Достапни линкови

Сиријското извинување не е доволно за Турција?


По соборувањето на турскиот авион, официјална Анкара испрати протестна нота до Сирија и побара консултации со НАТО

НАТО ќе одржи состанок по барање на Турција во вторник поради соборувањето на Турски ловец марка Ф4 во близина на Сиријското крајбрежје. „Турција побара консултации по силата на членот 4 од Вашингтонскиот договор. Согласно членот 4, секоја сојузничка земја може да побара консултации доколку смета дека е загрозен нејзиниот територијален интегритет, политичката независност или нејзината безбедност“ рече портпаролот на Алијансата Оана Лунџеску во Брисел.

Инцидентот се случи во петокот. Авионот бил на тренинг мисија на 13 милји од Сиријското крајбрежје кога бил соборен, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давитоглу, дополнувајки дека леталото вршело тестови на турскиот одбрамбен систем, не било опремено со било какво оружје и не било во било каква операција против Сирија. Сиријските власти, според дел од медиумите, се извинија непосредно по инцидентот и понудија помош во потрага по „ловецот“. Двајцата пилоти беа спасени.


Информацијата дека Турските власти побарале консултации со НАТО следи по протестната нота од официјална Анкара до сиријската влада. Претходно, турскиот претседател Абдула Ѓул изјави дека не може да се игнорира фактот дека Сирија урнала турски воен авион.

„Можно е авионот да навлегол во сириски воздушен простор што се случува при големи брзини во граничните зони“, рекол Ѓул, според агенцијата Анадолија, која не пренесува кога е ова изјавено.

Медиумите пренесуваат соопштение од официјален Дамаск во кое се вели дека инцидентот не претставува чин на непријателство.

„Сирија го искористи сувереното право да стрела врз неидентификуван авион што го наруши нејзиниот воздушен простор“ изјави портапаролот на сириското Министерство за надворешни работи Џихад Макдиси. Според него, сириските сили не знаеле дека авионот е турски и затоа инцидентот не треба да се смета како чин на непријателство кон Турција, пренесуваат агенциите.

Меѓународната заедница апелираше до двете страни да не ги заоструваат односите. Сличен апел денеска даде и Иранскиот министер за надворешни работи Али Акбар Салехи, кој побара изнаоѓање мирно решение за проблемот, што би било во интерес за регионалната стабилност.

Инцидентот се случи во услови на тековен конфликт во азиската земја меѓу лојалистите на сиријскиот претседател Башар ал Асад и опозициските бунтовници. Се проценува дека повеќе од 30.000 сиријски бегалци се наоѓаат во Турција.
XS
SM
MD
LG