Достапни линкови

Џафери – Недоразбирања има, ама владата си функционира


Во текот на мандатот нормално е да се појавуваат одредени теми за кои ќе има различни разгледувања, ќе има дебата и има дебата и јас мислам дека тоа е здраво во коалицијата да се бара компромисно решение“, вели вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Џафери, дали е вистина дека секторот за имплементација на Рамковниот договор е еден од најпрофитабилните, бидејќи преку него се реализираат вработувањата на Албанците во државната администрација?

Прво тоа е шпекулативно и од почит кон вашиот медиум прифаќам да се разговара за тоа. Јас се сеќавам дека еден пратеник од опозицијата шпекулираше за тоа дека најпрофитабилен е секретаријатот кој има најмал, најскромен буџет, и тоа за некои студии, анкети, вработувања, менаџирања на процесот на вработувања и тоа е шпекулативно и обид да се поентира и обид да се злоупотребува позицијата на пратеник во Собранието.

Дали се шпекулација и информациите дека за да стигнат до работното место, одредени кандидати се подготвени да платат и до 3.000 евра. Како тоа го коментирате?

Јас не сакам тоа да го коментирам, тие што инсистираат на тоа треба да бидат малку потранспарентни кон јавноста. Тоа е скандалозно, тоа е претерано шпекулативно, никогаш немало такви притисоци, нема да има, во најмала рака треба да се појават кај институциите тие на кои некој им врши таков притисок за да се добие такво место со таква понуда.

Во обидот да се воспостави правична и соодветна застапеност при вработувањето во сите органи на државната власт, се зборуваше и за постоење на голем број Албанци коишто се на платните списоци, а кои реално не доаѓаат на работа. Дали ставивте крај на таквиот тренд?

Мислам дека е неадекватно да се нарекува дека стојат на платни списоци, тие по сите процедури, по наши закони се примени во работен однос, тие се распределени на работно место таму каде што е најадекватно. Точно е дека има таков број за кои нашата администрација има тешкотии заради икс причини да ги распределува на адекватни работни места, тука е и територијалниот аспект, се подразбира дека во главниот град е најголемиот број на административци, но има такви кои воопшто со таква плата не би можеле да издржат. Тука има еден дел за критики и мислам дека ние вршиме напори тоа да се заврши.

Министре, дали тие примаат плата?

Нормално е дека примаат плата, затоа што тие се примени по сите законски процедури. Тие се подготвени да се јавуваат на работа, ние ги евидентираме како надлежен орган од формалниот аспект, затоа што се вработени преку Секретаријатот, доаѓаат, се пријавуваат и вршиме селекција кој каде би можел да биде вклучен во ефективно работно место.

Зошто и покрај критиките за една гломазна и неефективна администрација постојано гледаме јавни огласи за вработување во администрацијата?

Ние уставно и преку Рамковниот договор го имаме тоа начело кое е клучно за правична застапеност во сите државни органи. И Албанците и другите заедници сè уште не се застапени, така речено, адекватно. Ако има нови примања, нас тоа што би требало да значи застапеноста, треба да се обратите кај другите институции кај кои е одговорноста, заедно со мене, за тоа која е потребата да се примаат нови кадри, што подразбира дека тоа ја прави уште потешка таа избалансирана правична застапеност во нашите институции, во нашата државна администрација.

На кои институции конкретно мислите?

На пример можете да се обратите до финансии, до министерство за информатичко општество и администрација, најточно таму, затоа што тие се занимаваат со администрацијата од законскиот аспект, за тоа каде има потреба, каде нема, каде има вишок, како тие треба да се распределат за да биде администрацијата поефикасна, кои обуки би требало да се спроведат итн.

Ако Охридскиот рамковен договор е база, како што велите, за зајакнување на мултиетничкиот карактер, а и за унапредување на односите меѓу етничките заедници, како тогаш го коментирате фактот што не ретко ни се случуваат меѓуетнички инциденти?

Рамковниот договор е тој што дава една рамка и тој што најмногу помага од сите програми, документи, инт, што ги имаме ние во државата за да ја има таа рамнотежа и мислам во институционалниот аспект, соживотот, балансот. Точно е дека има инциденти. Тоа можеби треба во сферата на образованието и науката, институцијата училиште, треба да најдат начин како младите да не се „трујат“ од почеток. Јас мислам дека има многу аргументи дека Рамковниот договор е минимална база што ѝ треба на Република Македонија. Ако ние треба да се однесуваме одговорно, треба да го почитуваме, да го имплементираме и да го гледаме како основа која им помага на нашите институции и општеството да се демократизираат понатаму и е добра основа ние да се вклопиме во европскиот стандард, да се интегрираме во регионот.

Има ли расчекор во таа смисла, меѓу она што е ставено на хартија во оригиналниот документ, она што го пишува во Охридскиот рамковен договор, и неговото спроведување во пракса? Дали има простор за некакви интервенции во договорот?

Оригиналниот договор е тој што е, интервенции во тој основен, оригинален документ не би требало да има, затоа што тој би ја изгубил историската тежина. Ние треба да го разгледуваме Охридскиот рамковен договор во моментот кога е донесен, во тие околности, и ние од тој документ треба да го извлечеме тоа што е најдоброто, да се унапредува. Тој не ѝ помага само на една страна, тука е направен да ѝ служи на целата држава, на целото општество. Сигурно има разни пристапи кон договорот, во зависност од која етничка заедница е и тука е најлошото, што треба да се надмине, да се најде решение и треба малку похрабро, потранспарентно да се дебатира од сите аспекти, од сите страни за да се убедиме дека Рамковниот мировен договор е најдоброто што ѝ се случи на Република Македонија за надминување на тие меѓуетнички разлики, конфликти, како добар документ кој може да му помогне на целото општество да напредува кон европската заедница.

Малку за односите во владината коалиција. Не е непознато дека во минатото имало недоразбирања меѓу двата коалициони партнери. Последен пример е владината седница за Југохром, каде, според пишувањата на медиумите, расправата ја достигнала критичната точка. Со оглед на тоа, ве прашувам колку е стабилна владината коалиција?

Природно е што има недоразбирања, што има различни разгледувања, поради тоа што од почеток имате две големи партии со две различни програми и од тоа треба да се создава една заедничка програма која треба да биде документ што ги поврзува и во текот на мандатот нормално ќе се појавуваат и други теми и ќе има различни разгледувања, ќе има дебата и има дебата, така беше и последната тема и јас мислам дека тоа е здраво за има такви различни разгледувања и се бара секогаш во секоја коалиција да има компромисно решение.

Вистина ли е дека на таа последна владина седница премиерот Груевски побарал од министрите на ДУИ да ја напуштат седницата, поради тоа што не се согласувале околу одредено прашање?

Жал ми е што прво некој создава таква перцепција. Тоа што вие го поставивте прашањето значи дека влијаело од некои кои сакаат да наметнат уште потензична дебата од некои икс причини и цели коишто нашата политичка култура или нашето запознавање како две групи што долго време се во заедничка коалиција и не се дозволува да падне нивото за од една многу демократска расправа за една тема битна за сите граѓани, до тој степен за да се раскараат. Подобро да ги барате изворите од каде некој го спинува тоа.

Еве можност вие да го демантирате тоа, да кажете како било.

Видете, ме ставате во дефанзивна ситуација ние да демантираме нешто што не постои и да се дефокусираме од суштината зошто има таква дебата. На пример за екологија која како министерство, нели животна средина и просторно планирање, тука е поврзано со индустријата, со отпадот, тука е многу поврзано со квалитетот на живеење, тука има најмалку елементи да се гледа од етнички пристап и поради тоа нема некоја основа да се дојде до таква позиција да се поделат две партии во нашата коалиција за таа тема која треба да биде загрижувачка за сите нас.

Велите дека е здраво што има...

Тоа е релативна работа колку е стабилна. Една владина коалиција е жива динамика која работи секојдневно. Не може да се прејудицира која ќе биде најчувствителна точка каде може конфликтот да оти до тој степен што нема веќе простор за заедничко менаџирање, ама најбитно е што има заедничка владина програма која треба да се почитува. Кога таа нема да се почитува, тогаш постојат елементи дека коалицијата не може да опстои и треба да се бараат други решенија што е многу нормално и легитимно во сите држави, во сите општества.

Има ли внатрешни недоразбирања во партијата, со оглед што неодамна имавме инцидент меѓу партиски членови на ДУИ којшто заврши со престрелка во чајџилница во Општина Сарај?

Нормално е да има недоразбирања. Во демократијата секој размислува со своја глава, но постои една рамка што е партиската програма до каде може да се пристапи кон тие размислувања. Тука има и еден колективен интерес на целата партија. За жал, веќе десет години како медиумите и невладините организации пишуваат дека во ДУИ ќе има фракција, во ДУИ има раскол, за жал на тие што тоа го очекуваат, тоа уште го нема, нема да го има и да не се молат на тоа. Нека работат, има многу битни теми. Не треба се да се поврзува со политиката, луѓето имаат разни интереси, локални, индивидуални, семејни и може да дојде до такви инциденти кои за жал се случуваат и во други држави. Времето покажа дека кај другите партии имало и ќе има повеќе и посуштински недоразбирања и има фракции и има расколи, во споредба со ДУИ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG