Достапни линкови

Македонија да стои на страна во трговската војна меѓу Русија и Западот


Македонија да не прави избрзани постапки за да не ги наруши добрите односи ни со Западот, ни со Русија, во нивната меѓусебна „трговска војна“.

Во овој момент најважно е Македонија да биде пасивен набљудувач и да не прави избрзани постапки кои би можеле да ги нарушат добрите односи кои ги има со САД, ЕУ и со Русија. Вака размислуваат експертите, откако Русија воведе ембарго на прехранбените производи од САД, ЕУ, Австралија, Канада и Норвешка. Од Стопанската комора на Северозападна Македонија велат дека внимателно треба да се разгледаат размислувањата за тоа дали оваа ситуација може да се искористи во насока на зголемување на извозот на македонски производи на рускиот пазар.

Прво како земја треба да размислиме во која насока ќе се движиме, дали ќе го поддржиме американскиот и европскиот став за ембаргото против Русија или ќе се обидеме да придобиеме дел од рускиот пазар.
Арбен Халили, Стопанска комора на северозападна Македонија.

„Прво како земја треба да размислиме во која насока ќе се движиме, дали ќе го поддржиме американскиот и европскиот став за ембаргото против Русија или ќе се обидеме да придобиеме дел од рускиот пазар, но тоа автоматски ќе значи дека ние го кршиме ембаргото на ЕУ и на САД“, вели Арбен Халили од Комората.

Тој укажува на тоа дека македонскиот пазар е многу мал, за да може да профитира од оваа студена војна меѓу САД и Русија. Потсетува дека Русија не е голем трговски партнер на земјава. Во прилог одат и официјалните статистички податоци за трговската размена од јануари до јуни годинава. Вкупниот обем на трговска размена со Русија изнесува 74 милиони и 719 илјади американски долари, од кои извозот изнесува само 13 милиони и 731 илјада долари.

Тука сме во една ситуација кога Македонија мора да одигра една би рекол двострана политика на нерешителност. Во овој миг најдобро е само да набљудува, да не презема некои поотворени ангажмани.
Нано Ружин, универзитетски професор.

„Сепак, можностите на компаниите се на сите страни ако компаниите конкурираат со квалитет и ако го најдат соодветниот пазар“, вели Халили.

Во оваа ситуација, каква било економска иницијатива ќе зависи од политичките одлуки, посочува професор Нано Ружин. Македонија сега се наоѓа меѓу два огна. Од една страна таа е енергетски зависна од Русија, поради проектот Јужен тек, а од друга страна нашите стратешки партнери се Соединетите Држави и Европската унија со чија поддршка се обидуваме да станеме дел од евроатланските организации, вели Ружин.

„Република Македонија мислам дека во некоја голема мера може преку приватни иницијативи и мали фирми на извезен начин да го подобри извозот на стоки за широка потрошувачка“, вели тој.

Политичката дилема е присутна, вели Ружин, но најважно, според него, е да се остане воздржан.

„Тука сме во една ситуација кога Македонија мора да одигра една би рекол двострана политика на нерешителност. Во овој миг најдобро е само да набљудува, да не презема некои поотворени ангажмани“, вели Ружин.

Македонија не е држава која со својата надворешна политика и солидарност може да го смени светскиот тек на настаните, потенцираат експертите. Но, сепак предупредуваат дека Вашингтон и Брисел не би биле задоволни доколку Македонија се обиде да ја избегне „солидарноста“ околу блокадата. Инаку ембаргото на Русија е одговор на западните санкции кон Русија. Со него е опфатен увозот на месо, млеко, млечни производи, овошје и зеленчук од земјите на Европската унија, Соединетите Држави, Канада, Австралија и Норвешка.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG