Достапни линкови

Студентите не запираат, министерот се чуди зошто протестираат


Активностите на студентите нема да запрат, по вчерашниот марш. Министерот се чуди зошто протестирале, кога нема конечно решение за екстерното.

Дали студентите ќе бидат подложени на екстерно тестирање или министерството за образование и наука и владата ќе го испочитуваат нивното барање по вчерашниот масовниот марш на кој тие го изразија незадоволството од најавената реформа во високото образование? Активностите на студентите нема да запрат, тие најавуваат дека и натаму ќе се борат за нивната цел, откако вчера симболично го погребаа Студентскиот парламент и побараа оставка од министерот за образование Абдулаќим Адеми.

Ние како студентски пленум, сè уште чекаме реакција од Министерството за образование и наука. Ние ќе имаме одредени посоодветни мерки во однос на тоа што ќе го предложат, доколку воопшто одговорат на нашите барања. Доколку не, ние ќе одиме повторно со протест.

Адеми во меѓувреме изјави дека веројатно до средината на декември ќе одлучи и ќе објави дали ќе има државен испит за студентите и во која форма. Според него, за тоа прво ќе дискутира со универзитетите и студентите. Тој го цитираше и премиерот дека мора нешто да преземат за да се зголеми квалитетот на високото образование. Адеми рече и дека студентите не биле вистинските организатори на вчерашниот простест, туку некој стои во позадина.

Kонференција на тема „Екстерното тестирање на студентите: предизвиците и можностите“.

Kонференција на тема „Екстерното тестирање на студентите: предизвиците и можностите“.

„Примив писмо во кое нема ништо конкретно за екстерното оценување. Има барање за оставка на министер, а се знае дека оставка секогаш бараат политички партии, а не студенти. Подготвив одговор на писмото но, за жал, не можам да го доставам зашто во писмото нема ни име ни адреса. Деновиве очекувам да добијам име на организаторот и адреса, за да им пратам одговор, а ако не добијам, тогаш јавно ќе одговорам преку средствата за јавно информирање, изјави министерот за образование и наука.

Има барање за оставка на министер, а се знае дека оставка секогаш бараат политички партии, а не студенти.

​Владимир Делов од студентскиот пленум, кој го организираше маршот, вели дека одѕивот бил поголем од очекуваното и оти очекуваат позитивен исход. Во меѓувреме интересот за учество во промените е зголемен, тимот е проширен и покрај работата на улица се работи и на подобрување на аргументацијата за мерката.

„Ние како студентски пленум, сè уште чекаме реакција од Министерството за образование и наука. Ние ќе имаме одредени посоодветни мерки во однос на тоа што ќе го предложат, доколку воопшто одговорат на нашите барања. Доколку не, ние ќе одиме повторно со протест, иако тоа сè уште не е одлучено на координаторните точки на пленумот“, вели Делов.

Искрено се надевам дека активизмот што го видовме и се манифестираше на улиците ќе влијае оваа политика да не се случи, односно екстерното тестирање во високото образование да се повлече.

Од студентскиот пленум сметаат дека со предлог законот на студентите им се ускратува и им се крши правото на образование, се упаѓа во автономијата на универзитетите, а е против наставните програми по болоњскиот систем врз кој се креира оценката за знаењето на студентите. Од студентскиот пленум бараат Адеми да го отфрли предлог законот и да си останат досегашните методи на евалуација, кои досега функционирале. Нивната работа, вели Делов, нема да запре само на спречување на екстерното тестирање.

„Веруваме дека можеме да направиме промени, односно да ги запреме најавените реформи и понатаму да работиме на подобрување на високото образование. Нашта цел не застанува само во однос на решавањето на оваа предлог мерка за воведување на екстерно тестирање“, вели Делов.

Дона Костуранова од МОФ вели дека вчерашната масовност на маршот е показател за моќта на самоорганизацијата и капацитетите на студентите кои ги имаат. Воедно, според неа, тоа претставува големо охрабрување за надминување на перцепцијата за студентската пасивност.

„Искрено се надевам дека активизмот што го видовме и се манифестираше на улиците ќе влијае оваа политика да не се случи, односно екстерното тестирање во високото образование да се повлече, но од овој марш може да заклучиме уште една работа, а тоа е дека студентите кои вчера ги видовме на улиците се оние студенти коишто треба први да бидат прашани за реформите во образованието и не смее да се случат истите без да им се овозможи да учествуваат и да го дадат својот глас и став“, вели Костуранова.

Таа прашува каде е студентскиот парламент и зошто не се одзвал на поканата за учество во маршот и зошто ги нема во јавноста да го произнесат својот став.

Ректорот на универзитетот Св. Кирил и Методиј, Велимир Стојковски, откако студентите побараа да се изјасни за екстерното тестирање и точката да се стави на седницата на Сенатот на УКИМ изјави дека е рано да се коментира предлогот, кој сè уште не го добиле во писмена форма. Адеми, кој ја најави новата реформа, порача дека екстерното тестирање ќе се спроведува на сите државни и приватни универзитети, а ќе го полагаат студентите од втора и четврта година.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG