Достапни линкови

logo-print

Класните разлики се резултат на владините политики


Ако ги видиме даночните политики, ако ги видиме политиките кои се однесуваат на приходите за вработување, ако ги видиме социјалните политики, ќе видиме дека во ваквиот тек на реорганизирање на концентрирање и распределба на општественото богатство нема ништо природно, туку тоа е конкретен директен резултат на свесни владини одлуки, вели Артан Садику, активист во Левичарското движење Солидарност.

Според истражувањето што го спроведе Левичарското движење Солидарност, Македонија е класно најраслоената земја во цела Европа. Кој се збогатува, а кој осиромашува во Македонија?

На осумдесет проценти од луѓето во нашето општество во последните шест години драстично им се намалени примањата, а само дваесет отсто ги зголемиле нивните примања, значи тука се зборува за одредена свесна, законска одлука и свесно водена владина политика за привилигирање на дваесет отсто од нашето општество, а за економско и социјално угнетување на осумдесет отсто од населението.

Значи може да се каже дека ова е системски процес, дека државата има улога во процесот на класно раслојување?

Секако. Ако ги видиме даночните политики, ако ги видиме политиките кои се однесуваат на приходите за вработување, ако ги видиме социјалните политики, ќе видиме дека во ваквиот тек на реорганизирање на концентрирање и распределба на општественото богатство нема ништо природно, туку тоа е конкретен директен резултат на свесни владини одлуки и свесно имплементирани владини политики.

Во вашето истражување има податок дека месечната плата на најплатениот менаџер за минатата година еден работник не може да ја заработи за цел работен век.

Тој сооднос во последните четири години енормно и драстично се зголемува. Во 2008-та најголемата плата беше 140 пати поголема во однос на просечната плата, а во 2012-та тој сооднос е веќе 240. Со текот што е наметнат од сегашните политички трендови кои се условени од законските решенија на владата неминовно ќе се зголемува тој сооднос, што значи дека економската неправда и класните разлики во Македонија уште повеќе ќе се зголемуваат.

Може ли да се намине некако оваа состојба?

Очигледно дека може да се надмине тој јаз, но за тоа неизбежно треба да се направат радикални системски интервенции во структурирањето на самата економија и во логиката на владеење и во логиката на даночните политики. Со таква интервенција може да се започне процес на постепено намалување и ублажување на тие класни разлики, особено на последиците кои најниските слоеви на општеството ги доживуваат во последните години.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG