Достапни линкови

logo-print

Протести во Истанбул против Ердоган и ИД


Полицијата во Истанбул употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите кои ја обвинија владата дека била одговорна за самоубиствениот напад што вчера се случи во Суруч, при што загинаа триесетина луѓе. Турската влада се сомнева дека зад нападот стојат милитантите на Исламската држава.

Демонстрантите се собраа на плоштадот Таксим во Истанбул, по нападот во градот Суруч, кој претежно е населен од Курди и кој се наоѓа на границата со Сирија.

Некои од демонстрантите извикуваа „Смрт за Исламската држава и соработникот Ердоган“.

Турските Курди се незадоволни од тоа што властите во Анкара не преземаат доволно мерки за да го запрат дејствувањето на милитантите на Исламската држава.

Претходно, Курдската работничка партија соопшти дека одговорна за нападот во Суруч е турската влада.

Сојузниците на Турција во НАТО бараат построги контроли на порозната граница со Сирија која минува и покрај териториите кои се под контрола на милитантите на Исламската држава.

Во соопштението се наведува дека Анкара ги поддржува и култивира милитантите на Исламската држава против Курдите во Сирија.

Протестите во Истанбул главно беа мирни, но некои од демонстрантите почнале да фрлаат шишиња и камења врз полицијата. Слични протести имало и во Анкара и Дијарбекир.

Во меѓувреме, Турција најави дека ќе ги зајакни безбедносните мерки на границата со Сирија.

„Мерките на нашата граница со Сирија ќе продолжат и ќе бидат зајакнати. Но нашите граѓани би требало да знаат дека земјите во регионот во кои има тензии, насилства и судири би можело да влијаат врз мирот во Турција“, изјави премиерот Ахмед Давутоглу.

Турски официјални претставници се сомневаат дека зад вчерашниот самоубиствен бомбашки напад во Суруч стојат милитантите на Исламската држава. Во експлозијата во дворот на еден културен центар биле ранети 100 лица.

Суруч е во близина на сирискиот град Кобани каде што курдите кон крајот на јуни ја презеле контролата од милитантите на Исламската држава.

Весникот „Хуриет“ објави дека напаѓачот била 18-годишна девојка, но за тоа веднаш немаше официјална потврда.

Сојузниците на Турција во НАТО бараат построги контроли на порозната граница со Сирија која минува и покрај териториите кои се под контрола на милитантите на Исламската држава.

Но таквата контрола станува се потешка со глед на тоа што расте бројот на бегалци и шверцот од Сирија.

Во моментов на турската страна на границата имало над милион и 800 илјади бегалци.

Нападот во Суруч доаѓа на неколку недели откако Турција распореди дополнителни сили и опрема на делови од границата со Сирија, загрижена од ризикот за прелевање на борбите меѓу курдските сили, бунтовнички групи, сириските владини трупи и милитантите на Исламската држава.

Турските лидери соопштија дека не планираат унилатерален воен упад во Сирија, но најавија дека ќе сторат се што е потребно за да ги одбранат границите на земјата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG