Достапни линкови

Мобилна галерија – Нов демократски простор за продуцирање култура


Независната уметничка сцена во Македонија, в петок, на 4 април, добива простор што ќе може да го моделира според своите потреби. Мобилната, монтажна галерија на Центарот за современи уметности ќе биде поставена во Паркот на франкофонијата во Скопје, но со неа и другите градови од земјава добиваат реален независен објект каде ќе можат да се претставуваат, презентираат и изложуваат најразновидни проекти од сите гранки на културата и уметноста.

Со идеја да се добие реален независен простор во кој ќе можат да се претставуваат, презентират и изложуваат најразлични проекти од сите гранки на културата и уметноста, а згора на тоа, граѓаните би имале и свое катче за размена на мислења, идеи и за дружба, на 4 април, во Паркот на франкофонијата во Скопје, ќе биде промовирана Мобилната, монтажна галерија на Центарот за современи уметности. Она што е важно притоа е тоа што овој проект се очекува да ја намали зависноста (та и можностите за уцена) на независната културна сцена од страна на јавните културни институции, без разлика дали тие дејствуваат на локално или национално ниво.
Прв пат се случува во македонски контекст на современа култура да се направи ваков проект на монтажна галерија која за мене лично е метафора и потреба од простор кој што реално го немаме за изложување.

„Прв пат се случува во македонски контекст на современа култура да се направи ваков проект на монтажна галерија која за мене лично е метафора и потреба од простор кој што реално го немаме за изложување и кој што на најразлични начини се обидувавме, преку различни иницијативи, како Кооператива и други заложби, да го иницираме. Овој простор мислам дека ги обединува сите тие и уметнички и активистички и културни потреби за делување и за отворање на некаков нов демократски простор за продуцирање на култура, на некој начин“, истакнува уметникот Филип Јовановски, кој заедно со Дејан Ивановски е еден од авторите на ова архитектонско дело.
Ако некој сака да ја користи за некој свој проект од овој домен на која било точка од територијата на Република Македонија, тој има право.

Јовановски дополнува дека на Галеријата треба да се гледа и како на став кој треба да прави притисок и кон институциите, но и кон сцената, дека постојат и други начини за делување кои што можат да отвораат нови приказни на многу помобилен, подемократски начин.

Идејата за изгледот и концептот на овој хибриден модел се резултат на широката дебата и истражувањето на Центарот за современи уметности кои што беа спроведени во изминативе шест месеци, при што се дојде до сознанието дека просторот треба да биде мобилен, флексибилен и мултифункционален. Од таму, Галеријата е замислена како јавен простор (платформа со димензии 5 х 9 метри) којшто во определен момент може и физички да се трансформира од потполно затворен до отворена сцена за перформанси или граѓански дебати во зависност од настанот што е предвидено да се случува во него.

„Се работи за еден динамичен простор кој овозможува да се покажат различни типови на уметности. Од разновидни инсталации, преку скулптури и слики, па размислувавме дури и за некаков отворен театар, за простор за дебати и т.н. . Значи, на некој начин, станува збор за еден мултидисциплинарен објект кој може да продуцира повеќе типови на културни случувања и така да ја анимира публиката“, ќе рече Дејан Ивановски.

Од друга страна, особено битен момент во заложбите на Центарот за современи уметности, е фактот што Мобилната галерија нема да биде привилегија само на почитувачите на културата и самомислечките луѓе на Скопје, туку е предвидено овој реален, независен и мултифункционален објект да го користат и оние од останатите градови во земјава.

Никола Писарев истакнува дека во текот на јули и август Галеријата е планирано да се најде во Охрид и во Битола, но потенцира дека нејзиното придвижување ќе се одвива во две насоки.

„Ако некој сака да ја користи за некој свој проект од овој домен на која било точка од територијата на Република Македонија, тој има право и ако тоа е согласно принципите на функционирање на Галеријата да ја добие од нас и да ја искористи за дадениот проект. Тоа е една работа, а другата е што ние од есен сакаме да почнеме продукција на културни случувања во помалите градови и за таа намена ќе распишеме конкурс за локалните уметници и луѓето од културата да конципираат проекти во нивните мета на живеење“, вели Писарев.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG