Достапни линкови

Буџетските приходи за 2013 покуси за стотина милиони евра


Архивска фотографија: Министерот за финансии Зоран Ставрески.

Архивска фотографија: Министерот за финансии Зоран Ставрески.

Во последните два месецa од годинава треба да се соберат 560 милиони евра, но досегашните тенденции покажуваат дека тоа е речиси невозможно. Во Министерството за финансии засега молк.

Буџетот не се полни според предвиденото, покажува анализата на приходите во државната каса. Во буџетот за годинава е предвидено по сите основи да се соберат 2,427 милијарди евра, а да се потрошат 2,74 милијарди евра. Заклучно со октомври по сите основи во државата се собрани 1,867 милијарди евра. Тоа значи дека во последните два месеци од годинава треба да се приберат 560 милиони евра, за да се исполни проекцијата и да се задржи предвидениот буџетски дефицит од 313 милиони евра.

Во октомври приходите во Буџетот изнесуваа 192 милиони евра и се должеа на поголемиот притисок на Управата за јавни приходи врз правните лица.
Досегашните тенденции покажуваат дека е речиси неверојатно во буџетот да се приберат толку пари во ноември и во декември годинава. Во првите 10 месеци буџетот се полнел во просек со по 187 милиони евра месечно. Рекорден приход по месеци има во јули годинава кога биле прибрани 239 милиони евра, покажуваат податоците на Министерството за финансии. Минатата година, пак, во последните два месеци биле прибрани 402 милиони евра. Според тоа, дури и приходите во буџетот во последните два месеци од годинава да се на рекордно високо ниво, државната каса ќе остане за околу 100 милиони евра покуса на приходната страна.
Архивска фотографија.

Архивска фотографија.


Состојбата со буџетот најде место и во извештајот за ноември на невладината Транспарентност Македонија. Ана Јаневска-Делева од оваа организација вели дека е многу извесно дека не може да се соберат 560 милиони евра во буџетот за два месеци и оти тоа ќе доведе до продлабочување на буџетскиот дефицит.
Во Министерството за финансии вчера прашавме дали, со оглед на овие податоци, очекуваат до крајот на годинава да се соберат планираните приходи од 2.437 милијарди евра, но не добивме одговор до објавувањето на овој текст.

„Ова е доста извесно ако се има предвид фактот дека во октомври приходите во Буџетот изнесуваа 192 милиони евра и се должеа на поголемиот притисок на Управата за јавни приходи врз правните лица, што доведе до зголемување на даночните приходи кои во целост се должи на зголемена наплата на ДДВ, но и на зголемените глоби, кои во овој месец изнесуваа 3 милиони евра и беа најголеми во однос на изминатите месеци од годината“, вели таа.

Заклучно со октомври, буџетскиот дефицит изнесува 278 од предвидените 313 милиони евра, што значи дека државата има простор да се задолжи уште 35 милиони евра до крајот на годинава.

Според анализата на Транспарентнот Македонија капиталните расходи во периодот јануари – октомври изнесуваат околу 215 милиони евра од планираните 328 милиони евра за целата година и според нив е практично нереално да се очекува дека во последните два месеци ќе се остварат 113 милиони евра капитални инвестиции, ако се има предвид дека во октомври тие изнесувале нецели 20 милиони евра.

Не е јасно дали слабото полнење на буџетот ќе се одрази на кратење на капиталните инвестиции. Во Министерството за финансии вчера прашавме дали, со оглед на овие податоци, очекуваат годинава да заврши со планираниот дефицит од 313 милиони евра, дали очекуваат до крајот на годинава да се соберат планираните приходи од 2.437 милијарди евра и дали во ноември и во декември годинава ќе бидат потрошени 113 милиони евра за капитални инвестиции, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG