Достапни линкови

Хомофобија поттикната од државната политика


Во земјава хомофобичноста е се уште висока, а од 2008 наваму станува и насилно, оти, како што велат уаптените во оваа област, тоа поттекнува од политиката во државата.

Притисоци на работно место, врз ученици во средни училишта кои се перцепирани како поинакви од другите, од психолози, но и од вработени во центри за социјални работи. Со тоа се соочуваат луѓето со поинаква сексуална ориентација во Македонија, тврдат од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Во таква ситуацијата, вели Кочо Андоновски, луѓето се обесхрабруваат и да поведат судски случаи оти хомофобичноста во општеството е доста висока, а од 2008 година тоа станало и насилно.

Тоа е пред се последица на политиката, на политиките кои ги креираат и ги спроведуваат оние кои се во државните институции, сето тоа во спрега со медиумите кои се под директно уредништво на овие структури кои во моментот владеат во Македонија.

„Тоа е пред се последица на политиката, на политиките кои ги креираат и ги спроведуваат оние кои се во државните институции, сето тоа во спрега со медиумите кои се под директно уредништво на овие структури кои во моментот владеат во Македонија. Вие можете да препознаете, само ако направите прес клипинг до 2008 и после 2008, веднаш ќе видите промена на тоа како се известува, веднаш ќе видите една друга агенда која наеднаш почнува да се спроведува“, вели Андоновски.

Во последниве две години имаше пет случаи на напади врз припадници на ЛГБТИ заедницата а во ниту еден од нив напаѓачите не се пронајдени. Последно на 23 октомври насилници го нападнаа и кафулето Дамар во моментот кога во него се прославуваше годишница од формирањето на ЛГБТИ центарот. Активистите протестираа пред Јавното обвинителство поради нерегирањето на институциите. Токму случајот Дамар поттикна и говор на омраза на социјалните мрежи, па беа поднесени и кривични пријави против водителите Јанко Илковски и Миленко Неделковски.

Ако вашиот премиер ве смета вас за група којашто подрива општествен систем на оваа држава, очекувано е одредена група насилници да си го разберат тоа како давање зелено светло за справување со овие „непожелни“ елементи.

Според Ирена Цветковиќ од Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ таквото изразување не може да се затскриe зад слободата на говорот. Слично како Андоновски и таа смета дека говорот на омраза се засилува во последниве години посочувајќи на некои изјави на премиерот Груевски.

„Самото употребување на терминот искривоколчени вредности можеби не е директен повик за насилство, не верувајте тоа и те како мотивира. Ако вашиот премиер ве смета вас за група којашто подрива општествен систем на оваа држава, очекувано е одредена група насилници да си го разберат тоа како давање зелено светло за справување со овие „непожелни“ елементи со цел да се „одбрани“ она што е свето во оваа земја“, вели Цветковиќ.

Доколку се прави споредба со состојбата и правата на припадниците на ЛГБТИ заедницата во земјите од регионов, чии граѓани имаат сличен менталитет како македонскиот, Андоновски вели дека Бугарија е една од најрелаксираните и најтолерантите, а Хрватска била на добар пат. Состојбата е слична во другите земји од регионов но за разлика од кај нас додава тој таму има политичка волја за одење напред.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG