Достапни линкови

Рамковски пред истражен судија


Велија Рамковски денеска пред истражен судија

Велија Рамковски денеска пред истражен судија

Според професор Слаѓана Тасева, полициската процедура покажала многу пропусти и незаконитости. Таа забележува дека за работите први дознале медиумите, па адвокатите.



По завршениот распит, некаде пред 13 часот, сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски заедно со уште петнаесет други лица беа донесени во Основниот суд Скопје. Тие треба да дадат исказ пред истражниот судија, по што истиот треба да определи дали ќе има притвор или осомничените ќе се бранат од слобода.

Непосредно пред тоа адвокатот на приведените, Мирослав Вујиќ изјави дека има замерки на начинот на кој оваа акција е пласирана во јавноста, а се сомнева и во веродостојноста на бројките кои биле изнесени во медиумите. Според Вујиќ нема докази за притвор на осомничените. Во меѓувреме полицијата соопшти дека се осомничени уште осум други лица, од кои шест се надвор од државата, а по двајца се трага.

Доцна синоќа, Рамковски беше приведен во полициска станица. Заедно со него, на распит беа повикани уште 15 други лица кои се управители на фирми регистрирани на адреса Перо Наков бб. Според правните експерти, синоќешната полициска акција била загрижувачка за едно демократско општество. Процедурата воопшто не е почитувана, вели Слаѓана Тасева, поранешна директорка на полициската академија.

„Целата процедура е изместена. Ние во случајов немавме официјално апсење или приведување со налог од страна на истражен судија или Јавен обвинител. Ова е предистражна
Слаѓана Тасева: Процедурата изместена
постапка во која постапува МВР, каде што МВР може да доведе присилно лице на разговор доколку тоа лице било покането уредно и не одзвало на поканата и имало опасности дека ќе ја напушти државата или дека ќе влијае врз сведоците“, изјави Тасева.

Таа додава дека самата процедура на приведување покажала многу пропусти и незаконитости:
И сето ова се прави пред медимите. За сите овие работи први дознале медиумите, а потоа адвокатите или самите лица за кои се водат овие
постапки.

„И сето ова се прави пред медимите. За сите овие работи први дознале медиумите, а потоа адвокатите или самите лица за кои се водат овие постапки.“

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека приведените се товарат за поголем број на тешки кривични дела кои што се од областа на економскиот криминалитет, злосторничко здружување, перење пари, злоупотреба на службена положба, даночно затајување и др.

Директорот на Управата за јавни приходи, Горан Трајковски вчера изјави дека случајот е далеку од обичен, и дека се работи за криминал од 16 милиони евра. Ова е почеток на работењето, којзнае што ќе најдеме до крај, изјави Трајковски.

Инаку полицијата извршила претрес и во куќата на Рамковски. Таа го запленила компјутерот на неговиот внук, мобилните телефони на домашните, имотниот лист на куќата и проспектот за имотот на Рамковски во Нерези.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG