Достапни линкови

Од екстерно тестирање до државен испит


Иако и владините функционери до пред една недела велеа дека ќе се воведува надворешна евалуација на факултетите, сега велат дека терминот екстерно тестирање бил манипулација. Во речниците, зборот екстерно се објаснува како надворешно, што доаѓа однадвор, од друга средина, странско, туѓо...

Било екстерно или државен испит, ќе има или ќе нема, ќе важи за сегашните или за идните студенти, има конечна одлука или има простор за договарање. Речиси два месеци властите не можат да се договорат како е.

Ако студентот не положи по втора година да знае дека не може да продолжи понатаму, да не троши време, ниту пари.

Новиот министер за образование, откако лесно се справи со штрајкот во најава на професорите, реши да го среди и високото образование. На трети октомври министерот Абдулаќим Адеми, најави две новини кои се планираат во високото образование – државен испит по втора и четврта година на студиите и приемен испит за странски студенти. Тој најави дека државниот испит ќе важи за сите студенти, и од државните и од приватните универзитети. Испитот ќе се спроведува два пати – првиот кога ќе завршат втора година и ќе имаат прашања од сите предмети кои дотогаш ги полагале, и по четврта година со прашања од трета и четврта година, рече тогаш Адеми.

Во овој момент размислуваме повеќе за државен испит меѓутоа сè уште сме отворени да ги чуеме размислувањата на сите оние кои имаат интерес да се вклучат во една јавна дебата.

„Ако студентот не положи по втора година да знае дека не може да продолжи понатаму, да не троши време, ниту пари“, рече тогаш Адеми.

Според него, овој начин на проверка ќе биде различен од екстерното тестирање во основното и средното образование, а испитот ќе го спроведува тело кое ќе биде дефинирано со планираните измени на Законот за високото образование.

Слушнавме конкретни дилеми и слушнавме конкретни предлози, очекувам таа дебата да продолжи и понатаму со другите дискутанти, а не прашања. Може да биде државен испит, надворешна евалуација или друг вид на евалуација.

Медиумите набрзо новопланираното тестирање, го нарекоа екстерно, што се одомаќини кај сите.

Неколку денови подоцна, односно на деветти октомври, Адеми изјави дека воведувањето на испит за проверка на знаењето за студентите на факултетите засега е само идеја. Со широка дебата треба да се утврди дали за тоа има потреба, и доколку има, на кој начин да се направи тоа, а да не се загрози Болоњскиот систем и да не се наруши автономијата на универзитетите. Додаде и дека кога го најавил испитот за тестирање на знаењето на факултетите посочил оти тоа е само идеја која треба да отвори дебата за потребата и потоа за начинот на кој тоа може да се спроведе. Ги повика сите да дадат свои размислувања, како што рече, без да се плашат за тоа што ќе го кажат јавно, затоа што Македонија е демократска држава, а МОН ќе ги прифати сите размислувања.

Дали тоа ќе биде државен испит, дали ќе биде друга форма, сè уште не е одлучено и кога ќе одлучиме ќе споделиме со јавноста. Тоа нема да биде тајно, туку ќе се прави со Закон за високо образование, кој ќе се донесе во Собранието.

На 21 октомври, премиерот Никола Груевски, осврнувајќи се на високото образование, рече дека нешто мора да се промени бидејќи ставањето на оцени по други критериуми, освен по знаење, само ќе им донесе штета на младите луѓе.

„Во светот има различни примери. Да речеме, екстерна евалуација има во Данска, Британија, Австралија. Вишеградската група применува државен испит. Во овој момент размислуваме повеќе за државен испит меѓутоа сè уште сме отворени да ги чуеме размислувањата на сите оние кои имаат интерес да се вклучат во една јавна дебата. Министерството веќе започна јавни дебати со студенти, професори. Решението не е конечно, но она што е дефинитивно е дека нешто мора да се промени затоа што имаме цели универзитети каде проодноста на студентите е без доволно знаење, каде што се ставаат 9-ки и 10-ки на секој, независно кој колку научил. Тоа е нездраво за едно општество. Тоа е правење штета на самите студенти. Тие на некој начин стануваат инвалиди во своето знаење. Добиваат диплома без знаење и тие понатаму не можат да просперираат. Каде и да отидат да работат, можеби првиот впечаток дека имаат диплома ќе им помогне, но веднаш потоа ќе имаат пречки“, истакна премиерот.

Тој додаде дека Владата чувствува одговорност тие состојби да ги промени.

На 30 истиот месец, министерот организираше дебата, на која рече дека нема простор за прашања, но има за размислувања. Тогаш уште стоеше на ставот дека идејата допрва треба да се разгледува

„Слушнавме конкретни дилеми и слушнавме конкретни предлози, очекувам таа дебата да продолжи и понатаму со другите дискутанти, а не прашања. Може да биде државен испит, надворешна евалуација или друг вид на евалуација“, изјави Адеми.

Во меѓувреме студентите тивко негодуваа, тук-таму по некој. На социјалните мрежи се појавија неформални групи. На 22 преку социјалните мрежи беше објавен повик за сите оние кои сакаат да изразат револт против оваа мерка да се соберат пред споменикот на Св. Кирил и Методиј на УКИМ.

„Се работи за тебе, мене и сите студенти кои сме засегнати од екстерната небулоза“, беше наведено во нивниот повик.

Насобраните студенти, во не голем број, рекоа дека не протестираат и замолија да не бидат снимани.

На 31 октомври беше првото поголемо кревање на глас против најавеното тестирање од страна на студентите. Група студенти пред Ректоратот на УКИМ побара поддршка од професорите против екстерното тестирање и УКИМ да се произнесе во врска со најавените реформи. Потоа Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски повика на разговор претставници на студентите кои протестираа. По разговорите Стојковски изјави дека сè уште е рано Ректоратот да формира став околу екстерното тестирање, тие првин ќе почекаат Министерството за образование да ја образложи идејата, а потоа ќе го соопштат својот став.

Веќе следниот месец работите се вжештија. На светскиот ден на студентите, 17 ноември, илјадници студенти маршираа низ Скопје за да го искажат револтот од проблемите во високото образование, меѓу нив и најавеното надворешно тестирање, за кое велат дека ја прелеа чашата. Провладините медиуми речиси и не јавија за овој настан, барем не тој ден. Државната новинска агенција МИА објави куса вест „Меѓународниот ден на студентите денеска беше одбележан со студентски марш во Скопје под мотото „Заедно против екстерното тестирање на факултетите“, организиран од „Студентски пленум“. Некои од провладините медиуми јавија за настанот, повикувајќи се на МИА. Државната агенција немаше фотографии од ова, но на пример имаше од отворањето на повеќенаменско игралиште во село Никифорово.

Студентите протестираа, му доставија писмо на министерот, а ден потоа се огласи и тој, велејќи дека му е несфатливо зошто студентите протестирале кога сè уште не е утврдено дали ќе се воведе екстерно оценување или државен испит во високото образование. Но, рече дека до средината на декември ќе одлучи дали ќе има државен испит за студентите и во која форма. Иако рече дека не го негира правото на протест на студентите, сепак се изјасни дека зад организацијата на протестите не стојат студентите, туку некој друг.

„Лично, повеќе сум наклонет да има државен испит, но тоа не зависи само од мене, туку од повеќе фактори. Пред сè, од Одборот за акредитација, кој треба понатаму да ги спроведува сите активности, па од универзитетите, од студентите, од политики на Владата од аспект на образованието. Ако се одлучиме да има, тоа мора да биде без да се нарушува автономијата на универзитетите, без да се загрози Болоњскиот процес и без да има дополнителен товар и за универзитетите и за студентите“, изјави Адеми.

Тој го повтори ставот на премиерот Никола Груевски дека мора нешто да се преземе за да се зголеми квалитетот на високото образование.

„Дали тоа ќе биде државен испит, дали ќе биде друга форма, сè уште не е одлучено и кога ќе одлучиме, ќе споделиме со јавноста. Тоа нема да биде тајно, туку ќе се прави со Закон за високо образование, кој ќе се донесе во Собранието“, изјави Адеми.

Тој изјави и дека од него се барала оставка, а според него оставка можат да бараат само политички партии, а не и студенти. Се пожали и дека нема на кого да му го прати одговорот, оти немало адреса во писмото од студентите. И овој пат изјави дека е отворен за дискусија. Тука некаде реагираше и претседателот Ѓорге Иванов, и како претседател и како универзитетски професор, како што рече. Тој смета дека е потребно да се слушне гласот на студентите и да се разговара за нивните сознанија и ставови.

По изјавата на министерот, провладините медиуми се зазедоа за оваа тема. На 20 месецов, премиерот Груевски рече дека ќе се слушнат сите мислења за оценувањето на студентите. Тој смета дека намерите за надворешно оценување се добри, но секако, тие нема да се спроведат сè додека не се направи една широка дебата во која ќе бидат вклучени студентите. Тој посочи дека студентите имаат право на различно мислење и право на протест и дека тоа го почитува. Не е точно, како што се појавија некои шпекулации, дека нема да се предвиди можност за повеќекратно полагање на државниот испит во втора година, рече Груевски, појаснувајќи дека ќе има можност секој да полага онолку пати сè додека не положи.

„Нам целта ни е, ако некој дошол до преодна оценка без знаење да биде натеран да научи. Тоа е единствената цел“, нагласи премиерот Груевски и посочи дека испитот нема да важи за сегашните студенти, туку тие што ќе се запишат следната година на студии.

Во следните два дена премиерот гостуваше на две телевизии. На 23 ноември рече дека екстерно тестирање во високото образование не се планира и нема да има, а она што се разгледува е воведување државен испит. Тој посочи дека политиката ги извадила студентите на протест. Ден подоцна изјави дека ќе има државен испит за студентите кои ќе се запишат на факултет во 2015, притоа чудејќи се зошто протестираат овие студенти, кога тие не биле запишани според овој закон. Тој објасни и како е замислен испитот.

Во неделата провладините медиуми се нафрлија на оние другите, редејќи ги сите, како што велат, опозициски и финансирани од Сорос, меѓу кои го наведоа и името на нашето радио, испровоцирани од неделното интервју од член на Студентскиот пленум, организатор на протестот. Ни забележуваат дека го користиме зборот екстерно, а тоа да ти бил државен испит.

Во речниците, зборот екстерно се објаснува како надворешно, што доаѓа однадвор, од друга средина, странско, туѓо...

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG