Достапни линкови

logo-print

Студија што културолошки го означува духот на ова време


„Од Моцарт до мобилните телефони“ е насловена книгата на продуцентот и културолог Крсто Скубев, чија промоција ќе се случи в среда на 29 мај во Македонската опера и балет, во рамките на годинешното издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Станува збор за студија за влијанието на масовните медиуми во обликувањето на музичкиот производ и за одразот на тоа влијание врз консументите.

„Од Моцарт до мобилните телефони“ на Крсто Скубев е релевантна, опстојна и концизна студија за тема за која може да се пишува мошне опширно. Вредноста и актуелноста на ова дело е токму во специфичната согледба на авторот кој успеал во оваа културолошка тема за најуниверзалната, најраспространетата и најконсумираната уметност да го извлече есенцијалното од односот дело-публика низ историските периоди, од почетоците па се до најновата епоха, која може да се означи како мас-медиумска.
Суштината беше да се одвои условно времето, создавањето на музиката од почетоците до појавата на техничките средства, што тие предизвикуваат на почетоците со нивната појава и потоа влијанието на тие технички средства , односно масовни медиуми, врз музичкиот производ и каква е состојбата денес.

„Од Моцарт до мобилните телефони“ го препознава и културолошки го означува духот на времето во кое што живееме, со огромното пресудно влијание на мас-медиумите во обликувањето на музичкиот производ и рефлексијата што тоа влијание го има во односот кон публиката, пред сè со бришењето на границите меѓу елитното и масовното.
Продуцентот и културолог Крсто Скубев.

Продуцентот и културолог Крсто Скубев.


Ова ќе го забележи во поговорот на книгата насловен како „Студија за елитноста наспроти потрошувачкиот менталитет“ рецензентот, професор д-р Александар Прокопиев, притоа дополнувајќи дека Скубев прави детална вивисекција на терминот музичка уметност, со сите нејзини суштински елементи – уметник, дело, уметничка потреба, институција, уметничко производство и друго.
Имам една идеја која би одела во правец на истражување на фестивалите како сегмент. Посебно на музичките фестивали. Се разбира тука ќе ги опфатиме и другите - почнувајќи од поранешните црковни процесии, разно разните карневали, па сè до денешниот фестивалски начин на славење на уметноста.

А, авторот, пак, во пресрет на промоцијата на „Од Моцарт до мобилните телефони“ - книгата што како издавач ја објави Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, вели дека тој во сопствената студија се обидел да го објасни влијанието на масовните медиуми врз уметничкиот производ.

„Суштината беше да се одвои условно времето, создавањето на музиката од почетоците до појавата на техничките средства, што тие предизвикуваат на почетоците со нивната појава и потоа влијанието на тие технички средства , односно масовни медиуми, врз музичкиот производ и каква е состојбата денес.“

Скубев дополнува дека во студијата се служел со цитати на светски еминентни историчари и социолози на уметноста, со историски факти, со биографиите на големи творци во музиката но дека на крајот приказната се сведува на тоа дека „високата уметност ги надминува сите желби и очекувања“.

„Секоја уметност е правена според вкусот на соодветната публика, меѓутоа високата уметност ги надминува сите желби и очекувања!“

Роден 1953 година во Радовиш, Скубев во културата е од „мали“ нозе. Бил долгогодишен член на бројни аматерски културно-уметнички друштва, потем и на реномираното АКУД „Мирче Ацев“ од Скопје, хорот на МРТВ, хорот на Операта. Во Македонскиот народен театар се вработил во 1981 година и неколкупати како артист или пејач се искачувал на театарската и на оперската сцена. Во периодот од 1995 до 2007 година бил раководител на Секторот за маркетинг, пропаганда, документација и издавачка дејност во матичната куќа, извршен продуцент и член на Советот на Фестивалот на аматерски и алтернативни театри во Кочани, еден период и во тимот на Државниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп како и во оној што го потпиша концертот на Израелската филхармонија под диригентство на прославениот маестро Зубин Мехта, во Иницијативниот одбор за донесување Закон за донации и спонзорства, а моментално работи како Советник за јавност во МОБ.

Инаку, „Од Моцарт до мобилните телефони“ му е прва објавена книга на Скубев и таа произлегла од неговиот магистерски труд по културологија во книжевноста, а авторот истакнува дека тука нема да застане и дека во иднина би сакал посериозно да се позанимава со фестивалите.

„Имам една идеја која би одела во правец на истражување на фестивалите како сегмент. Посебно на музичките фестивали. Се разбира тука ќе ги опфатиме и другите - почнувајќи од поранешните црковни процесии, разно разните карневали, па сè до денешниот фестивалски начин на славење на уметноста.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG