Достапни линкови

Тензиите на Балканот ништо ново, безбедноста не е нарушена


Илустрација
Илустрација

Тензиите на Балканот траат со децении. Тие не се ништо ново. Меѓутоа во овој момент јас сум убеден дека не постои ниту една разумна причина да бидеме загрижени за стабилноста, вели деканот на Факулетот за безбедност, Дујовски по последните настани и пораки од меѓународната заедница за регионот.

Загрижност за зголемени тензии на Балканот во изминатите денови упати НАТО, а Обединетото Кралство назначи и специјален претставник за регионот. Пред една недела имаше лажни пријави за бомба во МНТ и зградата на државната комисија за спречување корупција. Додека пак во Косово беше стрелано кон автобус со средношколци, при што загинаа 3 лица. Косовски медиуми по нападот објавија дека САД испратиле известување за можен терористички напад на Косово. Во македонските медиуми се појавија и информации дека потенцијален терорист од Косово, оперирал и во Македонија, а алармот го покренала странска служба.

Деканот на факултетот за безбедност, Никола Дујовски вели дека безбедноста на земјата и на регионот не е нарушена. Според него, затоа постојат институциите и системот на размена на брзи и прецизни информации меѓу земјите членки на НАТО, кои соработуваат и со останатите земји.

„Тензиите на Балканот траат со децении. Тие не се ништо ново. Меѓутоа во овој момент јас сум убеден дека не постои ниту една разумна причина да бидеме загрижени за стабилноста, за безбедноста, за развојот на Балканот, затоа што ваквите спорадични инциденти биле и ќе бидат во наредниот период. Ама Косово, отвореното прашање на БиХ ќе продолжат да предизвикуваат главоболки сегде, меѓутоа генерално нема да стане збор за некое сериозно нарушување на безбедноста. Ваквите контролирани таканаречени дестабилизации ќе бидат наша виситна и во наредниот период“, вели Дујовски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан во организација на словенечкото Претседателство со ЕУ кој се одржа во Брдо кај Крањ пред некој ден на сесијата посветена на борбата против тероризмот, насилниот екстремизам и радикализацијата, ја нагласи неопходноста од подготвеност и отпорност на локално, национално и меѓународно ниво за чија цел е креиран Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот.

„Борбата против тероризмот претставува значителна мотивација и за интензивна размена на безбедносно значајни информации со земјите од регионот, но и со нашите стратешки партнери. Во праксата, како особено корисна алатка се покажа оперативна апликација за безбедна размена на информации – СИЕНА, која е целосно оперативна во единицата во МВР надлежна за борба против тероризмот и преку која во изминатата година се разменети околу 800 пораки и одговори на барања“, рече Спасовски.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека тензиите во последно време се зголемени на Западен Балкан, вклучително во Косово и Босна и Херцеговина, и дека Алијансата ќе продолжи да ги промовира безбедноста, стабилноста и соработката.

„Видовме зголемени тензии, со поагресивна реторика и заглавени реформи, како и влијанието на странските актери кои работат на поткопување на напредокот“, рече Столтенберг по седницата за Западен Балкан на министерскиот состанок на НАТО во Рига.

Стујарт Пич во меѓувреме е назначен за специјален пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Пич претходно беше претседател на Воениот комитет на НАТО. Стјуарт, а согласно најавите ќе работи со лидерите од Западен Балкан за поддршка и зајакнување на регионалната стабилност. Тој се очекува да промовира силни демократски институции и отворени општества, да помага во справувањето со сериозниот и организиран криминал и со другите безбедносни предизвици, како и да охрабри решение за прашањата, како воените злосторства и исчезнатите лица.

„Обединетото Кралство е длабоко посветено на европската безбедност. Западен Балкан ја доживува најголемата закана за неговата стабилност и безбедност во последните две децении. Имаме одговорност да направиме се` што можеме за да ги зачуваме придобивките постигнати преку мир и дијалог - не можеме да дозволиме никакво враќање на насилството и поделбата на минатото“, рече британскиот премиер Борис Џонсон.

Заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар пак вчера беше во прва работна посета на земјава. Тој испрати порака за силна поддршка на американската администрација за брза евроинтеграција на земјата.

Ескобар - На Северна Македонија местото и е во Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:24 0:00

„Дополнително, истражуваме можности за зајакнување на водечкото место на Северна Македонија во меѓународните односи за да најдеме решение за прашањата кои се предизвик за Алијансата и за регионот на Балканот и Европа во целост“, изјави Ескобар на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Според Дујовски, неговата посета била важна во обид да се направи уште еден напор за отворање на преговорите за Македонија и Албанија. Тоа значи дека фокусот е насочен конкретно кон овие две држави, а можеби не е толку кон Србија, Босна и Косово, додава тој.

„Меѓутоа генерално меѓународната заедница покажува интерес на други места, затоа што проблемите во Европа сега се многу повеќе на север на границата помеѓу Полска, односно ЕУ и Белорусија, а помалку овде на Балканот затоа што сите се свесни дека европските интеграции за сите земји од Западниот Балкан нема да бидат реалност во наредниот период. Тензиите кои што се создаваат или вината и одговорноста за несупехот на европските интерации колку е на земјите од Западен Блакан, толку е и на земјите членки на ЕУ. Овде пред се мислам на Франција и Бугарија“, смета Дујовски.

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел изјави дека Западниот Балкан за ЕУ останува стратешки регион, а неговата стабилност е прашање од најголема важност. Тој притоа повика на реформи во изборниот законик во Босна и Херцеговина и продолжување на дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG