Достапни линкови

Дијана Тоска со деби книга поезија – „Преплетен копнеж“


„Преплетен копнеж“ е насловена првата книга поезија на Дијана Тоска чија промоција треба да се случи оваа среда, на 4 јуни, во 20 часот во Салон 19.19. на Културно-информативниот центар во Скопје. Станува збор за стихозбирка во која се поместени повеќе од 70 песни во кои се опева љубовта кон животот и кон луѓето.

Дијана Тоска конечно го отсонува својот младешки творечки сон. „Преплетен копнеж“ е насловена нејзината деби книга во која се поместени 78 песни и со која таа стамено влегува во светот на поезијата. Станува збор за објава што како издание на КИЦ од Скопје се појави деновиве, и во која авторката генерално ја опева својата љубов кон животот и кон луѓето.
Јас подолго време пишувам наративна поезија во која се рефлектира љубовта кон животот и луѓето, гледајќи ги како тие се справуваат со недостатокот на работите од суштинско значење, се со цел да се задржи духот жив.


„Јас подолго време пишувам наративна поезија во која се рефлектира љубовта кон животот и луѓето, гледајќи ги како тие се справуваат со недостатокот на работите од суштинско значење, се со цел да се задржи духот жив. Преку овие мои стихови се изразува носталгијата и желбата за основните суштински нешта за човекот, како што се љубовта, меѓусебното почитување, колективниот мир... Сите оние нешта кои ги прават луѓето да се чувствуваат среќни. Од друга страна, во некои од стиховите се чувствува огорченоста од лошите навики кои се кријат кај луѓето, а тоа се дефинитивно зависта, лошотијата, гревот и алчноста... Оваа стихозбирка е почната поодамна да се пишува, но дури сега и дојде време да биде објавена“, вели поетесата.

Родена 1965 година во Скопје, Дијана Тоска основно и средно образование завршува во родниот град, а англиски јазик и книжевност на Државниот универзитет во Тетово. Потем патот ја води на Факултетот за политички науки и јавна администрација на Универзитетот на Југоисточна Европа, каде се здобива со титулата магистер по дипломатија.

Моментално работи како државен советник за промоција на извозот и маркетинг во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија и, разбирливо, она малку слободно време што и преостанува го користи за да ја задоволи својата младешка страст кон пишувањето.
Во моите поезии упорно и постојано како главен лик се појавува жената. Таа се појавува како личност која се соочува со бројните проблеми кои ги носи животот – од подигањето на децата, фамилијата, од нејзиното место во општеството каде што живееме, нејзината улога во една љубовна приказна.

Тоска појаснува дека во центарот на вниманието во нејзината поезија е жената и нејзиното место и улога во ова наше совремие.

„Во моите поезии упорно и постојано како главен лик се појавува жената. Таа се појавува како личност која се соочува со бројните проблеми кои ги носи животот – од подигањето на децата, фамилијата, од нејзиното место во општеството каде што живееме, нејзината улога во една љубовна приказна...Потоа нормално тука се јавуваат елементите на измама, изневерување, грев и т.н. Навидум обичните нешта кои го чинат ова што се нарекува живот.“
Таа појаснува дека да се биде жена во нашата држава и воопшто на Балканот не е нималку лесна задача, но дека кога еднаш ќе се тргне и стигне на целта, тогаш нема застанување.

„Жената во ова наше општество е подобро позиционирана од претходно. Гледаме жени кои се дипломати, гледаме жени кои се пратенички, лекарки, наставнички. Значи, ја нема веќе таа жена која останувала дома за да му се посвети на семејството и да ги извршува домашните задачи или која, евентуално, во најдобар случај можела да биде учителка. Денес жената можеме да ја видиме насекаде, во сите пори на системот и во јавниот живот.“

Дијана Тоска во светот на пишаната реч е многу одамна. Сем поезија препознатлива во јавноста е и како авторка на текстови за детски песни кои многупати досега биле промовирани на фестивалите во Република Македонија и на Косово. Од таму, нималку не чуди кога знае да каже дека со нетрпение очекува, помеѓу двете стихозбирки со поезија, да и се посвети и на книгата во која ќе се најдат стиховите за најмладите.

„Би сакала, пред да започнам посериозно да ја работам втората книга со поезија за возрасни, да направам една збирка со песните за деца и токму ним да им ја посветам. Тоа подразбира можеби и многу посериозен пристап во работата оти мора да признаеме дека токму тие се најискрената и најубавата читателска публика. “

Кон ова само уште информацијата дека книгата „Преплетен копнеж“ на Дијана Тоска во КИЦ ќе ја промовираат Теута Демјаха и Линдита Рамуши Душку, стихови ќе чита Теута Ајдини Јегени , а музичка изведба ќе биде на пијанистката Нита Груби.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG