Достапни линкови

Како банда од Балканот извлече руски бизнисмен од домашен притвор во Италија


Владимир Јованчиќ не се срамеше од својата наклонетост кон криминалното подземје: името на неговиот профил на Тик-Ток, каде што објавуваше видеа за православни цркви, глисери и скапи бунди, е руската фраза „ворзакон“ или „законски крадец“, сленг на популарната култура за легендарниот универзум на рускиот организиран криминал.

Јованчиќ, државјанин на Босна и Херцеговина, на 17 февруари 2023 година, во 9:30 часот, тргнал на патување од италијанскиот град Десенцано дел Гарда, на јужниот брег на езерото Гарда.

Неговите два мобилни телефони беа „закачени“ на базните станици во селата додека возел до миланското предградие Базиљо – нешто повеќе од четири часа возење.

Видео од Тик-Ток профилот на Владимир Јованчиќ покажува брод на непозната локација:

Видео од Тик-Ток профилот на Владимир Јованчиќ покажува брод на непозната локација
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:15 0:00

Тоа било еден од првите чекори во заговорот што кулминираше со смело бегство од домашен притвор на Русинот Артем Ус, кого го бараат американските власти поради обвинение дека во Русија шверцувал чувствителна технологија што се користи за руското оружје во Украина.

Таткото на Ус, беше моќен руски гувернер со врски со државниот нафтен гигант Роснефт и лични врски со претседателот Владимир Путин.

Бегството на Ус, еден ден откако италијанскиот суд ја одобри неговата екстрадиција во САД, беше длабоко непријатно за италијанските власти; Италија, како што рече еден претставник, „се посрамоти на меѓународно ниво“.

За неговото апсење американската владаодреди награда од седум милиони долари.

Потерница на американската влада за Артем Ус
Потерница на американската влада за Артем Ус

Но, замрсениот план за бегство на УС понуди и увид во операциите на транснационалната организирана криминална група вкоренета во Србија. Планот, исто така, посочи колку добро Руси со добри врски, всушност морале да се потпрат на разузнавачките агенции за да го извлечат бараниот бизнисмен од притвор и да го прошверцуваат надвор од дофатот на италијанските и американските власти.

Италијанското обвинителство поврза шест лица со заговорот за бебгство. Тројца се во притвор – еден во Хрватска, еден во Словенија – и двајцата чекаат екстрадиција во САД, а другиот е во Италија. Останатите три лица сè уште се во бегство.

Користејќи истражен материјал и видео-снимки од надзорот обезбедени од италијанските власти, како и докази поднесени од обвинителите во САД и две други земји, РСЕ реконструираше како Ус избегал од домашен притвор во Милано, преминајќи три граници и крајот полетувајќи од Белград до дома во Русија.

Јануари 2023 година

Ус (41) беше обвинет од американска голема порота во септември 2021 година, заедно со руски деловни партнери и уште четири лица, дека искористил германска компанија за шверц на воени технологии на руски тајкуни и компании, што ги прекршува западните санкции. Овие парчиња технологија подоцна се појавија на бојното поле во Украина.

Еден месец подоцна, на 17 октомври 2022 година, тој беше уапсен на аеродромот во Милано врз основа на американска потерница. Пет недели подоцна, судот во Милано го ослободи во домашен притвор наместо да го држи во затвор. Овој потег ги загрижи американските власти, а по бегство предизвика и критики.

Ус не беше странец во Италија. Неговото семејство таму поседувало недвижен имот, вклучувајќи хотели, а тој наводно поседувал винарија во Сардинија. Неговиот деловен партнер, Јуриј Орехов, кој беше обвинет во истото американско обвинение од 2022 година, беше уапсен во Германија, каде што од притвор очекува екстрадиција.

Во јануари 2023 година, Ус го регрутирал Јованчиќ „и други лица поврзани со српска организирана криминална група … за да му помогнат да избега во Русија во случај да биде одобрена неговата екстрадиција“, се вели во описот на обвинението од американското Министерство за правда.

Во истиот месец Јованчиќ (53) во хотел во Милано ја запознал сопругата на Ус, манекенката Марија Јагодина. Двајцата се договориле за шема според која Јованчиќ, за да не предизвика сомнеж, ќе се преправа дека доставува намирници во резиденцијата на Ус.

Јагодина му дала на Јованчиќ мобилен телефон и аванс од 10.000 евра, соопшти Министерството за правда, а подоцна му била дадена и картичка која му служела како клуч за влез во куќата.

Ус беше во домашен притвор во богата населба од затворен тип, Борго ди Вионе во Базиљо, на јужната периферија на Милано. Куќи со покриви од теракота и одвоени градски куќи со уредени тревници, комплекс кој се продава како семејна локација со ресторани, базен, спа и други удобности.

Италијанската полиција соопшти дека го проверувала Ус неколку пати на ден, но еден пратеник го оспорил тоа тврдење на парламентарна седница одржана по неговото бегство.

Февруари 2023 година

Ден откако мобилниот телефон на Јованчиќ бил регистриран на базните станици во Базиљо, по возењето од Десенцано дел Гарда, тој се приклучил на германската мобилна мрежа во Готинген, оддалечена повеќе од 670 километри од Милано.

Не е сосема јасно што направи Јованчиќ во Базиљо, а потоа и во Германија. Меѓутоа, визуелната презентација подготвена за миланските карабинери го идентификуваше ова негово патување како „прва инспекција“, кога Јованчиќ, наводно, ја обиколил куќата и направил планови за бегството на Ус.

Нејасно е дали Јованчиќ патувал со авион или со автомобил.

20 февруари 2023 година

Телефоните поврзани со Јованчиќ подоцна беа снимени на италијанската мобилна мрежа, назад во Десенцано дел Гарда, во 11:06 часот. Не е јасно како и кога точно отпатувал од Германија.

Неговите телефонски сигнали го забележале неговото патување на запад, на автопатот А4, пристигнувајќи во миланското предградие Базиљо во 15:16 часот.

Поминал помалку од еден час во метрото; телефонскиот сигнал подоцна му бил регистриран во близина на Сан Џулијано Миланезе, околу 17 километри источно, во 16:03 часот. А подоцна повторно во Десенцано дел Гарда во 5:54 попладне.

Тоа патување беше „втора обиколка“, според миланската полиција.

22 февруари 2023 година

Телефонските сигнали покажуваат дека мобилниот на Јованчиќ го напушта Десенцано дел Гарда и патува кон исток, поминувајќи низ Словенија и Хрватска пред да пристигне во Србија во 19:23 часот.

5 март 2023 година

Јованчиќ се вратил од Србија во Италија со автомобил, пристигнувајќи во Десенцано дел Гарда во 8:30 попладне, според телефонските записи.

Два дена пред неговото заминување, тој објавил видео на својот профил на Тик-Ток за Православната црква во Романија.

Името на профилот е „Vor v Zakon“ или „Законски крадец“, надалеку позната руска фраза која се однесува на шефовите на организираниот криминал во Русија.

6 март 2023 година

Телефонскиот сигнал од мобилниот на Јованчиќ покажа дека тој го напушта Десенцано дел Гарда во 8:30 часот, во она што италијанската полиција го опишува како „трета обиколка“ на теренот.

Еден ден подоцна, Јованчиќ повторно се возел до резиденцијата на Ус. Од Десенцано дел Гарда заминал во 8:30 часот и се упатил кон Милано преку Алесандрија на југозапад, наместо преку директен пат. Од неговиот мобилен телефон се гледа дека тој бил во Милано во 12:54 попладне и во Базиљо во 4:25 часот. попладне.

Еден час подоцна, неговиот телефонски сигнал бил забележан на Трезано сул Навиглио, а потоа и на словенечката граница на преминот „Нова Горица“, каде се чини, поминал со автомобил во 10:06 попладне.

Од 7 до 11 март 2023 година

Мобилниот телефон на Јованчиќ покажува како тој пристигнува на неидентификувана локација во Србија во 15:22 часот. Четири дена подоцна, тој се вратил во Италија, според полицијата. Неговите мобилни телефони биле регистрирани во Германија утрото на 11 март, а потоа во Десенцано дел Гарда нешто по 15 часот.

Италијанската полиција соопшти и дека италијанската мобилна мрежа го регистрирала мобилниот телефон на 51-годишниот Србин Срѓан Лолиќ. По влегувањето во Италија во близина на Трст, тој се упатил кон Милано каде што пристигнал нешто пред 08 часот попладне на 11 март.

Малку се знае за Лолиќ. Работел како генерален директор на хотелот „Путник Ин“ во Белград од средината на 2018 година до почетокот на 2020 година. Според српскиот корпоративен регистар, тој поднел оставка на 9 февруари 2023 година како член на одборот на директори во корпорација која ги дели истите адреса и менаџмент како и хотелот „Путник Ин“.

Хотелот е во сопственост на бизнис конгломерат чии акционери се државјани на Кипар и Србија. Руски бизнисмен е наведен како директор на заедничката корпорација.

Хотелот „Путник Ин“ во Белград
Хотелот „Путник Ин“ во Белград

Во април 2023 година, помалку од еден месец откако Ус избега од домашен притвор во Италија, беше објавено дека Лолиќ слетал на Северниот пол, тврдејќи за еден белградски весник дека тој е првиот Србин што стапнал таму. Тој за весникот изјави дека патувал преку Москва и Краснојарск, каде што се качил во воен авион на пат кон север.

Краснојарск е главен град на истоимениот сибирски регион богат со минерали, чиј гувернер некогаш бил таткото на Ус, Александар. Американските власти соопштија дека Александар Ус бил „близок соработник на претседателот Владимир Путин“.

Лолиќ вечерал со гувернерот по враќањето во Краснојарск, изјави тој за белградски весник.

Пет дена откако се појави написот за Лолиќ, Александар Ус објави дека се повлекува од функцијата гувернер на Краснојарск. Тој рече дека неколку дена претходно се сретнал со Путин, кој му предложил да се пресели на друга позиција. Причините за неговото заминување не беа соопштени.

12 март 2023 година

Следењето на сигналот од мобилниот телефон на Јованчиќ, покажува дека тој заедно со неговиот син Борис, го напуштаат Десенцано дел Гарда во 9:11 часот и пристигнува во Милано, 90 минути подоцна.

Потоа, според полициските извештаи, таткото и синот заедно со Лолиќ извршиле увид на локацијата на имотот во Бесиљо каде што престојувал Ус. Заминале во 12:59 часот, а се чини дека Лолиќ потоа ја напуштил Италија минувајќи низ Венеција во 20:13 часот.

16 март 2023 година

Јованчиќ и неговиот син купиле „волво в60“ од дилер на автомобили во Кастењато, град меѓу езерото Гранде и Милано, некаде помеѓу 9:27 и 10:30 часот наутро. Автомобилот е регистриран на име Борис Јованчиќ.

Владимир Јованчиќ потоа истиот ден возел кон Србија, поминувајќи преку Хрватска на преминот „Батровци“ во 18:36 часот. „Волво“ со италијански регистарски таблички ЕП605ВА било снимено на видео надзор на граничниот премин.

21 март 2023 година

Мобилните сигнали покажаа дека Владимир Јованчиќ ја напуштил Србија во 17:02 часот и пристигнал во Десенцано дел Гарда во 23:20 попладне.

Телефонот на Лолиќ во 20:22 часот бил регистриран на граничниот премин „Батровци“. Возел „ауди А8 седан“ со српски регистарски таблички БГ1768ХП, кој го изнајмил од белградски „Путник Ин“. Според италијанските обвинители, на Лолиќ во возењето му се придружил и 47-годишен Србин по име Небојша Илиќ.

Подоцна истиот ден, италијанскиот суд го отвори патот за Ус да биде екстрадиран во САД, пет месеци откако Ус првично беше уапсен на аеродромот во Милано.

22 март 2023 година

Матеј Јанежиќ, 40-годишен Словенец, влегол во Италија на преминот кај Трст во 08:31 часот, управувајќи „волво С80 седан“ со словенечки таблички, ЛјДП082. Тој пристигнал во Бедицоле, мало гратче западно од езерото Гарда, околу 10:30 часот.

Во 10:45 часот, според податоците од мобилните телефони, четири автомобили го напуштиле Бедицоле, пристигнувајќи во трговскиот центар во Лакиарела, на седум минути возење од резиденцијата на Ус – во 12:16 часот. Покрај две „волво“ и едно „ауди“, во колоната имало и четврти автомобил: „фиат браво“, кој на на името на Јованчиќ го префрлила 36-годишната Албанка Емирада Ибо.

Видео: Јованчиќ, Лолиќ и Илиќ снимени од надзорна камера во Лакиарела

Видео: Јованчиќ, Лолиќ и Илиќ снимени од надзорна камера во Лакиарела
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:07 0:00

Една недела претходно Ибо му го префрлила осигурувањето за „фиатот“ на Јованчиќ. Италијанските обвинители ја обвинија дека била соучесник во бегството на Ус.

Ибо, која РСЕ ја контактираше преку повици и пораки на „Ватсап“, одби телефонски да разговара за обвинувањата против неа и побара прашањата да се испратат во писмена форма. Таа потоа одби да одговори на дополнителните телефонски повици од РСЕ и одговори со СМС-порака, велејќи: „Не знам ништо за тоа. Жал ми е“.

Во трговскиот центар Лакиарела, надзорните камери го снимиле Јованчиќ како разговара со Лолиќ во 12:17 часот. Една минута подоцна во трговскиот центар пристигнале Јанезиќ, Борис Јованчиќ и маж кој најверојатно е Илиќ.

Видео: Надзорните камери во трговскиот центар го снимија Владимир Јованчиќ како разговара со Срѓан Лолиќ

Видео: Надзорните камери во трговскиот центар го снимија Владимир Јованчиќ како разговара со Срѓан Лолиќ
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:07 0:00

Јованчиќ и неговиот син биле видени како купуваат намирници околу 20 минути. Во 13:06 часот, четири автомобили излегле од трговскиот центар.

Во комплексот „Борго ди Вионе“ пристигнале два автомобили, едниот управуван од Јованчиќ, а другиот управуван од Лолиќ, а надзорните камери го снимиле Јованчиќ како влегува во комплексот.

Видео: Лолиќ и Владимир Јованчиќ пристигнуваат во комплексот Борго Ди Вионе, Јованчиќ се среќава со Ус

Видео: Лолиќ и Владимир Јованчиќ пристигнуваат во комплексот Борго Ди Вионе, Јованчиќ се среќава со Ус
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:25 0:00

Во 13:40 часот, маж идентификуван од полицијата како Јованчиќ беше прикажан како влегува во резиденцијата на Ус, носејќи торба од трговскиот центар Лакиарела.

Набргу потоа, двајца мажи беа видени како одат по тротоарот, еден со качулка над главата и беше идентификуван од италијанската полиција како Ус.

Потоа камерите го снимиле Ус и Јованчиќ како одат по тротоарот, излегуваат на северниот излез од оградениот комплекс, влегуваат во „фиатот“ и си заминуваат.

Видео: Надзорните камери снимиле како Ус и Владимир Јованчиќ влегуваат во возилото за бегство

Видео: Надзорните камери снимиле како Ус и Владимир Јованчиќ влегуваат во возилото за бегство
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:31 0:00

Како дел од налогот на италијанскиот суд со кој му беше доделен домашен притвор пред судење наместо затвор, на Ус му беше наредено да носи електронска алка за надзор, што ќе ѝ овозможи на полицијата да го следи и да биде известена доколку излезе надвор од радиусот од неговата резиденција.

За време на бегството на Ус, изјавија италијанските обвинители, преносот од алката за следење бил нарушен од „сигнален прекинувач“, уред кој го попречува преносот на сигналот. Во одреден момент подоцна, според американските обвинители, Јованчиќ ја пресекол алката. Ус тогаш ја фрлил алката низ прозорецот од автомобилот.

Алармот на уредот за надзор се вклучил во 13.52 часот, што ја натерало полицијата да реагира, иако не е јасно колку точно време им требало да пристигнат. Но, додека да стигнат, Ус веќе го немало. Полицијата повикала противпожарна служба да ја скрши вратата. Телевизорот бил гласно вклучен внатре, но куќата била празна.

Во еден момент попладнето, Ус излегол од „фиатот“ и влегол во „аудито“ што го управувал Јованчиќ, се упатиле кон Венеција, а потоа кон словенечката граница заедно со „волвото“ што го управувал Јанезиќ. Околу 5:50 часот, автомобилите ја минале границата кај „Нова Горица“. Нивните регистарски таблички биле снимени од надзорните камери на патиштата.

23 март 2023 година

„Аудито“, кое сега го управувал Илиќ, преминало од Хрватска кон Србија во 6:40 часот.

Акцијата за бегство е завршена, Ус платил дополнителни 40.000 евра на Јованчиќ, тврдат американските обвинители. Се верува дека потоа Ус полетал од Белград за Москва, но не е јасно кога и како и дали се работи за комерцијален лет.

4 април 2023 година

По неколкудневните шпекулации во италијанските медиуми за неговото место на живеење, Ус објави соопштение за руските медиуми.

„Во Русија сум! Во овие изминати, особено драматични денови, покрај себе имав силни и доверливи луѓе. Им благодарам!“, изјави Ус. „Италијанскиот суд, на чија непристрасност првично сметав, покажа очигледна политичка пристрасност“.

„За жал, тој беше подготвен да потклекне пред притисокот на САД. Во денешната меѓународна ситуација, кога играат без правила, моето враќање во татковината, дури и на таков нестандарден начин, е победа“, рече тој.

Електронската порака испратена на руска адреса која се поврзува со Ус, бше вратена како недостапна. Марија Јагодина не одговори до моментот на објавување на овој текст.

Артем Ус и Марија Јагодина на фотографија од приватниот ВК профил на таткото на Јагодина. Јагодина е идентификувана како сопруга на Ус.
Артем Ус и Марија Јагодина на фотографија од приватниот ВК профил на таткото на Јагодина. Јагодина е идентификувана како сопруга на Ус.

Последици

Јованчиќ беше уапсен од хрватските власти на 4 декември по американска потерница и испратен во притвор во Загреб. Обвинението на големата порота од 27 октомври, кое беше обелоденето еден ден по апсењето на Јованчиќ, го товари дека е еден од неколкуте луѓе вклучени во бегството на Ус.

До објавувањето на овој текст, Јованчиќ, според хрватските власти, се наоѓа во притвор во Загреб, додека трае екстрадициската постапка.

Неговиот син Борис беше уапсен истиот ден од италијанските власти, како што јави агенцијата АНСА. Не е јасно дали тој се соочува и со обвиненија од САД.

Јанежиќ беше уапсен во Љубљана на 19 јануари 2024 година од словенечките власти врз основа на италијанска потерница. Тој е во домашен притвор додека ја чека екстрадицијата во Италија, соопшти словенечката полиција за РСЕ.

Останатите тројца осомничени Илиќ, Ибо и Лолиќ, до објавувањето на овој напис, сè уште се во бегство. Ниту Лолиќ ниту Илиќ не беа достапни за коментар.

Министерството за правда на Србија не одговори на прашањата на РСЕ за бегството на Ус и дали владата добила налог за апсења или слични барање за правна помош од Италија или друга земја.

„Меѓународен срам“

Од неговото враќање во Русија, Ус не се појавил во јавноста, на социјалните мрежи бил активен малку или воопшто не објавувал, а не е ниту споенуван во руските медиуми.

Сепак, последиците од неговото бегство сè уште се присутни.

Во периодот кога Ус повторно се јави од Русија, новинарите ја прашуваа италијанската премиерка Џорџа Мелони за неговото бегство.

„Случајот е доста сериозен“, рече Мелони, чија влада е на власт уште од времето кога Ус беше уапсен. „Секако дека има аномалии. Мислам дека главната аномалија (на одлуката на судот) е од сомнителни причини да се држи во домашен притвор и да остане таму дури и кога имало одлука за негова екстрадиција“.

Министерот за правда Карло Нордио исто така рече дека одлуката е погрешна.

„Покрај семејната ситуација, имајќи жена и куќа, и покрај фактот што судските власти беа преоптоварени со индиции дека постои висок ризик од бегство, овој човек си отиде дома од затвор со електронска алка“, им рече Нордио на италијанските пратеници на 20 април 2023 година.

На седницата на долниот дом на парламентот две недели подоцна, членовите на опозицискиот Зелено-левичарски блок ја критикуваа владата за начинот на кој постапила со случајот.

„Како е можно тој да не бил под стража, постојано под надзор, туку на секои 72 часа?“, праша пратеникот Девис Дори.

„Поради начинот на кој италијанската влада се справи со аферата со Ус, Италија само се засрами на меѓународно ниво“, рече Анџело Бонели, претседател на партијата Зелена Европа.

Американската амбасада во Рим одби да коментира, упатувајќи за прашања до италијанските власти и американското Министерство за правда во Вашингтон. Министерството за правда одби да коментира, повикувајќи се на претходно објавено соопштение за печатот.

Италијанското Министерство за правда, пак, не одговори на барањето за коментар.

Дополнително интригантен момент за бегството на Ус се и шпекулациите дека руските разузнавачки агенции имале улога во договарањето или овозможувањето на планот.

На фотографиите од италијанските надзорни камери се прикажани трите автомобили користени при бегството на нас од Базиљо.
На фотографиите од италијанските надзорни камери се прикажани трите автомобили користени при бегството на нас од Базиљо.

„Треба да разбереме дали имало мешање, надворешна интервенција на тајните служби на Москва“, рече пратеничката Дори за време на парламентарното сослушување во април минатата година.

Ниту Дори, ниту Бонели не одговорија на пораките кои бараа дополнителни коментари.

На денот кога Ус повторно се појави во Русија, руски канал на Телеграм, познат по врските со руските безбедносни служби, објави дека во неговото бегство можеби бил вклучен офицер на италијанските специјални сили кој живеел во Москва најмалку шест години и бил оженет со Русинка.

Каналот Чека-ОГПУ, исто така, соопшти дека на Ус му бил издаден лажен пасош.

Во меѓувреме, таткото на Ус јавно му се заблагодари на Путин.

„Посебна благодарност до нашиот претседател“, рече тој по враќањето на неговиот син во Русија. „Тој не е само шеф на нашата држава, тој е човек со големо и отворено срце.

Во истражувањето придонес дадоа и Марк Крутов од сервисот на РСЕ на руски јазик, како и Мелиха Кешмер, Дорунтина Балиу и Наталија Јовановиќ од балканскиот сервис на РСЕ.

XS
SM
MD
LG