Достапни линкови

logo-print

Нова рунда меѓународни посредувања


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Откако Заев објави дека разговорите за надминување на политичката криза не дале успех, очекувањата за некакво раздвижување на работите најмногу се поврзани со доаѓањето на американскиот помошник државен секретар за Европа Викторија Нуланд в понеделник.

Истиот ден кога претседателот на СДСМ Зоран Заев во Скопје објави дека преговорите се неуспешни, еврокомесарот Јоханес Хан од Брисел порача - направете компромис и не губете време. На самата прес-конференција, Заев го обвини Груевски дека е оној кој ги одолговлекува разговорите. ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека со ваквиот потег Заев всушност бегал од изборите во април договорени во документот од 2 јуни. И додека партиите се обвинуваат, а странците инсистираат да не се губи време, се наметнува прашањето што сега.

Тие нови или реобновени меѓународни интервенции, кои може и веднаш да се случат од доаѓањето на Нуланд па натака треба да знаат што да прават во целава приказна, а не да глумат посредници. Тие мора да ја притиснат акупунктурната точка на македонските промени, а тоа е одењето на премиерот од власт.

Авторитарниот лидер, како што го нарекува професор Љубомир Фрчкоски премиерот Никола Груевски, сега имал шанса да го продолжи владеењето со форми на отворена диктатура, оценува тој. Опозицијата, според него, немала друга опција освен да продолжи со радикализација на политичката борба преку објавувањето на бомбите и протести.

„Тоа ќе создаде една атмосфера во која веројатно ќе има втора рунда на некакви меѓународни интервенции бидејќи Македонија е на премногу важна позиција за да биде потполно заборавена. Но, тие нови или реобновени меѓународни интервенции, кои може и веднаш да се случат од доаѓањето на Нуланд па натака треба да знаат што да прават во целава приказна, а не да глумат посредници. Тие мора да ја притиснат акупунктурната точка на македонските промени, а тоа е одењето на премиерот од власт“, вели Фрчкоски.

Јас се надевам дека ќе продолжат преговорите затоа што е добро да имаме решение, се разбира решение кое би било пред сè добро за Македонија, но и решение кое ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ ќе им наметне чувство на пораз.

Аналитичарот Владимир Божиновски, пак, смета дека не е сè завршено со преговорите за чиј досегашен неуспех ја обвинува опозицијата, која според него инсистирала сè да се заврши брзо, а настапувала со ултимативни позиции.

„Јас се надевам дека ќе продолжат преговорите затоа што е добро да имаме решение, се разбира решение кое би било пред сè добро за Македонија, но и решение кое ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ ќе им наметне чувство на пораз“, вели Божиновски.

Заев вчера сепак остави отворена можност за разгледување на, како што рече, конкретен предлог од меѓународната заедница кој би содржел споделени одговорности и гаранции меѓу власта и опозицијата.

Деновиве, пак, очекувањата за некакво раздвижување на работите најмногу се поврзани со доаѓањето на американскиот помошник државен секретар за Европа Викторија Нуланд в понеделник. Фрчкоски оценува дека е тешко да се процени до кога ќе трае ваквата ситуација, но оти и времето на разрешување зависи од ангажманот на меѓународниот фактор.

„Тоа може да се реши со чудо, за два три дена. Седнуваат, тој се повлекува, дава изјава, по некаков разговор со некој од тие меѓународни претставници и тука завршува целата работа. Истовремено може да трае и непредвидливо долго, пропаѓаат изборите во април и тоа трае, една траума на внатрешно распаѓање“, вели Фрчкоски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG