Достапни линкови

Првомајски протест на Движењето за социјална правда „Ленка“


Група млади од Движењето за социјална правда „Ленка“ во центарот на Скопје одржаа првомајски протест и со пароли повикаа против кршење на работничките права. Собирот го поддржаа членови на студентското движење „Слободен индекс“ и стечајци од Велес. Приврзаниците на „Ленка“ сметаат дека во Македонија нема традиција на борба за сопствените права и дека работниците дозволуваат да им се кршат правата од нивниот работен однос. Целта на „Ленка“, кои на плоштадот „Македонија“ делеа памфлети „1 Мај: на ливада или на улица?“ е да ги освестат работниците да си ги штитат правата во врска со платите, прекувременото работно време и осигурувањето. „Нашата мисија е да покажеме дека е потребно хумано општество. Тоа може да се случи со мала промена на свеста и со сфаќањето дека капитализмот не носи човечки вредности, туку ги урива, го осакатува човекот, од нас прави роботи што учествуваат само во производствениот процес, а потоа, кога ќе се вратиме дома, сме обични консуматори на телевизиска забава. Многу малку од нас стануваат креативни суштества кои го работат тоа што сакаат да го работат и за доброто на сите“ изјави Александар Митров од „Ленка“. Покрај активностите за унапредување, заштита и промоција на работничките права „Ленка“ се залага и за антинационализам, сметајќи го национализмот за големо зло за напредок на човештвото, и на антимилитаризмот, т.е. против воено решавање на политички проблеми.
XS
SM
MD
LG