Достапни линкови

Тачи - Меѓународната заедница ќе го извади стапот и ќе удри по владата


Времето тече, веќе не се работи за години, туку за месеци. Мислам дека меѓународната заедница, полека, полека, но сигурно ќе го извади стапот и тој стап ќе го употреби против владата на Република Македонија, не против опозицијата, не против граѓаните. Ние сме тука и го чекаме нашиот момент, вели претседателот на ДПА, Мендух Тачи, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Тачи, едногласно сте избран за претседател на партијата на последниот конгрес на ДПА и по два месеци бојкот на Собранието решивте да се вратите во Собранието. Дали имате некаков договор со ВМРО-ДПМНЕ или ги послушавте странците?

Ова со ВМРО-ДПМНЕ веќе станува смешна работа. Ги знам кујните од каде доаѓаат таквите претпоставки, тоа се СДСМ, тоа нема врска. Второ, не само што ги послушавме странците, туку одлучивме и во наша полза да се вратиме во парламентот, затоа што имаме многу тешка ситуација со медиумите кои се под целосна контрола на власта или на други криминални структури и за да успееме нашите ставови да ги дадеме во јавност единствен прозорец ни останува Парламентот. Преку Парламентот успеваме да ги искажуваме нашите ставови.

Меѓутоа пред последните избори вие имавте средби со Мијалков и тогаш се шпекулираше дека на повидок е коалиција, но и самиот изјавувате дека ако ДПА освои и еден пратеник, тогаш ќе бидете дел од власта, но ништо не направивте?

Пак од истите кујни, од СДСМ, мислам дека јалова е нивната работа, додека вака се однесуваат нема да се вратат на власт 100 години. Да се напаѓа опозиција од страна на опозиција можеби за нив е логично, но за мене е нелогична ситуација, немате таква ситуација. По сто пати сум повторил, сум се сретнал со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, тој раководеше со делегација, дали тука бил Мартин Протуѓер или Сашо Мијалков, тоа не е важно за мене. Втора работа, исто сум се сретнал и со господинот Ахмети. Јас имам мандат да се среќавам со сите. Реалноста денеска укажува дека немаше никакви заткулисни договори, тие се во братски договор со ДУИ и со господинот Ахмети, и Мијалков и другите се блиски соработници со господинот Ахмети, и мислам дека веќе е смешно да се одговара на вакви претпоставки.

Како гледате на последните внатрепартиски случување? Зијадин Села не присуствуваше на последниот партиски конгрес, дури и го нарече некаква забава. Дали на повидок е некаква нова партија која ќе произлезе од вашите редови или можеби и вашето столче во партијата не е толку стабилно?

Одлучив веќе да не мислам на таквите работи, а не да зборувам, мислам дека не заслужува никаков коментар таквото однесување.

Села најавува нов конгрес, дали тоа може да ја ослабне партијата?

Тоа е негов проблем. Партијата е многу јака. Од 227 подограноци, ни еден претседател на подорганок немаше дилеми во организирање на внатрепартиските избори на ДПА. Мислам дека тоа се пусти желби на одредени луѓе.

Но, дали е во ред и вие да поднесете некаква морална одговорност бидејќи долго време сте на врвот на партијата, а ДПА не успеа да издејствува победа во изминатите изборни циклуси, а се зборува дека и во вашата партија има незадоволство?

Апсолутно сносам политичка одговорност пред членството на ДПА, не пред вас, и на некој да му текнало да сносам одговорност. Работите се измешани многу, некој бара да сносам одговорност пред Албанците или пред граѓаните на Македонија, таквата одговорност ја сноси тој што е на власт, јас како лидер на опозиција сносам одговорност само пред моите членови и симпатизери. Втора работа, има и други луѓе кои се подолго на лидерски позиции, па не се коментира. Навистина е незамисливо или несфатливо за мене, како се организирани сите да се напаѓа една опозициска партија. Проблемите што ги имаме и како граѓани и како држава треба да ги решат тие што се на власт, а не опозицијата.

Постојано велите дека состојбата на Албанците е лоша, но противаргумент е тоа што Албанците постојано му даваат гласови на ДУИ, значи не е толку лоша состојбата ако тие постојано гласаат за партијата којашто е на власт?

Точно така, сосема нелогична работа, се сложувам, оти Албанците не можат да гласаат за таквите бисти, како што беше на Цар Душан, не можат да гласаат за дискриминацијата од страна на владата во врска со буџетот, но ние се однесуваме како во Македонија сè да е нормално, дека изборите се фер и коректни, нема друга партија на Балканот и во Европа, што губи како мојата партија во еден град перманентно 12 години, со разлика 18 илјади гласови наспроти 200-300 гласови. Мислам дека изборите не се регуларни. Не се согласувам со таквите квалификации што се даваат дека денот на изборите бил многу фер, а неколку месеци пред изборите или неколку години, вие знаете и подобро од мене, злоупотреба на администрација, корупција, употреба на државни пари против политичките противници. Јасно е дека на многумина им оди во прилог ДУИ да победи, не само внатре во државата, туку и на странците, но сепак јас може да се гордеам што ДПА можеби ги губи изборите, но ДПА опстојува. Ние имавме и внатрешни неразбирливи конкуренции кај албанската опозиција. Знаете дека се појавија 4-5 мали партии, нивната главна цел беше да ја победат ДПА, а не да победат некој што е на власт и денеска сме во таква ситуација што ДПА е единствена опозициска партија којашто опстојува.

Велите дека изборите не се регуларни, но еве ве пак во парламентот. Можете ли тоа да го докажете преку институциите, со правни механизми или да го следите примерот на СДСМ?

СДСМ си има сосема други цели. Нивниот проблем е што тие одбиваат да разберат дека се однесуваат исто како ВМРО-ДПМНЕ, дека немаат друга платформа или програма, а нашиот проблем е сосема друг. Ние од етнички аспект имаме големи незадоволства, но нашето враќање во Парламентот треба да се сфати и како оневозможување на владата да се има алиби оти има и друг проблем. Ние се однесува коректно, рационално, за да докажеме дека тука има само еден проблем, тоа е Владата на Република Македонија, друг проблем нема.

На вашиот реизбор за претседател на ДПА честитки упати и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, со порака да бидете конструктивна опозиција. Каква ќе биде вашата стратегија во иднина?

Таквите честитки ги сфаќам како цинизам. Мислам дека таквата политичка хипокризија веќе не треба да има место во нашиот политички живот. Јавно се однесуваме како да сме најдобри, но против мене господинот Ахмети и ДУИ употребуваат секакви инструменти недозволиви за политичка битка. Ние продолжуваме да се однесуваме рационално, жалам за инцидентот што го имавме во парламентот, целиот инцидент беше спремен од страна на ДУИ за да ги банализираат односите меѓу нас и ДУИ. Ние немаме лични или групни проблеми со нив. Ние имаме политички проблеми со ДУИ.

Какви се меѓуетничките односи во Македонија и дали со нив може да се манипулира за политички цели? Во тој контекст како гледате на некои од последните тензии на меѓуетничка основа што ги имавме во земјава?

Потполно се сложувам дека партиите што се на власт многу нелогично и чудно ги добиваат изборите. Мислам дека на најперфектен начин ги злоупотребуваат меѓуетничките односи правејќи се големи патриоти, двете страни, за да добиваат политички поени. Етнички проблеми ќе имаме сè додека некои големи прашања не сме спремни да ги решиме. Сè друго ако решиме и ако добиеме датум за преговори со ЕУ, мислам дека пак е тоа јалова работа, меѓуетничките односи се многу важни и се главен столб на иднината на државата.

Како гледате на барањето ФБИ да се вклучи во процесот Монструм и дали тука станува збор за недоверба во институциите или недоверба меѓу двете заедници, бидејќи никогаш досега во Македонија, во ниту еден процес, немало вклучување на ФБИ?

Смешна работа, смешно барање, политички маркетинг. Прво ФБИ е организација, што, според Уставот на САД, работи само внатре. Други се институциите коишто имаат ингеренции да работат надвор. Таквото барање е во договор меѓу Груевски и Ахмети. Одговорот од страна на Груевски дека ако прифати судот дека тоа ќе се прифати е исто така смешна работа. Вие не можете да му дадете на еден судија, или на двајца или на тројца да одлучуваат за многу големи проблеми и не е работата само до судот. Работата почнува од истрагата. Полицијата, судот одлучува само по тие факти и аргументи. Уште една смешна атракција на господинот Ахмети.

Ја обвинувате владата дека води анти-интеграциска политика. Зошто мислите дека се оддалечуваме од ЕУ и од НАТО?

Затоа што во последните години не приметувам, ниту еден сериозен потег во врска со интеграциските процеси. Проблемот што го имаме со Грците е главниот проблем, другите работи мислам дека се неважни. Ако цело време зборуваме дека ние не сме спремни за никаков договор со Грците, тогаш е јасно дека нема спремност да се реши овој проблем.

Вие рековте дека ќе ги послушате странците и затоа се враќате во парламентот. Дали тоа значи дека до некои наредни избори ќе ги гледаме пратениците на ДПА во Парламентот. Ве прашувам, бидејќи познато е дека одредени проблеми, вашата партија знае да ги решава со тоа што го напушта парламентот.

Во моментот мислам дека сме во многу деликатна ситуација како држава, како општество. Јас не сум спремен да преземам одговорност за некакви турбулентни ситуации ниту од внатре, ниту од надвор. Нашето рационално однесување, тоа што го реков и претходно, да го земеме и последниот аргумент на владата да укажува дека има уште еден проблематичен фактор тука. Времето тече, веќе не се работи за години, туку за месеци. Мислам дека меѓународната заедница, полека, полека, но сигурно ќе го извади стапот и тој стап ќе го употреби против владата на Република Македонија, не против опозицијата, не против граѓаните. Ние сме тука и го чекаме нашиот момент.

За вас не постои Рамковниот договор, предлагате нов договор од 12 точки. Што мислите со тоа и дали тоа води кон федерализација на државата?

Тоа се многу тешки квалификации, навистина се чудам кога моите зборови се превртуваат. Охридскиот договор постои, тој договор е и мое дело, сум бил преговарач. Многу тврди ставови што се давале во врска со ДПА, се злоупотребуваат од другите партии, да повторам за мене постои Охридскиот договор и мислам дека според сите аргументи што ги имаме, тој документ да се надогради со нов договор. Духот на Охридскиот договор е најдобриот дух на еден политички договор и од тоа не смееме да бегаме, но имаме работи кои укажуваат оти и после 12 години не ги решаваме, ајде да разговараме за тие работи. Не се работи за федерализација, не се работи за некоја територијална организација на Албанците, туку за делови од Охридскиот договор кои не се реализирани до денеска, можеме да имаме нов договор.

Кога велите дека положбата на Албанците е лоша, што планирате вие да направите за да ја подобрите, во делот на невработеноста и сиромаштијата?

Прво треба да ги разјасниме работите. Две работи од новиот договор што ние го предлагаме мислам дека се главни, после другите сами по себе ќе се решаваат – начинот за одлучување, се уште во Македонија, Македонците ги мајоризираат Албанците во сите институции, почнувајќи од Парламентот па надоле и втората работа е распределбата на буџетот, ако за тие две работи се договориме, мислам дека другите многу полесно ќе се договорат.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG