Достапни линкови

Интервју - Љубчо Георгиевски


За разлика од останатите бескомпромисно велиме - ако добиеме мандат ќе го затвориме проблемот со името, вели почесниот претседател на ВМРО-НП и поранешен премиер Љубчо Георгиевски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.





Г-дине Георгиевски, една од вашите реакции се однесуваше на критика на владата на Груевски дека се обидува да го заврши мандатот купувајќи време без да го реши клучниот проблем за да може земјата да се приближи кон НАТО и ЕУ. Според вас, како би можел да се реши спорот со Грција?

Гледајте, не само што беше критикуван туку јас не навлегувајќи во овие технички прашања дали ќе има предвремени од техничко демократски аспект, една од нашите први работи беше дека ќе се изгуби повторно време ако пред изборите политичките партии во Македонија дефинитивно не се договорат дека тој што ќе победи, односно оној што ќе ја формира новата влада на РМ, не побара од граѓаните и мандат за да го затвори прашањето со името во Македонија. Затоа што сметам дека овој проблем 20 години е проблем на нашата држава, 20 години конечно треба да не разбудат и да сфатиме дека на овој начин неможеме да го решиме проблемот и да тргнеме храбро, односно оние што сакаат да се занимаваат со политика, да имаат свест дека во наредниот мандат треба да затворат прашањето за името. Како да се реши? Решението како што рече и самиот медијатор Нимиц, е во оние бројни предлози кои досега ги даде Нимиц. Нормално, до крај никој не може во овој момент да каже што е тоа, меѓутоа сметам дека има доволно добри идеји по кои може да се тргне и да се затвори проблемот.

Постои ли такво име, односно промена на името што нема да биде на штета на македонскиот национален идентитет?

Јас сметам дека имињата што се споменуваат со кои географска одредница е решение на проблемот, не е на штета на идентитетот и конечно мислам дека ние во Македонија премногу патиме поврзано со националниот идентитет кога зборуваме за идентитетот на дражавата ние се уште не можеме да се „одлепиме“ од сталиновата дефиниција за нацијата, но денеска светот, Европа, едноставно функционира на поинаков начин.

Вашата партија се дефинира како партија со десничарска ориентација. Познато е дека партиите од овој тип имаат тврди ставови за прашања од национална природа, како што е прашањето за името. Како вие ги објаснувате вашите ставови, која линија ја следите?

Ќе ви одговорам со една контратеза - ако ја погледнета актуелната влада таа е по се друго левичарска и популистичка, освен по прашањето за името, за кое што држи десничарска политика. За разлика од нив јас имам спротивна политика, во се друго сум десничар, освен за прашањето за името за што имате точна констатација, дека малку е полевичарска политика, меѓутоа тоа произлегува од она што се нарекува реалност. Ние имаме една ситуација во која 20 години го гледаме тој проблем, значи едноставно рациналноста зборува дека мора конечно да се реши тој проблем, а и од друга страна повторно доаѓаме во колизија на двете идеи, десничарската идеја е Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ, ако тоа претставува пречка на патот мора да седнете и да размилите како да ја заобиколите и да дојдете до целта.

Како ќе ги привлечете гласачите на ВМРО ДПМНЕ. Познато е дека порано за луѓето бевте препознатливи и гласаа за вас по тоа што настапувавте со национална агенда. Што ќе понудите сега?

Видете, 20 години поминаа од самостојна Македонија, ако некогаш патриотизам беше да се зборува дека Македонија треба да има самостојна држава, дека македонскиот народ треба да има самостојна држава, мислам дека денеска такви приказни од таков карактер каде што ќе се разбудат некои ниски страсти од типот „името не го даваме и ако треба и корења ќе јадеме“, мислам дека е патриотизам кој звучи анахроно и секој оној што се обидува да распалува такви страсти мислам дека не е чесен во политиката. Патриотизмот денеска, во 21 век е нешто сосема друго.

Добро, што ќе понудите сега?

Економија! Едноставно она што сакаме да го потенцираме е дека македонскиот граѓанин, треба да се соочи со една реалност дека за нас првенствена работа се евроатлантските интеграции, да влеземе во тој западен европски круг, во поглед на безбедноста и во поглед на ЕУ, и заедно со тоа е економскиот просперитет и перспектива на македонската држава.

Но, тоа го велат и другите, НАТО, Европска унија, економија... По што ќе се разликувате од другите?

Различни сме по тоа што за разлика од сите останати партии бескомпромисно велиме дека ако добиеме мандат ние ќе го затвориме проблемот со името, водејќи сметка за националните интереси на Република Македонија, и второ затоа што сметаме дека ќе понудиме нова, оригинална економска концепција каде што оваа политика на постојана репресија која се гледа и во економијата ќе ја симнеме и ќе понудиме она што го нудевме од 1998 до 2000 година на планот на економијата, а тоа еден либерален приод и концепт, слободна макроекономска политика на државата, односно правиме еден нов модел каде што капиталот ќе ни биде најважен од се.

По потпишувањето на Рамковниот договор и недобивањето на изборите се повлековте од лидерската позиција и на некој начин речиси и не бевте присутни во политиката, сега во гледаме со идеи кои што не се идентични со оние на Љубчо Георгиевски од порано. Дали е ова разочараност или созревање?

Политички како изјави, како коментари, никогаш не сум бил повлечен. Дали има промени, ние сите се менуваме, меѓутоа и самото време не менува. Повторно ви велам, патриотизмот во 90-тите гоидини беше по распадот на Југославија како да се направи самостојна Македонија, денеска немаме потреба од таков патриотизам туку имаме потреба од еден друг патриотизам. Значи, нема друг патриотизам во овој момент отколку на народот да му понудите економска алтернатива.

Од оваа дистанца, како може да опстои државата на меѓуетнички план, колку е одржлив тој мултиетнички концепт? Во последно време гледаме дека не може да се изгради ниту црква, ниту џамија, такви се реакциите.

Македонците имаа свои илузии и јас сум еден од тие што имаа такви илузии, меѓутоа реалноста станува сосема поинаква. Македонија веќе не е само мултиетничка држава, туку може да се каже и мултирелигиозна, практично сметам дека на овој попис сега или практично одложен попис, ќе се види дека муслиманската заедница во Македонија достигнува некаде околу 40 отсто. Очигледно дека Македонија треба да донесе нов кодекс и тоа не само во поглед на мултиетничкиот карактер туку и во поглед на религиите кои се развиваат на територијата на Македонија и сметам дека тој кодекс, сметам дека примерот на Албанија каде што три вери, муслиманството, христијанството и православието живеат во некоја убава хармонија, можеби треба да биде пример како треба да се гради и Македонија.

Вие го донесовте Груевски на лидерската позиција во ВМРО-ДПНЕ. Кој беше мотивот, по подолго време да се појавите на овие избори и како мислите да му го земете мандатот на Груевски ако тоа ви е целта?

Ние нашата улога не ја гледаме како што рековте, некому да му го земеме мандатот и по секоја цена да дојдеме во позиција на формирање на влада, ние сме тука за да ја збогатиме македонската демократија, ние сме тука за да ги кажеме тезите кои некои не сакаат да ги кажат и се плашат од популистички причини да ги кажат тие тези, ние сакаме да ја разбрануваме македонската јавност, а дали народот, гласачите тоа ќе го наградат или казнат, тоа е веќе една сосема друга димензија на полтитиката.

Вие ќе ја предводите кампањата, ќе бидете присутни на теренот или ќе стоите повеќе од страна?

Да, јас ќе бидам еден од носителите во изборните единици и ќе бидам главниот носител на кампањата и многу други луѓе ќе зборуваат, но мислам дека главните говори ќе ги држам јас.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG