Достапни линкови

logo-print

„Контакт“ меѓу можностите на студентите и потребите на компаниите


Студентите од факултетот за електротехника и информациски технологии го организираа првиот саем за вработување и пракса наречен Контакт, за да се пополни празното множество меѓу стручните познавања на дипломираните студенти и побарувањата на стопанството.

За да може да се пополни празното множество меѓу стручните познавања на дипломираните студенти од техничките науки и побарувањата на стопанството, студентите од факултетот за електротехника и информациски технологии го организираа првиот саем за вработување и пракса наречен Контакт. На саемот се презентираат 15 компании од енергетскиот и ИТ секторот, автоматиката, телекомуникациите, електрониката и неколку банки.
Со тоа не ја дозволуваме можноста студентот да бара изговори дека не може да ги увиди потребите на компаниите.

„Со тоа не ја дозволуваме можноста студентот да бара изговори дека не може да ги увиди потребите на компаниите, е сега тука наоѓаме на одѕив од компаниите кои велат ние доаѓаме на вашиот факултет, но бараме квалитетни кадри“, изјави Анџело Лазаревски, претседател на Студентскиот парламент на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Оттука и на самиот саем ќе се одржат предавања и тренинзи за студентите со цел да се дооформат како професионалци кои ќе се презентираат себе си како прилагодени на потребите на компаниите. Тоа што го создава најголемиот јаз меѓу студентите од техничките факултети и компаниите, вели Лазаревски, е недостигот од пракса на самиот факултет но и неподготвеноста на компаниите да ја овозможат за штотуку дипломираните.

„Решението на овој проблем е ако компаниите сфатат дека во студентите ги гледаат своите идни вработени, не да ги гледаат како материјал кој би можеле да го искористат за правење поголем профит. Ако студентот има 4-5 предмети во еден семестар, еден или два предмети да бидат директен линк со одредена компанија, каде што студентот добива ментор за онаа област која го интересира и на која подоцна би сакал да работи.“

Ирена Чаушевска, генерален менаџер на Њуменс бизнис акцелераторот, компанија која работи на поврзување на студентите на компаниите и на странските инвеститори, вели дека ова е можност за компаниите да видат дека студентите имаат доволно квалификации, што можеби секогаш не изгледа така од надвор, а студентите ќе можат да се запознаат со можностите и условите во компаниите што не им е достапно без директен и навремен контакт.

„Компаниите се премногу зафатени со остварување на своите бизнис цели,академиите со остварување на своите академски цели, студентите со своите и доколку нема директна комуникација помеѓу нив за точно да се разберат на кого што му треба и кој што сака, можно е сите активно да работат, меѓутоа да нема симбиоза или преклопување на потребите на едните и можностите на другите.“

Студентите кои не наоѓаат работа по завршувањето на факултетот најчесто продолжуваат на постдипломски студии со кои мислат дека ќе ги зголемат своите шанси за работа, но тоа не се покажува секогаш за успешно, посочува Лазаревски, се покажува дека дооформувањето на студентот преку пракса и како личност е попотребно и ги зголемува неговите шанси за професионална реализација.
XS
SM
MD
LG