Достапни линкови

САД и ЕУ бараат транспарентен процес против Заев


Амбасадата на САД во Македонија со загриженост го следи кривичниот случај против лидерот на опозицијата, Зоран Заев, и апсењето на три други лица за наводен обид за загрозување на уставниот поредок, се вели во соопштението на Амбасадата.

„Ги повикуваме властите да ги задоволат највисоките стандарди на правната држава, транспарентноста, принципиелноста, заштитата на слободата на говорот, како и судската независност во текот на процесот, за да се осигура интегритетот на демократските процеси во Македонија“, соопштува американската Амбасада.

Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) на Европската унија преку соопштение бара почитување на правата на обвинетите.

„Обвиненијата се однесуваат на наводна шпионажа и насилни закани насочени кон претставниците на Владата со цел поткопување на уставниот поредок. Ова се многу сериозни обвиненија и ние потсетуваме на неотуѓивото право за независна и транспарентна истрага во случај на какво било наводно погрешно работење, целосно почитување на правата на обвинетите во согласност со законот и меѓународните стандарди, вклучувајќи го и принципот на презумпција на невиност. Исто така, ЕУ ја повторува својата загриженост во врска со влошувањето на политичкиот дијалог во земјата. Политичките партии треба да се воздржуваат од дејствија што уште повеќе ќе ја поткопа ситуација“, се вели во соопштението на дипломатската служба на ЕУ.

Покрај Заев, во акцијата „Пуч“ се осомничени и поранешниот прв разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња и вработениот во Општина Струмица, Бранко Пелифров. Сите освен Заев се во притвор, а на него му е одземен пасошот и еднаш неделно треба да се пријавува во струмичкиот суд.

XS
SM
MD
LG