Достапни линкови

logo-print

Лидерот на Исламската држава Абу Бакир ал-Багдади ги повика муслиманите од целиот свет да дојдат на териториите што ги освои оваа сунитска група во Ирак и Сирија за да помогнат во создавањето на новата држава. Какво е сегашното, но и историското значење на ваквиот потег, не само во регионот на Блискиот Исток?

Во пораката Абу Бакир ал-Багдади се претставува како калиф, односно лидер на исламот во светот.

Прогласувајќи калифат, тие сакаат да ја потенцираат нивната желба за политичка контрола врз освоената територија што е различно од моделот на национална држава кој постои во сегашниот меѓународен систем.

Оваа сунитска милитантна група соопшти и дека, наместо Исламска држава Ирак и Сирија, сега се вика само Исламска држава.

Во 19-минутното обраќање, Ал-Багдади вели дека Исламската држава е земја за сите муслимани без оглед на националноста, додавајќи дека таа ќе им ги врати нивното достоинство, моќ и права.

Ал Багдади

Ал Багдади

Тој упати повик до учителите, судиите, докоторите и инженерите да одговорат на очајничката потреба на муслиманите за нив.

Саудиска Арабија, иако поддржува организации како Исламската држава Ирак и Левант, секако нема со одобрување да го прими ова, бидејќи саудискиот крал си даде титула „Чувар на двете свети џамии во Мека и Медина“, што е исто како и титулата калиф.

„Прогласувајќи калифат, тие сакаат да ја потенцираат нивната желба за политичка контрола врз освоената територија што е различно од моделот на национална држава кој постои во сегашниот меѓународен систем“, вели Керол Керстен, експерт за исламски прашања од Лондон.

Исламистите долго време сонуваа за повторно создавање калифат кој постоеше на Блискиот Исток и во поголемиот дел на Северна Африка во различни форми од појавата на исламот пред илјада и четристотини години.

Калифатот беше исламска држава формирана по смртта на пророкот Мухамед, основачот на Исламот во седмиот век.​

Зборот калиф доаѓа од арапскиот јазик и значи наследник на Мухамед. Калифот е врховен верски и политички лидер на целата муслиманска популација во светот. Тој се нарекува и Амир ал Муминин или „командант на верниците“.

Последниот калифат беше прогласен за време на Отоманската империја и траеше од 1453 до 1924 година кога беше укинат од турскиот претседател Кемал Ататурк. Потоа имаше неколку обиди да се обнови, но тие пропаѓаа поради политичките трвења меѓу муслиманските лидери.

Керстен наведува дека калифатот е политички модел што го протежираат сунитите, но не и шиитите кои веруваат дека наследникот на Пророкот Мухамед мора да потекнува од неговото семејство.

Делови од Ирак и Сирија под контрола на ИДИЛ

Делови од Ирак и Сирија под контрола на ИДИЛ

Според Керстен, Исламската држава претставува предизвик за сегашните граници на Блискиот Исток, бидејќи нуди алтернативен исламски политички систем.

Меѓутоа, според очекувањата, тоа нема да има голема поддршка во регионот.

„Саудиска Арабија, иако поддржува организации како Исламската држава Ирак и Левант, секако нема со одобрување да го прими ова, бидејќи саудискиот крал си даде титула „Чувар на двете свети џамии во Мека и Медина“, што е исто како и титулата калиф“, вели Керол Керстен, наведувајќи дека креирањето калифат ќе има последици и врз меѓународното џихадистичко движење, особено врз иднината на Ал Каеда, која се откажа од Исламската држава Ирак и Левант откако таа не го прифати нејзиното лидерство во Сирија.

Ал Каеда долго време беше предводник на џихадот во светот. Но, во Сирија и Ирак, Исламската држава го постигна она што никогаш не и успеа на Ал Каеда, да пресече и да земе под своја контрола голем дел од територијата на Блискиот Исток.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG