Достапни линкови

logo-print

Ирак - Протерувањето на христијаните од Мосул


Ирачките христијани кои го напуштија Мосул велат дека биле присилени да го сторат тоа. Растечката кампања на терор од Исламската држава ги натера масовно да бегаат од нивниот град. Радио Слободен Ирак разговараше со една бегалка за она што таа и нејзиното семејство преживеале во последните неколку недели.

Раван Џинан, 25-годишна христијанка од Ирак, вели дека кога примила наредба за 24 часа да го напушти Мосул, не можела да им поверува на своите очи.

Бевме подготвени на се, но не очекувавме да бидеме протерани од нашиот град на таков начин. Кога претходно ни беше кажано дека ќе мора да се напушти градот мислевме дека Мосул ќе биде бомбардиран. Но, не очекувавме да примиме такво писмо.

Писма со иста содржина биле испратени до секој христијански дом од Исламската држава која го контролира овој втор по големина град во Ирак.

Во писмото, на христијаните им биле понудени три опции: да преминат во муслиманска вера, да почнат да плаќаат месечен данок, бидејќи се од друга вера или да бидат егзекутирани доколку решат да останат во Мосул.

Џинан, нејзиниот сопруг и двете дечиња, едното од четири години и другото од 18 месеци, сега се сместени во бегалски камп во близина на Ирбил, во Курдската автономна област.

Тие почнаа да ги бележат нашите домови со буквата „Н“ во круг и со реченицата „сопственост на Исламската држава“. Кога прашавме „зошто“ ни одговорија дека на таков начин ќе се заплашат оние што би сакале да ги ограбат нашите домови и оти не треба да страхуваме.

„Бевме подготвени на се, но не очекувавме да бидеме протерани од нашиот град на таков начин. Кога претходно ни беше кажано дека ќе мора да се напушти градот мислевме дека Мосул ќе биде бомбардиран. Но, не очекувавме да примиме такво писмо“, вели таа.

Џинан и семејството поради опасност од бомбардирање еднаш веќе го имале напуштено градот. Тоа беше кога Исламската држава по тридневни борби со ирачката армија го освои Мосул.

Откако Исламската држава им вети безбедност на сите верски малцинства во градот, се додека го почитуваат исламските закони, тие се вратија.

Во почетокот, како што вели Џинан, милитантите дури се однесувале заштитнички и им рекле да им се обраќаат ако некој им се заканува. Тоа не траеше долго. Нивното расположение се смени откако ја зцврстија контролата во Мосул.

„Милитаните почнаа да влегуваат во христијанските цркви, да им пречат на свештениците и да им се закануваат на верниците“, вели Џинан, додавајќи дека кон средината на јули милитаните почнале да ги бележат нивните куќи.

„Тие почнаа да ги бележат нашите домови со буквата „Н“ во круг и со реченицата „сопственост на Исламската држава“. Кога прашавме „зошто“ ни одговорија дека на таков начин ќе се заплашат оние што би сакале да ги ограбат нашите домови и оти не треба да страхуваме“, вели таа.

Напротив. Христијаните почнаа да го чувствуваат теророт. Буквата „Н“ означува „Насрани“, термин што за христијаните се користи во Куранот, но и за местото Назарет, каде што е роден Исус Христос.

По извесно време Исламската држава ги замени крстовите на црквите со џихадистички црни знамиња.

Кога пристигна наредбата со трите опции, Џинан вели дека таа и неколку илјади други христијани решиле да го напуштат градот.

Сега се во градот Аин Кава, во Курдската автономна област, каде што курдите се верски толерантни и имаат свои безбедносни сили.

Таа е во исчекување дали ирачките сили повторно ќе го освојат Мосул, но не верува оти некогаш ќе може да се врати таму.

„Не знам ни дали воопшто сакам да се вратам во градот во кој пораснав, а од кој бев протерана на таков начин“, вели Џинан.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG