Достапни линкови

Дваесетгодишна реторика алијас расипана лонгплејка


Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.
Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.

Доста ми е од обвинувања, непреземање на лична и партиска одговорност, непризнавање на свои и партиски грешки и вртење во круг, пишува Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

„Дајте ми 65 пратеника за да не ме уценуваат“. „Дајте ни 25 пратеника за да имаме поголемо влијание“. „Гласајте за нас бидејќи малите партии немаат шанси“. „Албанците ни се непријатели“. „Македонците ни се непријатели“. И така натаму последниве дваесет години, како расипана лонгплеј плоча. Да се каже само дека е расипана и дека врти едно исто, е лесно, но отровна е, зборовите се отровни и опасни, манипулаторски и лажливи.
Доста ми е од обвинувања, непреземање на лична и партиска одговорност, непризнавање на свои и партиски грешки и вртење во круг.

Фрустрирачки е што оваа реторика не ја слушаме само во овој период на кампањи, туку во сите кампањи од осамостојувањето досега. Ја слушаме од двете страни, од опозиција и позиција, од Македонците и Албанците.

„Другата страна ни е непријател, гласајте за нас, за да ве заштитиме од нив“. Така би звучело симплифицирање на сите етноцентристички, шовинистички и огнени партиски реторики од кои не само што се изнаслушавме, туку и се отрувме. Доволно се изнаслушав празни реторики од собраниските седници дека оваа или онаа партија е виновна за ова или она. Доста ми е од обвинувања, непреземање на лична и партиска одговорност, непризнавање на свои и партиски грешки и вртење во круг. На едно обвинување се одговара со друго во стилот: а вие кога бевте на власт, вака и вака правевте. Презаситени сме од вулгаризми, навреди, удари под појас и натпревар кој повеќе ќе го навреди противникот.

Не верувам дека „другиот“ ми е непријател, не верувам дека ме мрази, ниту некој од телевизорот, трибината или некое друго јавно место ќе ме убеди во тоа. Не верувам дека Албанците, кои на Клиниката за онкологија ги среќавав на секои две недели, пиев кафе со нив и се смеев, ми се непријатели, ниту дека тие ме сметаа мене за непријател. Не верувам дека од пријателот од кого купив автомобил на старо, а член е на една партија на власт, ме мрази и не ми верува.
Почнете веќе да нè „напаѓате“ и „труете“ со вистински планови и ветувања за подобрување на целата ситуација во земјата. Со реторика која е убедлива, која нема да ја навредува нашата интелигенција.

Но, верувам дека мојот непријател, а и на сите останати обични, сè уште донекаде слободни граѓани на Македонија, со слободна мисла и цврст став, се сиромаштијата и алчните политичари од сите страни. Верувам дека оние од трибините кои се закануваат дека ако не гласам за нив, ќе биде вака или онака (со црни сценарија, секако), се мои непријатели. Верувам дека со излегувањето на избори и земањето на пенкало во рака да заокружам реден број кој јас сакам, а не оној кој ми го посочиле држејќи ме за уво како мало дете, ќе покажам и докажам дека не се плашам. Немојте да ни се заканувате дека ќе ни го земете лебот или дека нема да ни го дадете, иако ни следува и по Устав и закон. Престанете со притисоци, закани, уцени и заплашувања. Овој народ има точка на топење, но има и точка на вриење. А после таа точка на вриење, следи експлозија.

Почнете веќе да нè „напаѓате“ и „труете“ со вистински планови и ветувања за подобрување на целата ситуација во земјата. Со реторика која е убедлива, која нема да ја навредува нашата интелигенција и верувања и планови за кои однапред се гледа дека се остварливи и реални. Почнете да си ја вршите работата за која сте платени од буџетот, поточно платени со наши пари.

Овој викенд е Велигден, еден од најголемите, а и најубавите христијански празници. Знам дека ќе добијам прекрасни и искрени честитки од моите пријатели муслимани, затоа што никогаш не ги заборавам на нивните празници. Сега ќе подарам јајца, а следниот пат ќе добијам баклава. Размислете убаво, ако јајцата ги користиме за вапцување и одбележување на празник, можеме да ги употребиме и за нешто друго. А флеката од јајце малку потешко се чисти.
XS
SM
MD
LG