадници бегалци кои чекаа да влезат во земјава на дивиот премин.

Според професор Владимир Пивоваров, пред самиот чин на прогласување на кризна состојба институциите требало да направат план и симулација на мерките за состојбата што ги очекува на терен и да знаат до што ќе доведе тоа што планираат да го преземаат.

„Во првиот момент кога беа преземени мерките, организацијата беше катастрофално слаба и затоа дојде до таква напната ситуација. Со минување на времето, а претпоставувам увидувајќи ги сите недостатоци, државните органи ги преземаа сите мерки што беа потребни и затоа во овој момент имаме порелаксирана ситуација бидејќи ако продолжеше ситуацијата од првиот ден кога беше блокирана границата можеше да доведе до сериозни безбедносни проблеми, односно до ескалирање на состојбата“, вели Пивоваров.

Инаку, вчера на границата беше и министерот за одбрана Зоран Јолевски кој уверуваше дека е организирано прифаќањето на мигрантите и тоа се одвива согласно плановите. Првиот човек на МВР Митко Чавков, пак, појасни дека на локацијата пред границата ќе развиеле инфраструктура и капацитети за побрза регистрација и трансфер на мигрантите.

Според Габриела Андреевска, активист на терен од невладините организации Солидарност и Легис, состојбата сега е подобрена.

Но од друга страна сега бегалците со оглед на тоа што се гради прифатен центар надвор од градот немаат пристап до многу работи што би им биле потребни како на пример патики, некое лекарство ако Црвен крст го нема.

„Во поглед на организацијата, да, институциите се координираат подобро, не се создава толку гужва и нема толку насилство при влегување во воз или во автобус како што имаше порано, но од друга страна сега бегалците со оглед на тоа што се гради прифатен центар надвор од градот немаат пристап до многу работи што би им биле потребни како на пример патики, некое лекарство ако Црвен крст го нема“, вели Андреевска.

Во меѓувреме по хаотичните сцени од границата реагираше и позасилено се вклучи агенцијата на ОН за бегалци УНХЦР. Претходно соопштија дека добиле уверување од македонската влада дека границите ќе бидат отворени и нагласија дека има итна потреба властите да го зголемат своето присуство и капацитети во областа за да се осигура поорганизиран проток.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG