Достапни линкови

logo-print

Македонија од почетокот на самостојноста има отворени проблеми со соседите кои никако да се затворат, а во меѓувреме се отвораат и нови.

Грција ја блокира Македонија во НАТО и во Европската унија поради нерешениот спор за името, бугарските политичари неколкупати се закануваат со сличен потег ако не се постигне договор за добрососедство, а последно во земјава одекна веста дека и албанскиот премиер Еди Рама се заканил со блокада на приемот во НАТО ако не се почитува Охридскиот договор. Подоцна тој негираше дека упатил таква закана, туку рече дека побарал само целосно почитување на Рамковниот договор, но во нервозната атмосфера во земјава создадена од внатрешните проблеми и од фрустрациите поради односите со соседите се чини демантот не доби толкаво внимание, па продолжија обвинувањата дека, ете, и официјална Тирана е против нас.

Мислам дека Македонија води една добрососедска политика, политика прво на економска размена, културна размена, социјална размена, при што дури меѓународниот суд во Хаг во однос на Грција потврди дека таа апсолутно ништо не направила за да ги влошува тие односи.

Со Косово, пак, односите се постојано на ниво на избувнување на некое ново несогласување. Навидум на ниво на официјални посети и контакти во релациите не постојат големи проблеми, но постојано некој инцидент ги подрива врските меѓу двете земји. Последен беше настанот во Куманово, по кој официјална Приштина со доза на недоверба кон акцијата на македонските безбедносни власти почна да бара меѓународна истрага за тоа што се случуваше на деветти мај.

Српската политика официјално постојано ја поддржува македонската, но односите во континуитет се засенети од спорот меѓу двете цркви.

Ние за да може да си ги оствариме своите стратешки цели, како и сите останати соседи, а тоа е да станеме членки на евроатлантските структури, мораме да се соочиме со тој факт и да почнеме да ги решаваме тие проблеми со соседите.

Нова држава, многу проблеми

Според професор Димитар Мирчев земјава не е исклучок, оти, како што вели, и другите држави имаат проблеми со своите соседи, па ги набројува несогласувањата меѓу Грција и Турција, Србија и Албанија, Хрватска и Словенија. Но, земјава е во поинаква ситуација од другите, поради ветото од Грција, напоменува Мирчев.

Во секој судир, во секое недоразбирање, секогаш двајцата се виновни, меѓутоа во конкретниот случај, што и да направеше Македонија не можеше да биде многу различно од тоа што се случува денеска, што на некој начин кулминира и обидот за затворање на македонското прашање. Тој процент на наша вина е минимален и немаше никакво влијание на сето она што се случува, ние бевме класична жртва на туѓи интереси, на туѓи политики.

„Мислам дека Македонија води една добрососедска политика, политика прво на економска размена, културна размена, социјална размена, при што дури меѓународниот суд во Хаг во однос на Грција потврди дека таа апсолутно ништо не направила за да ги влошува тие односи“, вели Мирчев.

Постои ли виновник за тоа што Македонија речиси 24 години по осамостојувањето нема затворено прашање со соседите и дали вината треба да се бара само дома или пак и во непосредното опкружување?

Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески упатува на тоа дека Македонија е нова држава на Балканот и дека е разбирливо да се отворат, како што вели, низа историски проблеми од соседите.

„Ние за да може да си ги оствариме своите стратешки цели, како и сите останати соседи, а тоа е да станеме членки на евроатлантските структури, мораме да се соочиме со тој факт и да почнеме да ги решаваме тие проблеми со соседите“, вели Малески.

Со Албанците, со Албанија нема некој отворен проблем, навидум нема, во суштина не се тоа добрососедски односи, туку се на ниво на толеранција. Со Косово сите знаеме дека таа тензија не е изразена, но потајно македонската политика е во добри односи со Србија ѝ помага на Србија на одреден начин и самото признавање на независноста на Косово не беше доброволна одлука, туку под притисок на ЕУ и под притисок на голем број Албанци кои живеат во Македонија.

Тој додава дека за ваквата ситуација во која е доведена земјава вина има и македонската политика.

„Но, иако можеби почетокот ни беше модерен, ние потоа отидовме назад во историјата, обидувајќи се својата позиција да ја дефинираме влегувајќи во трка со соседите за тоа која нација е постара, која држава е постара итн.“, вели Малески.

И поранешниот амбасадор Ристо Никовски се согласува дека има проблеми и во македонската дипломатија, но од аспект на тоа што не била доволно ефикасна да ги промовира универзалните барања и права на државава, а требала и да ги отвори картите до крај и да игра без ракавици.

Соседите имаат вина, апсолутно имаат вина, особено Грција, затоа што ја блокира Македонија на патот кон НАТО и ЕУ и крши меѓународно право, меѓутоа факт е дека вината е и наша, ние познаваме периоди кога сме имале многу нагорен развој на меѓусоседските односи, а тоа е кога сме се вложувале себе си, сме биле позитивни и што е најзначајно сме придобивале европски и светски глобални партнери на своја страна, за жал оваа влада во континуитет не го прави тоа, туку на директен или индиректен начин прави чекори со кои не придонесува за развој на односите.

„Во секој судир, во секое недоразбирање, секогаш двајцата се виновни, меѓутоа во конкретниот случај, што и да направеше Македонија не можеше да биде многу различно од тоа што се случува денеска, што на некој начин кулминира и обидот за затворање на македонското прашање. Тој процент на наша вина е минимален и немаше никакво влијание на сето она што се случува, ние бевме класична жртва на туѓи интереси, на туѓи политики“, вели Никовски.

Соседите во втор план

Засега, пак, поради сериозните внатрешно политички проблеми барањето на решение за несогласувањата со соседите паднаа во втор план, а некои токму поради актуелни домашни превирања добиваат и интензитет.

Проблемот меѓу Македонија и Бугарија се чини беше ставан во втор план сè до декември 2012 година кога пред тогашниот Самит на Европската унија, на кој требаше повторно да се дискутира за датумот за почеток на преговори за зачленување, во Софија координација одржа тамошниот државен врв, кој соопшти дека перспективата за еврочленство ќе се отклучела, не преку пропаганда и маркетинг-кампањи, туку преку реални активности за зајакнување на добрососедските односи меѓу Бугарија и Македонија. Од тогаш досега се одржуваат состаноци на работни групи од двете земји, но нема најава за конечно постигнување на некаков договор. Поврзано со актуелниве случувања, официјална Софија беше директно засегната по изјавите на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој рече дека се отворала темата дека Македонија требало да се федерализира и дури, како што додаде, се изразила идејата за територијална поделба, да се подели земјата на Албанија и Бугарија. По ова неколку пати реагираа бугарски официјални лица, а и премиерот Бојко Борисов неодамна рече дека се категорично против федерализација на Македонија.

„Кога веќе сфатија и другите соседи дека Македонија не се признава, Македонија се условува цело време и дека се работи на разнебитување на македонскиот народ и тие ги зголемија своите апетити, така што Бугарија, нејзината политика на негирање на македонски народ, на македонски јазик и слично сега доживува еден климакс“, вели Никовски.

Поранешниот дипломат Алајдин Демири смета дека проблемот со Бугарија и не е толку тежок за решавање.

„На пример спорот за јазикот. Да се донесе одлука, да се договорат тие две влади и тоа е тоа, македонскиот јазик постои и сличноста меѓу македонскиот и бугарскиот не е лексички проблем дека е ист јазик, туку е национален проблем и јазиците така се развивале“, вели Демири.

Премиерот на Косово Иса Мустафа побара од Груевски меѓународна истрага за случувањата во Куманово, транспарентен пристап кон прашањето и детална истрага за секоја, како што рече, можна подбуцнувачка вмешаност.

„Со Албанците, со Албанија нема некој отворен проблем, навидум нема, во суштина не се тоа добрососедски односи, туку се на ниво на толеранција. Со Косово сите знаеме дека таа тензија не е изразена, но потајно македонската политика е во добри односи со Србија ѝ помага на Србија на одреден начин и самото признавање на независноста на Косово не беше доброволна одлука, туку под притисок на ЕУ и под притисок на голем број Албанци кои живеат во Македонија“, вели Алајдин Демири.

До минатата година се чини целата македонска јавност беше исклучиво свртена кон Грција и проблемот за името, па се броеја средбите на политичарите од двете страни и оние на претставниците на двете земји со посредникот Метју Нимиц. Од штурите изјави и соопштенија аналитичарите се обидуваа да прочитаат и да толкуваат има ли некаков напредок во спорот поради кој се блокирани македонските евроатлански интеграции.

Во последниот период проблемот со официјална Атина се чини дека барем јавно е целосно паднат во заборав.

Според Малинка Ристовска-Јорданова од Институтот за Европска политика, државната политика во последниве години ги влошила односите со јужниот сосед и го отежнала патот за наоѓање компромис.

„Соседите имаат вина, апсолутно имаат вина, особено Грција, затоа што ја блокира Македонија на патот кон НАТО и ЕУ и крши меѓународно право, меѓутоа факт е дека вината е и наша, ние познаваме периоди кога сме имале многу нагорен развој на меѓусоседските односи, а тоа е кога сме се вложувале себе си, сме биле позитивни и што е најзначајно сме придобивале европски и светски глобални партнери на своја страна, за жал оваа влада во континуитет не го прави тоа, туку на директен или индиректен начин прави чекори со кои не придонесува за развој на односите“, вели Ристовска-Јорданова.

Во однос на Србија, иако политичарите од двете земји постојано нагласуваат дека спорот меѓу српската и македонската православна црква нема ништо со државите кои се секуларни, сепак овој проблем го загрозува односите меѓу двата соседа. Сепак за разлика од другите прашања во односите меѓу МПЦ и СПЦ се случува нешто ново. Имено, српската црква минатиот месец одобри нов дијалог со македонската црква, услов МПЦ да ги прекине сите судски спорови, како и постапките против членовите на ПОА. Видливи беа и според многумина пренагласените реакции на политичарите од северот поврзани со кумановскиот инцидент, па зад нив дел домашни аналитичари побараа друга поврзаност

„Тоа беше сè драматизирано до крајна мера, така што се наруши практично сликата дека македонската влада има одлични односи со српската влада, а сега ова покажа дека всушност дека таа слика не е баш таква, не е идилична“, вели Ристовска-Јорданова.

Влошување наместо подобрување на односите со соседите

Според неа, односите со сите соседи во последниве години, наместо да се подобрени, се влошени. Особено во Бугарија и во Албанија, додава Ристoвска-Јорданова, има перцепција дека Македонија не е добронамерна кон нив.

„Ние сериозно треба да се замислиме околу тоа, секако дека е проблем што веќе со ниту една држава немате добри односи, значи не сме ние изолирани. Кога за Грција станува збори, Грција и Бугарија имаат некакви односи, па кога ќе се приклучи Бугарија на некои барање на Грција, особено што и двете се членки на ЕУ, за нас тоа дополнително се комплицира, значи ние мора да бидеме многу активни, многу поконструктивни во тие односи, за да може да имаме напредок, а не назадување како што тоа е сега и што е најбитно е да имаме образ пред европските партнери, вака е проблем да имаме приврзаници кај посилните држави во Европа“, вели Ристовска-Јорданова.

Според Мирчев, потребна е поголема активност на македонската дипломатија.

„Билатералните односи во секој случај се битни и сметам дека ние тука можеме да направиме многу повеќе имаме основа тоа да го направиме. Многу се надевам дека нашата демократија ќе се активира во таа насока и на соседите и на регионот и на Европската унија и пошироко да им објасни дека ние сме за тие позитивни чекори и пацификација и смирување, меѓутоа и за добрососедски односи и за меѓусебна доверба на Балканот“, вели Мирчев.

Нашиот дел од вината е што влегуваме во расправии околу историски теми, наместо да се дефинираме себе си како млада нација и млада држава и да ги ставиме пред свршен чин нашите соседи да зборуваат за историјата колку што сакаат а ние да тргнеме напред, сугерира професорот Малески.

„Мораме внимателно да се дефинираме себе си, да видиме што е она во нашето поведение предизвикува нервоза кај соседите и потоа да не влегуваме во некакви си историски кавги и расправии како што тоа го правиме со нашите балкански соседи, туку откако ќе ги апсолвираме овие генерални теми да се поврземе со оној дел од Европа кој нè вика, а тоа е Брисел и земјите од Западна Европа кои ги имаат апсолвирано овие теми одамна и веќе имаат отворено една нова перспектива во меѓусебните односи, сосема различна од оваа балканската“, вели Малески.

Демири смета дека проблемите може да се надминат ако државата почне сериозно да преговара со соседните земји.

„Тие проблеми многу лесно се надминуваат, ако сериозно работи државата, односно владата на Македонија“, вели Демири.

Деновиве Институтот за демократија Социетес Цивилис објави истражување на јавното мислење според кое најголем дел од етничките Македонци сметаат дека главната причина за тоа што Македонија не е дел од ЕУ се соседите, односно 46,1 отсто, а истото го мислат и 37,2 отсто од етничките Албанци.

Ја реобјавуваме саботната анализа што првично беше објавена на 6 јуни годинава.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG