Достапни линкови

Бројни коментари од слушателите на нашата интернет страница предизвика убиството на младиот Мартин Нешкоски во центарот на Скопје.

Ретко за која тема, почитувани, досега има пристигнато волку коментари, како за убиството на 23-годишниот Мартин во центарот на Скопје, од страна на припадник на специјалните единици на МВР.

Македонка изразува сочувство до семејството и прашува што се случува на почетокот на нов мандатен период. Зарем ова ќе биде нашата судбина во наредните 4 години? Македонка се надоврзува на изборниот процес па констатира дека сите се сведоци како завршија изборите - мирни, но дека беа „штимани“. И ова е следствен ред на нештата, жалосен, болен, трагичен. Што е следно, се прашува Македонка од Скопје.

Редовниот Николче од Окланд се радува што нашиот народ, како што пишува, почна да се буди од зимскиот сон, веројатно поттикнат од едонеделните протести на младите во Скопје и низ цела Македонија. Мартин е песимист дека барањата да се намали моќта на полицијата ќе наиде на позитивен одѕив затоа што тоа било неизводливо, а исто така редовниот Драги Петревски пишува дека државата е фатена на дело како сака да го прикрие злосторството. Хиерархијата е добро позната каде почнува и каде завршува.

Бројни коментари за убиството на младиот Мартин

Слушател потпишан со презимето Николов смета дека и Радио Слободна Европа ги цензурира коментарите и дека не била ништо подобра од властите кои сакале да го скријат настанот. Но, Николов не кажува конкретно каде смета дека е направена цензура.

Никола, пак, од Скопје смета дека министерката Јанкулоска е директен соучесник во убиството на невиното момче.

Амир од Франкфурт смета дека еднаш за секогаш треба да се каже стоп за насилството и да победат човековите права во Македонија, а некој слушател потпишан со Мајкл порачува дека во сериозни земји за вакви работи летаат многу глави меѓу кои и министерски.

Миг 15 од Скопје им порачува на специјалците од полициските сили да се спуштат на земја, а службите да си ги преземат сите мерки на одговорност. Срам ми е да живеам во оваа земја. Мора најстрого да се казни сторителот и да не се затајува случајот, порачува истиот Миг 15 во друга порака. Очигледно овој слушател бил многу испровоциран од трагичната случка, па испратил и трета порака во која пишува - „Според МВР на телото на момчето немало траги на насилство. Каква е таа изјава - тој е претепан до смрт - срамота!“, извикува на крајот од коментарот Миг 15.

На текстот на нашата анализа со наслов „Што ја чека Македонија“, поточно, дали по изборите земјава излегува од период на политичка нетолеранција и апсолутизам и влегува во помирни води на дијалог мегу политичките фактори, иам две пораки. Различни според ставот на слушателите што ги испратиле. Георге од Охрид е лут на мегународната заедница што не уценувала 20 години и дека ќе бил среќен ако сите држави околу нас станеле членки на ЕУ и НАТО па ние ќе сме живееле опкружени со демократија и слични убавини. Решение од прва рака, порачува Георге од Охрид.

Иван, пак, од Скопје размислува сосема поинаку. Тој ја пофалува анализата на нашиот новинар, но смета дека по победата на изборите, овие, како што пишува, ќе станат уште повеќе опиени за власт затоа што го изгубија владејачкото мнозинство. Но, за секој закон ќе мора да одат на компромиси што ќе ги натера да практикуваат потолерантно владеење. За жал, првите денови по изборите не навестуваат такво нешто, пишува Иван од Скопје.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG