Достапни линкови

Темплтон - Потребна е достапност на безбеден абортус


Алан Темплтон, професор на универзитетот во Абердин. Од 2004-2007 бил Претседател на кралскиот колеџ на гинеколози и акушери и е одликуван од Кралицата Елизабета II. Доктор Темплтон присуствуваше на конференција на гинеколози и акушери во Охрид.
Алан Темплтон, професор на универзитетот во Абердин. Од 2004-2007 бил Претседател на кралскиот колеџ на гинеколози и акушери и е одликуван од Кралицата Елизабета II. Доктор Темплтон присуствуваше на конференција на гинеколози и акушери во Охрид.

Ако се обидете да ги присилите жените да имаат деца, тоа нема да успее, затоа што тие тогаш ќе го изберат небезбедниот начин за абортус ако тој не им е легално достапен, вели во разговор за Радио Слободна Европа Алан Темплтон, професор на универзитетот во Абердин.

Која беше целта на вашата посета во Македонија?
Традиционално во земјите кои се дел од старо источно европскиот блок од секогаш им бил широко достапен абортусот, но не и контрацепцијата толку многу. Она што е клучното за Македонија е да се едуцираат жените за контрацепцијата и таа да биде достапна за нив.
Алан Темпелтон, гинеколог.

Бев поканет од НВО Хера за здравствена едукација, да зборувам на конференција за запознавање со медикаментозниот метод за абортус. Многу е важно за здравјето на жената абортусот да биде лесно достапен исто како и контрацепцијата. Досега, традиционално, абортусот се извршуваше хируршки, мала операција за која понекогаш се користи и анестезија. Во изминативе 20 години се развиени методи со примена на лекови. Во мојот центар во Шкотска вложивме многу труд за да се развијат овие методи и сега во Шкотска има широка примена, околу 70 проценти од сите абортуси се изведуваат со лекови наместо традиционално хируршки. Ова е многу прифатливо за жените, тие повеќе ги избираат овие методи отколку оперативните, и стана толку безбеден начин за абортус што сега повеќето жени го изведуваат абортусот дома, тие дури не ни доаѓаат во клиниката ниту во болницата. Тие тоа можат да го сторат дома доколку станува збор за рана бременост од 8 до 9 недели односно во првите два месеци.

Начин да се зголеми бројот на новороденчиња е да се обезбеди социјална поддршка за жените кои имаат деца, за да можат да си дозволат да имаат повеќе од едно дете. Но луѓето не се глупави, знаат дека растењето и воспитувањето на децата чини пари и дека доколку немаат квалитетна социјална поддршка нема да го направат тоа.
Алан Темпелтон, гинеколог.
Кога станува збор за абортусот, религиозните ставови на двете верски заедници во Македонија се против абортус. Кои се предизвиците во поглед на религијата и традицијата кога станува збор за новиот начин на спроведување на абортус?

Па нема разлика во тој поглед, или го прифаќаш абортусот или не. Ако го прифаќаш правото за абортус, тогаш примената на лекови за абортус е подобар од примената на хируршки методи. Ако не се прифаќа абортусот, ниеден метод нема да ве задоволи. Нема разлика од тој аспект. Мислам дека клучната работа е дека и покрај тоа што религијата е против абортусот, жените имаат потреба да биде достапен абортусот и да биде што е можно повеќе безбеден начинот на кој ќе се спроведе и затоа е потребно медицински да биде достапен до нив во земјите, бидејќи доколку на жените не им е достапен абортусот како легална опција тогаш ќе отидат на друго место, понекогаш тоа е кај небезбедни практиканти и тоа носи ризик по нивното здравје. Затоа клучно е дека и покрај религиозните ставови, повеќето жени, па дури и религиозните жени кога имаат проблем мислат дека им треба абортус и важно е тој да е достапен за нив, да биде изведен безбедно и да биде под медицински надзор.

Може ли да направите една паралела за перцепцијата на македонските жени и жените од западните земји во поглед на репродуктивното здравје?

Традиционално во земјите кои се дел од старо источноевропскиот блок од секогаш им бил широко достапен абортусот, но не и контрацепцијата толку многу. Она што е клучното за Македонија е да се едуцираат жените за контрацепцијата и таа да биде достапна за нив. Дијафрагмата, инекција и апчиња, тие се многу важни контрацептивни средства кои ќе ја намалат потребата од абортус доколку се широкодостапни.

Втора работа е што мислам дека жената во Македонија го прифаќа абортусот иако има потешкотии со државата поради долгата историја во источниот блок па од таа гледна точка мислам дека нема голема разлика меѓу Истокот и Западот.

Мислам дека понекогаш државата или црквата велат дека се против абортусот, но сепак во речиси секоја земја во која сум бил жената сака да има пристап до абортус.

Во името на репродуктивното здравје, државата и верски заедници ја застапуваат стратегијата за трето дете и велат дека делумно за проблемот со наталитетот виновен е абортусот. Како пример во владините рекламни кампањи се спомнува дека Бетовен немаше да постои доколку неговата мајка го избрала правото на абортус. Што би препорачале за таквите стратеги и и кампањи кои носат контрадикторни пораки?

Државата не може да ги принуди жените да имаат едно, две или три деца, тоа е репродуктивно право на жените да го изберат бројот на деца што ќе ги имаат, а тоа е многу значајно од здравствен аспект.

Ако се обидувате да ги присилувате жените да имаат деца, тоа така не успева, затоа што тие тогаш ќе го изберат небезбедниот начин за абортус ако тој не им е легално достапен. Тоа е познат факт, се случува секаде во светот. Како најпознат пример за тоа е Романија во времето на Чаушеску кој се обиде да го сопре абортусот. Но што се случи, морталитетот на родилки и воопшто морталитетот на новороденчиња се зголеми наместо да се зголеми наталитетот, нешто што беше крајна цел на мерката.

Начин да се зголеми бројот на новороденчиња е да се обезбеди социјална поддршка за жените кои имаат деца, за да можат да си дозволат да имаат повеќе од едно дете. Но луѓето не се глупави, знаат дека растењето и воспитувањето на децата чини пари и дека доколку немаат квалитетна социјална поддршка нема да го направат тоа. Во сите европски земји наталитетот е под 2, односно во просек многу парови имаат едно до две деца и државата не може да влијае врз тоа доколку не обезбеди социјална поддршка, финансиска поддршка за луѓето да можат работат и да имаат дополнителна помош за децата.

Вие рековте дека жените ќе можат абортусот да го направат дома, дали има ризик од некои нус појави?

Да, нус појавите се дека има малку повеќе болка и крвавење отколку при операција, но доколку на жените им се даде апчиња против болка, тогаш нема да има проблем, затоа што ќе се сведе болката на онаа менструалната, значи не е полоша од таа болка. Со операција често се прават грешки и настануваат повреди на репродуктивните органи. Тоа се случува при операција,а може да се одбегне со помош на апчињата.

Колку македонските доктори се запознаени со новиот метод за спроведување абортус?

Некои се, но дел не се доволно запознаени затоа што немаат искуство со методот и веројатно е потребно две, три клиники да стекнат искуство со него. Тогаш кога тие ќе стекнат доверба во него и жените ќе имаат доверба во методот и така ќе се прошири зборот дека станува збор за добар метод којшто функционира. Најдобар начин за убедување на луѓето е искуствениот. Во нашата пракса на пример во Шкотска речиси сите абортуси ги прават сестри со помош на медикаментозниот абортус, а не доктори, и на жените тоа им се допаѓа, им се допаѓа кога за нив се грижат сестрите.

Едно од важните прашања се парите, дали таа терапија е скапа и дали може да биде на товар на фондот или пак приватно се плаќа?

Досега лековите за медицинскиот абортус, особено еден од нив е многу скап, можеби не колку хируршкиот абортус, можеби помалку, но сепак скап. Но сега има поевтини лекови од тие кои се тестирани и лиценцирани во Европа и Шведска и една комбинација од тие лековите е толку евтина што изнесува од 5 до 10 евра. Така што тие лекови ќе можат да си ги дозволат сите жени.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG