Достапни линкови

Турција ја отвори границата за бегалци од Сирија


Илјадници сиријци влегоа во Турција откако турските власти по неколку денови повторно ја отворија границата. „Нема начин да не спречите се додека таму се страда“, велат тие, повикувајќи ги европските лидери да обезбедат безбеден пат за нив. До новиот бран бегалци дојде по интензивирањето на борбите во близина на границата.

Курдските сили поддржани од американски воздушни напади започнаа борби против милитантите на Исламската држава во близина на границата со Турција.

Загрижен од можното натамошно напредување на курдите во Сирија, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека курдските групи ги преземале подрачјата кои ги напуштаат арапите и туркмените.

Тоа, според него, би можело да биде голема закана за Турција. Курдските силиденовиве успеале да навлезат во провинцијата Рака која се смета за главно упориште на милитантите на Исламската држава и сега се обидуваат да се поврзат со курдите во северниот дел на Сирија.

Турција е загрижена поради опасноста тоа да не го искористат и припадниците на курдското малцинство кое живее на југозападот на Турција.

По најновите борби во Сирија само во изминатава недела во Турција влегле околу 13 илјади луѓе.

Запрете ја болката. На еден или на друг начин бегалците ќе сакаат да пристигнат до богатите земји. Сиријците ќе продолжат да го прават тоа. Подобро да им помогнете отколку да им го отежнувате тој пат.

Локалните медиуми јавуваат дека милитантите на Исламската држава се обидувале да ги спречат бегалците да влегуваат во Турција и повторно да се вратат во градот Тел Абијад.

Турските граничари, како што јавуваат агенциите, деновиве им дозволувале влез само на оние со уредни патни документи. Повеќето од сириските бегалци како крајна дестинација ја гледаат Европската унија. Некои од нив преку Медитеранот пристигнуваат на грчките острови.

„Се обидуваме да најдеме некоја земја која ќе сака да не прими. Тоа е се. Знаете, живееме во војна и бегаме од големите страдања“, вели триесет годишниот Ашер кој бил инженер во Хомс и кој заедно со семејството преку Турција успеал да стигне во Грција.

Со иста судбина се и Сиријците Махмуд и Хасан кои, како што велат работеле во хотелот Шератон во Алепо.

Тие избегале од градот пред еден месец, потплатиле за да влезат во Турција и за да стигнат до грчкиот остров Кос. Сега ги чекале да дојдат и другите членови на нивните семејства за да го продолжат патувањето.

Махмуд и Хасан велат дека се додека војната продолжува во Сирија, се дотогаш луѓето ќе бегаат и ќе бараат спас во Европа.

Бегалците велат дека доволно страдале и бараат од европските лидери да им обезбедат побезбедни патишта.

„Запрете ја болката. На еден или на друг начин бегалците ќе сакаат да пристигнат до богатите земји. Сиријците ќе продолжат да го прават тоа. Подобро да им помогнете отколку да им го отежнувате тој пат“, вели еден 24 годишен Сириец кој го напуштил својот дом во Дамаск.

Последните податоци покажаа дека годинава во Европа, преку Медитеранот влегоа над 103 илјади бегалци, 54 илјади во Италија и 48 илјади во Грција.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG