Достапни линкови

Вести

Вашингтон: Северна Кореа дала обесхрабрувачки одговор на кинеската делегација

Американскиот дипломат Кристофер Хил денеска изјави дека бил обесхрабрувачки одговорот на Северна Кореа на обите на Кина за решавање на кризата со севернокорејската нуклеарна програма. Хил повтори дека Вашингтон не е заинтиресиран за ова прашање да преговора директно со Пјонгјанг и оти единствено се прифатливи шестпартитните разговори во кои уште учествуваат Јужна Кореа, Јапонија, Русија и Кина.

види ги сите денешни вести

ЕУ одвои 68 милиони евра дополнителна хуманитарна помош за Палестинците

Појасот Газа, април 2024 година
Појасот Газа, април 2024 година

Европската Унија (ЕУ) донесе одлука за одвои дополнителни 68 милиони евра помош за Палестинците со цел справување со тешката хуманитарна криза во Газа и со постојаниот пораст на потребите на цивилите на теренот, соопшти Европската Комисија.

Според еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич, во Газа се случува на вистинска хуманитарна катастрофа која претставува екстремна опасност што може да ги доведе Палестинците во критична состојба.

„Драматичниот биланс на жртви и повредени меѓу цивилите, од кои повеќето се жени и деца, уништувањето на виталните инфраструктури и претстојниот глад во Газа мора да бидат аларм за будење за целата меѓународна заедница“, истакна Ленарчич.

Според него, цивилите не треба да бидат тие што ја плаќаат цената на конфликтите.

„Палестинците не можат повеќе да чекаат да пристигне значајна помош, Израел мора да стори повеќе за да се избегне понатамошна човечка катастрофа. Почитувањето на меѓународното право е најважно“, заклучи еврокомесарот Ленарчич.

Оваа дополнителна хуманитарна помош ќе се дистрибуира преку партнерски организации на ЕУ кои веќе им помагаат на Палестинците во Газа и во целиот регион. Помошта првенствено е наменета за задоволување на потребите за храна и вода, здравствена заштита, санитарии и објекти за сместување.

Со овие 68 милиони евра вкупната хуманитарна помош што ЕУ ја обезбеди за Палестинците во Газа и во целиот регион во 2024 година достигна 193 милиони евра.

Локалните избори во Србија и изборите во Белград ќе се одржат на 2 јуни

Собрание на Република Србија
Собрание на Република Србија

Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, за недела, 2 јуни, распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа во Србија.

Во своето обраќање во српскиот парламент, Брнабиќ рече дека распишувањето на локалните избори за 2 јуни, кога ќе се одржат и изборите во Белград, е резултат на „успешниот дијалог“ и усвојувањето со двотретинско мнозинство во парламентот на измените и дополнувањата на законот за локални избори.

„Среќна сум што испративме порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани претставници сме способни да постигнеме договор и покрај сите наши разлики. Ваквиот договор е победа на сите одговорни луѓе“, рече претседателката на српскиот парламент.

Веднаш потоа, претседателот на привремената управа на Белград, Александар Шапиќ, за недела, 2 јуни, распиша избори во 17 белградски општини.

Шапиќ рече дека од денеска почнуваат роковите за спроведување на изборните дејствија.

„Им посакувам среќа на сите учесници на изборите и на граѓаните кои покрај претставниците во собранијата на градските општини избираат и свои претставници за Собранието на град Белград“, рече Шапиќ.

На нешто повеќе од еден месец до изборите, опозицијата е поделена дали да учествува на нив или да ги бојкотира.

Како што е најавено, на изборите ќе учествуваат Зелениот левичарски фронт, Народното движење на Србија, Еколошкото востание, Демократската партија, Движењето на слободни граѓани и Новиот лик на Србија, додека Партијата за слобода и правда, Србија центар и од коалицијата НАДА најавија дека нема да учествуваат бидејќи сметаат дека нема време за подобрување на изборните услови до 2 јуни.

Покрај гореспоменатите партии кои исто така учествуваа на декемвриските избори, за власт во Белград одлучи да се кандидира и Движењето „Крени-промени“, а кандидат за градоначалник ќе биде неговиот програмски директор Саво Манојловиќ.

По изборите на 17 декември, опозицијата ја обвини владата за кражба, а владејачката Српска напредна партија (СНС) и државниот врв ги отфрлија ваквите тврдења.

И меѓународните и домашните набљудувачи констатираа нерегуларности на изборите.

Меѓународната набљудувачка мисија на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) издаде 25 препораки до властите за подобрување на изборните услови.

Двајца тинејџери во Сибир осудени на затвор поради антивоени графити

Љубов Лизунова, тинејџерка осудена на затворска казна поради графити против руската инвазија
Љубов Лизунова, тинејџерка осудена на затворска казна поради графити против руската инвазија

Воениот суд во Сибир осуди двајца тинејџери на затворски казни за графити против руската инвазија на Украина во 2022 година.

Деветнаесетгодишниот Александар Снежков е осуден на шест, а 16-годишната Љубов Лизунова на три и пол години затвор за кривично дело поттикнување терористички и екстремистички активности.

Претходно обвинителот побара седум години за Снежков и пет за Лизунова, јавува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Третообвинет во случајот беше Владислав Вишневски, а судот го осуди на една и пол година принудна работа.

Тинејџерите беа приведени на крајот на октомври 2022 година во сибирскиот град Чита, откако на една од гаражите го напишаа графитот „Смрт за режимот“.

Најпрвин биле следени, но во јануари 2023 година се дознало дека Александар бил уапсен и ставен во истражен затвор во Омск, додека Лизунова била префрлена во домашен притвор.

На почетокот на април 2024 година, судот ја испрати и во истражен притвор.

Тие беа обвинети за кривично дело вандализам, но судот ја одби таа тужба поради застареност.

Снежков претходно за РСЕ изјави дека тој и Лизунова со своите графити сакале да го изразат своето противење на „репресијата и војната во Украина“.

„Живееме во време на репресија, уништување на сопствениот народ во војна и во мир. Многумина го почувствуваа растот на цените поради уништувањето на економијата, секој месец дознавам за апсења. Ситуацијата само ќе се влоши“, изјави тогаш Александар.

Трамп e подготвен да го обнови конзервативниот сојуз со Орбан

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орбан
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орбан

Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека е подготвен да го обнови конзервативниот сојуз со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Во видео-порака, Трамп изјави дека со нетрпение очекува тесна соработка со Орбан кога, како што изјави, повторно ќе положи заклетва како 47-ми претседател на САД, пренесуваат американските медиуми.

Трамп, во пораката, го нарече Орбан голем човек и истакна дека додека бил претседател на САД, работел со него на подобрување на вредностите и интересите на САД и Унгарија.

Пораката на Трамп беше емитувана на собир во БУдимпешта на Конзервативно-политичката акциска конференција (CPAC) што е најистакната конзервативна организација во САД.

Тоа беше трет собир на CPAC во Унгарија.

Орбан беше еден од најблиските сојузници на Трамп во Европа за време на неговото претседателствување, а двајцата се сретнаа на Флорида минатиот месец.

По нивниот состанок, Орбан ја истакна својата јасна поддршка за Трамп и додаде дека само враќањето на Трамп во Белата куќа може да донесе мир во Украина.

Кина ги предупреди САД да не газат по нивните „црвени линии“

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, 26 април 2024 година, Пекинг, Кина
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, 26 април 2024 година, Пекинг, Кина

На состанокот на највисоките дипломати на САД и Кина, денеска (26 април) во Пекинг, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји го предупреди својот американски колега Eнтони Блинкен, да не преминува преку кинеските црвени линии.

Ванг го отвори состанокот со прашање кое повеќе звучеше како предупредување, а тоа е дали Кина и Соединетите Држави (САД) треба да се држат до вистинската насока да се движат напред со стабилност или да се вратат на надолната патека.

„Кинеско-американските односи почнуваат да се стабилизираат, но тие се уште се тестираат од „негативни фактори. Двете земји би можеле да соработуваат или не, па дури и „да влезат во конфликт“, рече Ванг.

Тој нагласи дека за Кина црвените линии се суверенитетот, безбедноста и развојот и ги предупреди САД да не ги надминуваат, пренесува Би-би-си.

Блинкен, кој е во втора посета на Кина за помалку од една година, беше повнимателен во неговите забелешки на Ванг пред новинарите.

„Пекинг и Вашингтон имаат заедничка одговорност да ги придвижат односите напред преку „активна дипломатија“, рече тој.

И покрај тоа, тој рече дека ќе биде јасен и директен за разликите меѓу нивните земји за да се избегнат погрешни пресметки во нивните односи.

Некои од овие разлики беа истакнати претходно оваа недела, откако Вашингтон го одобри својот најнов пакет помош што вклучуваше воена помош за Тајван. Ова предизвика остри критики од Пекинг, кој го нарече „сериозно кршење на принципот една Кина“.

Кина тврди дека самоуправниот Тајван е отцепена провинција која на крајот ќе дојде под контрола на Пекинг, но островот се смета себеси за одделен.

Посетата на Блинкен, исто така, доаѓа неколку дена откако САД го усвоија законот што ќе го принуди Тик-Ток во кинеска сопственост да продава или да биде забранет во Америка.

Зад сцената, Американците го предупредуваа Пекинг да престане да извезува делови во Русија за кои вели дека и помагаат на Москва во нејзината војна во Украина.

Посетата, колку и да е студена, сепак, е дел од значителното зголемување на дијалогот и дипломатијата меѓу овие ривалски сили, како обид да се изедначат односите по периодот на огромна тензија минатата година.

Агенција за супервизија на осигурување: Неоправдано е поскапувањето на автомобилското осигурување

илустрација
илустрација

Зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании, смета Агенцијата за супервизија на осигурување, по добиените известувања од осигурителните компании дека ќе ја зголемат цената на полисите за осигурување. Новите цени се повисоки за 15 отсто и се однесуваат за автомобили со моќност над 44 киловати (КВ) и за товарните возила. Премијата за осигурување за возилата со моќност до 44 киловати останува иста.

„По извршените пресметки утврдено е дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано“, се наведува во соопштението од АСО.

Поради тоа, како што се нагласува во соопштението, Агенцијата за супервизија на осигурување доставила предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност. И со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.

Осигурителните компании ја добиле информацијата за покачување на цените во понеделникот. Тие биле известени од Националното Биро за осигурување.

Осигурителните компании го правдаат поскапувањето со растот на цените на автоделовите.

Тик-Ток нема да се продава, им одговори кинескиот сопственик на САД

илустрација
илустрација

Кинеската компанија ByteDance, која е сопственик на Тик-Ток рече дека не планира да ја продава популарната апликација, откако Сенатот на Соединетите Држави усвои нацрт-закон со кој се бара Тик-Ток да се продава или да се забрани во Америка.

„ByteDance не планира да го продаде Тик-Ток, објави компанијата на својата официјална сметка на Toutiao, социјалната мрежа што исто така ја поседува.

Претходно оваа недела, Тик-Ток рече дека ќе поднесе жалба на „неуставниот“ закон на суд.

Најавата на ByteDance доаѓа како одговор на медиумските извештаи дека размислува за можна продажба на оваа апликација во САД.

„Извештаите во странските медиуми за продажба на Тик-Ток од ByteDance се невистинити“, соопшти компанијата.

Американскиот претседател Џо Бајден во средата потпиша закон со кој ќе се забрани Тик-Ток во Соединетите Држави, доколку неговиот сопственик ByteDance не го продаде во рок од една година.

Политичките претставници од двете страни во САД, како и правни и разузнавачки службеници - изразија загриженост дека кинеските власти би можеле да го принудат ByteDance да предаде податоци за повеќе од 170 милиони Американци кои користат Тик-Ток.

Нивната загриженост произлегува од серија кинески закони за национална безбедност - кои ги обврзуваат организациите да и помогнат на земјата да собира податоци.

Тик-Ток ги отфрли тврдењата дека може да се користи како алатка на кинеската влада.

Компанијата соопшти дека никогаш не споделила податоци за американските корисници со кинеските власти и дека нема да го стори тоа дури и да биде побарано.

Почнува втората фаза од парламентарните избори во Индија

илустрација
илустрација

Денеска во Индија почна втората фаза од гласањето на најголемите избори во светот, додека актуелниот премиер Нарендра Моди и неговите ривали се фокусираат на горливите прашања како што се верската дискриминација, позитивната дискриминација на обесправените групи и даноците.

Речиси една милијарда луѓе имаат право да гласаат на парламентарните избори во седум фази кои почнаа на 19 април, а ќе завршат на 1 јуни, а гласовите ќе се пребројат на 4 јуни.

Моди бара трет последователен мандат врз основа на неговите економски резултати, мерките за социјална заштита, националната гордост, хинду национализмот и личната популарност. Анкетите покажуваат дека тој лесно ќе освои големо мнозинство.

Опозицијата направи сојуз од дваесетина партии и ветува поголема позитивна дискриминација, повеќе социјални бенефиции и крај на автократското владеење за кое го обвинуваат актуелниот премиер Моди.

Денеска се гласа за 88 од вкупно 543 места во Долниот дом на парламентот, а право на глас имаат 160 милиони луѓе. Се протега преку 13 држави и федерални територии во најнаселената земја во светот.

Националните малцинства го поддржија кандидатот на ХДЗ за претседател на хрватскиот Сабор

Гордан Јандроковиќ
Гордан Јандроковиќ

Претставникот на чешкото и словачкото национално малцинство, Владимир Билек синоќа (25 април) изјави дека Клубот на пратениците на националните малцинства одлучил да го поддржи Гордан Јандроковиќ од Хрватската демократска заедница (ХДЗ) за претседател на Парламентот.

Неговата изјава следува по средбата на осуммина пратеници од малцинството, меѓу кои и тројца Срби од Независната демократска српска партија (СДСС).

Со ова, како што пренесуваат хрватските медиуми, била елиминирана можноста малцинствата да ја поддржат коалицијата на опозициската Социјалдемократска партија (СДП).

На парламентарните избори во Хрватска на 17 април ниту една партија не освои доволно мандати, самостојно да формира ново мнозинство и влада.

Владејачката ХДЗ освои најмногу гласови, 61. Второ место со 42 мандати е централно-левичарската коалиција собрана околу СДП.

Двете партии водат разговори за формирање парламентарно мнозинство.

Преговорите на ХДЗ со десничарското движење Татковина (ДП), кое освои 14 мандати, се во тек, но еден иден пратеник веќе најави дека нема да коалицира со ХДЗ. ДП неколку пати кажа дека нема да влезе во владата со СДСС, партијата која беше дел од владата на премиерот Андреј Пленковиќ, претседателот на ХДЗ.

Десничарската партија Мост влезе во Собранието со 11 мандати, од кои посочија дека нема да влезат во ХДЗ, но ниту со зелено-левичарската партија Можеме, која има десет мандати и ја поддржува СДП.

Во Парламентот влегоа и три помалку либерални политички опции, регионалниот Истарски демократски парламент и Независната платформа Север со по два мандата и коалицијата Фокус-Република со еден мандат. Најавија дека ќе ја поддржат СДП.

Уставниот суд на Хрватска на крајот на минатата недела објави дека актуелниот претседател и кандидат за премиер на СДП, Зоран Милановиќ, не може да биде мандатар или премиер дури и да поднесе оставка. Подоцна и СДП објави дека се откажува од Милановиќ како мандатар.

Претседателот на Хрватска првата седница на Парламентот ја свикува најдоцна 20 дена по објавувањето на официјалните изборни резултати.

Конечните резултати се очекува да бидат објавени на почетокот на следната недела.

Зеленски повика на инвестиции во украинската одбранбена индустрија

 Украинскиот претседател Володимир Зеленски
 Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски сака да го прошири домашното одбранбено производство со помош од Западот, рече тој синоќа во редовното видео обраќање, пренесе ДПА.

Зеленски рече дека бара од меѓународните партнери кои немаат сопствени производствени капацитети да инвестираат во украинскиот одбранбен сектор, заеднички да произведуваат оружје и да го зајакнат фронтот.

Барањето доаѓа поради големата зависност на Украина од испораките на оружје од Запад и долгото чекање на Киев за нова американска помош поради политички спор.

Зеленски рече дека шестмесечното доцнење на испораките од САД предизвикало големи проблеми на фронтот и Киев се надева дека ќе ги реши на состанокот на Контакт групата за Украина закажан за денеска.

„Сега се донесени политичките одлуки, следниот чекор е да се разјасни оружјето и логистиката“, рече Зеленски.

Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година и на Киев му треба воена помош од Западот, делумно затоа што може да произведе само ограничена количина на сопствено оружје, а исто така и затоа што Русија уништи големи делови од индустријата во земјата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG