Достапни линкови

Која е улогата на државата во можната руска блокада?


Надлежните ја проверуваат листата на производи кои вчера руските власти им ги предадоа на претставниците на македонската амбасада на состанокот што се одржа во Москва. Русија се сомнева дека европски производи биле извезувани кај нив како македонски и со тоа се кршеле санкциите за увоз на храна од ЕУ.

МВР, Царината, Агенцијата за храна и земјоделство и Државниот инспекторат за земјоделство во наредните два дена треба да ги испитаат информациите поврзани со сомнежот на руските власти за ре-експорт на земјоделски производи од ЕУ во Русија. Ова, како што соопшти денеска министерот за економија Беким Незири, им го наложила владата на тие институции. Тој додаде дека ќе направат детално истражување и ако утврделе дека постои такво нешто, ќе се преземеле сите законски мерки за поведување кривични постапки против поединците или фирмите кои го направиле тоа.

Не е дека државата тоа не може да го контролира, секако дека може, инаку Русија не би реагирала кон државата.

Додека трае истрагата и засега единствената вина се фрла врз стопанствениците, се поставува прашањето дали државата можеше да направи нешто и превентивно за да не дојде до ваков развој на настаните.

Секако, не дај боже такво нешто да се случи, е сериозно, бидејќи нашите напори се кон тоа ние да извезуваме и затоа и постојано апелираме кон македонските компании да работат и да се придржуваат кон условите за извоз на Руската Федерација, согласно пропишаните правила и норми.

„Не е дека државата тоа не може да го контролира, секако дека може, инаку Русија не би реагирала кон државата. Царината има механизми за контрола, Агенцијата за храна итн. Државата во секој случај води евиденција и контрола на сè што е увезено и сè што е извезено и потеклото на тоа. Меѓутоа, ако некој сака како приватно лице да го злоупотреби тоа, секогаш ќе се најде начин, но нам државата ни е порозна. Мораме да сфатиме дека ние поставивме партиски војници, наместо експерти на тие места каде што државата треба сега да се покаже како држава и последиците ќе си ги трпиме“, вели поранешниот заменик-министер за економија Зоран Витанов.

Ова се лоши вести, оценува и поранешниот амбасадор на Македонија во Москва, Ристо Никовски, кој смета дека ако се потврдат сомневањата за ре-експорт негативно ќе влијаат на економските односи меѓу двете земји.

„Во целина сметам дека не може да има некоја подлабока рефлексија врз политичките односи, бидејќи во никој случај не се работи за политичка волја на Македонија или за нешто што е организирано од државните органи, тоа се работи за некои приватни канали, кои, ако тоа навистина го направиле, заслужуваат, не само осуда, туку и директни казни, бидејќи тоа го руши угледот на земјата“, вели Никовски.

Директорот на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бешлиев, пак, тврди дека извозот во Русија, ако се споредат бројките од лани и годинава, е речиси ист.

„Тоа е само сомневање на кое верувам дека нашите институции ќе потврдат дека нема потреба за нешто такво. Секако, не дај боже такво нешто да се случи, е сериозно, бидејќи нашите напори се кон тоа ние да извезуваме и затоа и постојано апелираме кон македонските компании да работат и да се придржуваат кон условите за извоз на Руската Федерација, согласно пропишаните правила и норми“, вели Бешлиев и додава дека очекувано било малото покачување на извозот на овошје и зеленчук поради руската забрана за увоз од земјите од Унијата.

Инаку, вчера руската служба за ветеринарен и санитарен надзор на претставниците на македонската амбасада во Москва им предаде листа на производи за кои се сомневаат и побара во рок од една недела да пратат материјали за системска проверка на извезените производи, како и заклучоци за автентичноста на фитосанитарните сертификати. Во спротивно можна е блокада на извозот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG