Достапни линкови

logo-print

Про Арс со духовна хорска музика за Свети Климент Охридски


Со сериозно осмислена програма во која се дела од петроградските композитори од три генерации Свиридов, Хасцлер и Фалик, во петок на 8 август од 21 часот, во црквата „Света Софија“, во рамките на фестивалот „Охридско лето“, под диригентство на Сашо Татарчевски, ќе настапи професионалниот камерен мешан хор ПРО АРС.

Концертот е осмислен така што се опфатени тројца композитори од различни генерации од 20 век наваму. Станува збор за Ѓорѓи Свиридов, роден 1915 година, еден од гениите на руската композиторска школа воопшто и еден од најсаканите композитори и од публиката и од колегите. Вториот е Јуриј Фалик , дваесеттина години помлад од Свиридов, а трета е композиторката Наталија Хастлер, родена 1970-те, а нитката која што ги спојува е токму Санкт Петерсбург.

Во хорската музика, особено во духовната се кријат некои од најголемите ремек дела воопшто во музиката.

Сите се школувале на тамошниот Конзерваториум, сите имале неверојатни професори (Свиридов бил омилениот студент на Дмитриј Шостакович) и нив ги поврзува длабоката љубов и посветеност кон пишување музика на литургиски текстови.

Диригентот Сашо Татарчевски.

Диригентот Сашо Татарчевски.

Ова најнапред ќе го забележи Сашо Татарчевски, раководителот и диригентот на професионалниот камерен мешан хор ПРО АРС, во пресрет на нивниот концерт во „Света Софија“, во рамките на актуелното 54-то „Охридско лето“. Тој дополнува дека еден од неговите најомилени правци е токму духовната музика бидејќи таму се кријат некои од најголемите ремек-дела на музиката воопшто.

Ова е последното нешто на кое што работиме и досега е најсериозен проект кога станува збор за квалитетот и тежината на програмата. Програмата е исклучително сложена, исклучително захтевна за пејачите, и како што одат пробите мислам дека ќе имаме еден многу убав концерт.

„Во хорската музика, особено во духовната се кријат некои од најголемите ремек дела воопшто во музиката. Како оркестарски диригент кога посегате по нив навидум излегува дека се навраќате на нешто помало. И тоа така изгледа сè додека не се сфати дека музика и од еден глас може да биде ремек дело. Не мора да има инструментариум или ансамбл од стотина души за да биде ремек дело. Напротив. Најголемите мајсторски композиции се многу едноставни. Такви се и композициите кои што се избрани за овој концерт“, вели тој.

Татарчевски дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Има настапувано со голем број ансамбли на повеќе културни манифестации во Македонија, но и надвор од неа – во Португалија, Словенија, Шкотска, Швајцарија, Шпанија, Србија, Франција, Русија и во други земји.

Во моментов работи како вонреден професор на Академијата каде што постигнува големи успеси со хорот „Драган Шуплевски“, а истовремено е и раководител и диригент на Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар од Скопје и на професионалниот мешан камерен хор „Про Арс“.

Во својот репертоар, овој хор формиран во 2011 година, посебен акцент и посветеност дава на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на поттикнување на авторите за пишување нова хорска музика. Во соработка со СОКОМ неодамна за прв пат во Македонија е организирана работилница за млади композитори кои ги создаваа своите дела во непосреден контакт со ансамблот.

Не ограничувајќи се жанровски, ПРО АРС во изминатите три години оствари соработка и со организации и музичари од сферата на популарната музика. Членовите на професионалниот хор „Про Арс“ се млади, мотивирани, музички и вокално образовани хорски уметници, целосно подготвени за ефективна и професионална работа.

Говорејќи за личната потреба од формирање на ПРО АРС, Татарчевски вели дека мотивот бил дека со таков камерен професионален ансамбл може да се подготвува поинаква програма. Да се изведува интелектуална музика, музика со многу финеси и дела каде што треба знаење, не само кај диригентот, туку и кај хористите кои поседуваат вонредни гласовни способности.

„Ова е последното нешто на кое што работиме и досега е најсериозен проект кога станува збор за квалитетот и тежината на програмата. Програмата е исклучително сложена, исклучително захтевна за пејачите, и како што одат пробите мислам дека ќе имаме еден многу убав концерт“, вели Татарчевски.

Инаку, македонскиот диригент често е присутен на мастер-класовите и работилниците по оркестарско диригирање во светот, а деновиве се врати од Сартеано, Италија каде што на 11-та средба имаше можност да ги следи предавањата на двајца етаблирани светски авторитети во овој домен – Брајан Оконел од САД и посебно – Сајмон Керингтон, еден од основачите на прочуените КИНГ СИНГЕРС и професор на Универзитетот Јеил.

„Многу е важно кога некој кој е толку остварен во својата професија, практично легенда, ќе ти ги потврди некои работи кои што си ги мислел сам. Тогаш добиваш дополнителна сигурност дека си на вистинскиот пат. Секогаш може да се извлече нешто драгоцено од нивното искуство“, вели Татарчевски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG