Достапни линкови

МОСТ-малку неправилности на гласањето


Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, до 15:00 часот забележани се малку неправилности на гласачките места. Од МОСТ информираат дека на гласачко место 2849 во општина Центар, фоторепортер побарал да слика во избирачкото место. Избирачкиот одбор му дозволил, но му напоменал дека не смее да ги слика гласачите. Кога тргнал да си замине, ИО побарал да ги погледне сликите бидејќи се сомневале дека има слики од гласачите, по што фоторепортер се противел. Реагирала и полицијата, по што настанот бил заведен во дневникот за евиденција на настани.
На гласачко место 2802 во општина Центар, позади параванот за гласање забележана е испишана парола против одредена политичка партија. По реакција на еден од гласачите, ИО го покрил натписот со хартија по што гласањето продолжило.
Од МОСТ велат дека на гласачко место 1210 во општина Долнени, на гласач кој немал траги од невидливото мастило веќе му било заокружено и потпишано името во Избирачкиот список. ИО направил записник за случајот и дозволил на гласачот да гласа.
На бесплатниот телефонски број 080 080 080, како што информираат од МОСТ, граѓаните најчесто јавуваа за да пријават расфрлан пропаганден материјал, неможност да гласаат поради не функционирање на лифтовите во зградите во Капиштец, општина Центар, дупнати гуми на автомобилите, како и неможност на оние гласачи кои гласале како болни и немоќни во изминатите два круга да гласаат на истиот начин и овој пат.
XS
SM
MD
LG