Достапни линкови

logo-print

Неделен печат - Прислушување и рејтинзи


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Фокус пишува дека Заев е сардисан од сите страни, а Груевски нема кој да го чепне. Глобус посочува дека буџетот на УБК во изминатите 9 години бил зголемен за 100 пати, а Република дека и покрај бомбите, рејтингот на власта е двојно поголем од тој на опозицијата.

Фокус - Заев сардисан од сите страни, Груевски нема кој да го чепне

Власта ги стави во погон сите институции да го неутрализира, а притоа самата да се заштити.

„Заев сардисан од сите страни, Груевски нема кој да го чепне“ - констатира во наслов најновиот Фокус, за во текстот да потсети дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се соочува со затворска казна за случајот ʼПуч‘, а претходно може да заврши и во притвор. Но, нему му се намерачени и Антикорупциската комисија и Управата за јавни приходи. Едноставно, власта ги стави во погон сите институции да го неутрализира, а притоа самата да се заштити, забележува понатаму неделникот. И додека Заев се бори против сите, за Груевски нема никаква правна опасност да одговара за прислушувањето и за содржината на аудиоснимките, потсетува Фокус.

Глобус - За 100 пати зголемен буџетот на УБК

Кога дојде ДПМНЕ на власт, ДБК имала на располагање 4,5 милиони евра, за денес таа сума да се испишува како сума од 345 милиони евра, што значи дека за 9 години од владеењето на семејството, буџетот се зголемил 100 пати, а безбедноста на државата е урнисана.

Кога сме кај прислушувањето, Глобус објавува интересни податоци од перото на голем познавач на состојбите во безбедносно-тајните служби: „Кога дојде ДПМНЕ на власт, ДБК имала на располагање 4,5 милиони евра, за денес таа сума да се испишува како сума од 345 милиони евра, што значи дека за 9 години од владеењето на семејството, буџетот се зголемил 100 пати, а безбедноста на државата е урнисана. А, апсолутен господар на тајните служби е премиерот Никола Груевски, во семејно партнерство со Сашо Мијалков, кои директно ги подредија МВР, ДБК, Обвинителството, инспекциските служби, Финансиската полиција, Судството и Агенцијата за разузнавање, која е во надлежност на претседателот на државата, но нејзин директор е докажаниот полтрон и воен другар на Мијалков, Боцинов“, потсетува Глобус.

Република - Убедлива предност на власта

Настан на неделата во Република е анкетата на ИРИ која покажала „убедливо водство“ на владејачката партија од 23 отсто доверба меѓу граѓаните, пред опозициската СДСМ, која имала поддршка од 11 отсто од анкетираните. Па вели дека се „Џабе бомбите, џабе лагите, кога ИРИ му го зададе најголемиот удар на лидерот на СДСМ во неговиот обид на нелегален и неморален начин да дојде на власт“, пишува Република.

Инаку, Фокус се чуди зошто Груевски, како што вели, со двојно повисок рејтинг, барем според анкетата на ИРИ, да не го отстапи премиерското место неколку месеци пред избори на друго „човече“, иронизира неделникот. Па, така ќе го патосира со нок-даун Заев за веки веков! Од што има уплав? - прашува Фокус кој смета дека „Груевски фројдовски се издаде дека е подготвен по секоја цена, со измама да ја држи власта. Да не се плаши од дузина ʼзаштитени сведоци‘ кои, ако дојде до фајронт за клиентелистичките оргии, кога нема да биде премиер, веќе се пријавени да пропеат!?“ - завршува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG