Достапни линкови

Повторната закана од воведување на визи е лош сигнал не само за земјава, туку и за европската политика. Од ромската заедница, чии припадници се посочуваат како најголеми баратели на азил, реагира дека барањата за азил не се зголемени.

Македонија е далеку од опасноста од повторно воведување на визи, иако механизмот за привремено враќање на визите покажува дека Унијата е загрижена поради притисокот од наглото растење на лажните имигранти, оценува стручната јавност. Професорот Никола Дујоски вели дека засега нема ризик од враќање на визите за македонските граѓани.
Многу се надевам дека до ЕУ нема да се преземаат понатамошни чекори за повторно воведување на визите, затоа што тоа ќе значи лош сигнал не само за земјите за кои ќе бидат воведени визите, туку и за европската политика.

„Многу се надевам дека до ЕУ нема да се преземаат понатамошни чекори за повторно воведување на визите, затоа што тоа ќе значи лош сигнал не само за земјите за кои ќе бидат воведени визите, туку и за европската политика воопшто, бидејќи тие отвораат граници, се отвораат сè повеќе и повеќе за земјите од соседството. Воведувањето на визи ќе значи пораз и на нивната политика или на нивниот механизам за контрола на границите.“

Ромската етничка заедница чии припадници се посочуваат како најголеми баратели на азил, реагира. Ашмед Еленовски од Националниот ромски центар не се согласува дека бројот на баратели на азил од Македонија е во континуиран пораст.
Бројот на Роми кои сакаат излез од Македонија не е зголемен и не е точно дека Ромите се лажни азиланти. Ромите кои излегуваат од Македонија се само луѓе кои бараат подобра иднина за нивните деца.

„Бројот на Роми кои сакаат излез од Македонија не е зголемен и не е точно дека Ромите се лажни азиланти. Ромите кои излегуваат од Македонија се само луѓе кои бараат подобра иднина за нивните деца, како што тоа го прават и повеќето луѓе од Македонија кои земаат разни видови на патни исправи или преземаат националности.“

Според Елезовски механизмот кој вчера доби зелено светло од Советот на министри на Европската Унија е една слабост на европските институции како да се соочат со проблемот.

„Ова е очигледно прекршување на нивните меѓународни регулативи со оваа мерка, бидејќи Ромите не се тука клучна алатка за да се оправдуваат дека поради Ромите ќе се враќаат визите за шест месеци.“
Освен тоа што воведувањето на визите ќе биде лош сигнал за земјите во кои ќе се воведат визите, последиците најмногу ќе ги почувствуваат обичните граѓани. Ако тоа се случи Дујоски предупредува дека контролите и процедурите за одново добивање на виза во некоја од европските земји ќе биде многу покомплексно.

„Тоа нема да значи само повторно чекање пред амбасадите, туку ќе значи и нови формулари, нови обрасци, нови документи, повторно поделба на граѓаните по основ вработен, ако е вработен сигурно ќе се врати или ако е невработен тој е веќе опасност, авиобилетите нема да се издаваат толку едноставно како што е сега.“

Инаку Германија е една од земјите во која секоја година расте бројот на баратели на азил од земјите од западен Балкан, пред се од Македонија и Србија. Од Европскиот ромски форум посочуваат дека укинувањето на визната либерализација поради лажните азиланти е контрапродуктивна, зашто тоа автоматски ќе значи одобрување на одреден третман на малцинствата во државите од каде потекнуваат барателите на азил, а кои не се компатибилни со западните вредности.

Инаку итната мерка за укинување на безвизниот режим на шест месеци за некои држави можна е и во случај на непочитување на договор за реадмисија, односно во случај на одбивање барања на ЕУ држава да одбие да прими назад свои државјани кои би го злоупотребиле визниот режим.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG