Достапни линкови

Македонија сè поатрактивна за сајбер криминал


Банките и он-лајн продавниците се најчеста мета, вели Ѓоко Крстиќ, професор и инженер за безбедност на информации. Како една од причините тој ги наведува финансиите, односно скапата инвестицијата во заштита на податоците на потрошувачите.

Македонија бележи раст на компјутерскиот криминал. Најчесто застапени дела се оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем, изработка и употреба на лажна платежна картичка, злоупотреба на лични податоци, повреда на софтвер, пиратерија и правење на недозволени финансиски трансакции со помош на компјутер.

Другите компании како што се он-лајн продавници, што не се ни толку многу заштитени, се таргет на такви напади и нормално ќе видиме и пораст на сајбер криминалот во Македонија.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи во 2013 година се евидентирани 100-тина кривични дела извршени со компјутер, што е за двојно повеќе од претходната година.

Ѓоко Крстиќ, професор и инженер за безбедност на информации во „zeroscienеs lab“, вели дека банките и он-лајн продавниците се најчеста мета.

Мислам дека првата причина се финансиите, значи инвестирањето во такви безбедносни солуции, производи е многу скапо. Може да чини и до 10 илјади долари за еден проект, зависно од клиентот.

„Затоа можам да кажам дека освен банките и некои од поголемите финансиски организации во Македонија, кои тука и таму инвестираат во заштита на податоците на потрошувачите, инвестираат во таквите решенија, другите компании како што се он-лајн продавници, што не се ни толку многу заштитени, се таргет на такви напади и нормално ќе видиме и пораст на сајбер криминалот во Македонија“, вели Крстиќ.

Тој додава дека компаниите во Македонија немаат интерес да се заштитат од ваквиот вид на криминал. Причините за тоа ги гледа во недостатокот на финансии и неинформираноста за безбедноста на информациите.

„Мислам дека првата причина се финансиите, значи инвестирањето во такви безбедносни солуции или производи е многу скапо. Може да чини и до 10 илјади долари за еден проект, зависно од клиентот. Но, во Македонија обично тој што работи како администратор, работи и како човек задолжен за безбедност и администратор за дата бази и каква било позиција да ја заврши само еден човек или двајца да завршат 10 работи и затоа имаме такви проблеми, посебно во Македонија“, вели Крстиќ.

Тој вели дека во земјава постојат и луѓе кои што нудат хакерски услуги за одредена цена.

„Има такви луѓе што ентузијастички сакат да учат и пробуваат и не знаат што е легално, што не е, тука настануваат и проблеми, навлегол во компјутер, сменил веб страна, или дифејс или украл кредитни картички, значи има нелегални активности“, вели Крстиќ.

Закони постојат, но недостига свесност за поголема заштита, вели тој. Карактеристично за интернет криминалците е што најчесто станува збор за млада популација. Еден од покарактеристичните случаи е откривањето на група хакери, кои влегувале во системите на банките и од одредени сметки земале финансиски средства.

Според евиденцијата на МВР во 2013 година биле откриени две криминални групи кои се занимавале со сајбер криминал. Едната купувала производи користејќи фалсификувани платежни картички, додека другата поставила скимер на банкомати со што добиле податоци за платежни картички по што извршиле околу 500 нелегални финансиски трансакции. Статистиката покажува значителен пораст на компјутерскиот криминал во Македонија. Во 2011 се регистрирани 61 дело од областа на компјутерскиот криминал, во 2010 година се сторени 48 дела, а во 2009 е забележано трикратно зголемување во однос на претходните години.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG