Достапни линкови

„Празните закани“ на Кремљ го парализираа Западот?


рускиот претседател Владимир Путин
рускиот претседател Владимир Путин

„Диктаторите обично се инспирирани од други диктатори“, вели за РСЕ Јакуб Каленски, водечки западен експерт за хибридна војна. Тој притоа порачува: „Навистина не сакам да паднеме во стапица и да почнеме да разговараме што ќе се случи ако Путин употреби нуклеарно оружје“. Важа Тавбериџе

Истакнат чешки експерт за дезинформации и „хибридни закани“ вели дека додека Западот поминал години потценувајќи ја опасноста што произлегува од Москва, решителниот одговор на руската инвазија врз Украина и на нејзината „нуклеарна уцена“ би можел да помогне да се сменат годините на „парализа“ на Западот во врска со „празните закани“ кои честопати ги повторува Кремљ.

Јакуб Каленски од Европскиот центар за спротивставување на хибридни закани (Хибрид СЕ), тинк-тенк во Хелсинки, основан од Европската унија и НАТО, вели дека ќе биде грешка ако се дозволи стравот од активностите на рускиот претседател Владимир Путин да ги насочува одговорите на инвазијата врз Украина.

Освен нуклеарната, кои се другите опции на Путин за ескалација со Западот

„Апстрактно земено, заканата од нуклеарен напад е очигледно нешто апсолутно ужасно. Сепак, навистина не сакам да паднеме во стапицата и да почнеме да разговараме што ќе се случи ако Путин го направи тоа, бидејќи верувам дека ова само му помага на Путин во неговата работа да шири страв од последиците од спротивставувањето на незаконската, криминална, геноцидна агресија на Кремљ“, изјави Каленски за РСЕ.

Јакуб Каленски
Јакуб Каленски

Киев и западните власти ги обвинија руските власти за „нуклеарна уцена“ по нивното заземање на украинските нуклеарни постројки, вклучително и на најголемата европска нуклеарка во Запорожје, и нивните закани дека ќе користат нуклеарно оружје за да ја бранат руската територија за која тие лажно тврдат дека сега опфаќа четири региони во источна Украина.

Американскиот претседател Џо Бајден претходно овој месец предупреди дека Путин ќе предизвика „Армагедон“ доколку употреби нуклеарно оружје во Украина.

Каленски за РСЕ изјави дека, по целосната инвазија врз Украина која започна кон крајот на февруари, треба западот да се погрижи Русија да нема армија или економија да наштети некому. „Тоа е она што треба да го правиме и тогаш навистина не треба да се грижиме што би можел да направи г-дин Путин“.

„Позитивната иднина на регионот“ зависи од рускиот пораз во Украина

Каленски беше основач на Работната група на ЕУ East StratCom, формирана во 2015 година за да се спротивстави на руските дезинформации по окупацијата и анексијата на Крим и нејзината водечка база на податоци EUvsDisinfo. До неодамна, тој беше виш соработник во Лабораторијата за дигитални форензички истражувања на Атлантскиот совет (DFRLab).

Тој потсетува на над децениската руска агресија, почнувајќи со сајбер напад врз Естонија во 2007 година од руски IP адреси, продолжувајќи низ петдневната војна на Русија за поддршка на отцепените региони на Грузија во 2008 година, а потоа и окупацијата на Крим заедно со руската поддршка за сепаратисти во источна Украина.

„Како специјалист за дезинформации и пропаганда, она што го гледам е 15 години празни закани кои постојано се користат од Москва само за да не парализираат“, вели Каленски, додавајќи: „Значи, сè што велам е дека не треба да паднеме во оваа замка, бидејќи тоа само му помага на Путин да ја постигне својата цел, а им штети на Украинците кои всушност се борат за нашите европски или евроатлантски вредности“.

Дезинформацијата е клучна компонента на она што стана познато како „хибридно“ војување, термин од 21 век за воена стратегија која користи тајни дигитални и високотехнолошки тактики, вклучувајќи сајбер напади, како и вооружени прокси групи.

Каленски ја наведува долготрајната информативна војна на Путин за успешното обликување на јазикот и покривањето меѓу европските медиуми за настаните од анексијата на Крим и соборувањето на летот на Малезија ерлајнс над источна Украина во 2014 година до пандемијата и минатомесечните „псевдо-референдуми“. во окупирана Украина.

„Се плашам дека руската војна со дезинформации е многу компетентна, многу вешта и може да постигне огромни резултати и се плашам дека понекогаш успеаја да влијаат врз тоа како ја обликувавме дебатата дека „колку повеќе ја поддржуваш Украина, толку ќе бидат поголеми проблемите, дека Русија ќе се налути и ќе направат нешто страшно“, рече тој, посочувајќи дека таквите одговори „треба да се дискредитираат“.

Страднер: Тензиите на Балканот се подарок за Путин

Признавајќи дека тоа може да се само желби од негова страна, Каленски вели дека последните недели покажаа дека руската пропагандна машина „се чини дека прави некои грешки“ и сега „не оди толку добро“. Тој го наведе неодамнешното разоткривање на Медуза, медиум со седиште во Рига, составен од емигранти - руски новинари и инструкциите на Кремљ до пропагандистите за покривање на мобилизацијата на Путин.

„Се надевам дека информациската машина на Кремљ почнува да греши. Меѓутоа, кога ќе ја погледнеме историјата на справување со режимот на Путин, малку се плашам дека тие беа доста успешни во влијанието на начинот на кој го разбираме рускиот режим и, исто така, на начинот на кој зборуваме за него, и на крајот на начинот на кој ние всушност донесуваме одлуки за тоа“, вели Каленски.

Тој додава дека ја смета битката за Украина како „најчист судир на демократијата и автократијата, на човековите права и незаконитоста, на владеењето на правото и моќта на поединци“, додавајќи: „Навистина требаше да бидеме многу порешителни во поддршка на оние кои се борат за нашите вредности“. Каленски смета дека демократските влади требаше веднаш да го прекинат секој бизнис со Русија и да ја отсечат од меѓународната економија.

Додека многу западни земји воведоа невидени трговски, економски и други санкции кон Русија, при што Москва реагираше со контрамерки, зависноста на Европа од руската нафта и гас особено ги остави членките на ЕУ и членките аспирантки ранливи во енергетската криза што резултираше.

Во март 2022 година, сите 27 членки на ЕУ усвоија Версајска декларација за постепено укинување на нивната зависност од руските фосилни горива „што е можно поскоро“. Оттогаш, земјите од ЕУ увезоа десетици милијарди долари руски фосилни горива и дебатата сè уште ја дели Унијата.

„Не велам дека тоа ќе ги реши сите проблеми, но како експерт за стратешка комуникација, сметам дека е многу лоша порака дека сѐ уште западни пари влегуваат во Русија“, рече Каленски.

Иако некои западни споредби на Путин со Адолф Хитлер од нацистичка Германија може се произволни, експертот за дезинформации Каленски мисли дека рускиот претседател „веќе подолго време држи говори слични на оние на Хитлер, како пропагандата на Кремљ дека Украина не е ни нација“.

Путин: Руските сили ја бранат татковината од „неприфатлива закана“

Тој оценува дека говорот на Путин во минатата година за „историското единство“ на Русите и Украинците била „директно преземена од бележникот на Хитлер“. Каленски додаде дека за време на дводецениското владеење на Путин тој постојано го рехабилитирал советскиот диктатор Јозеф Сталин.

„Диктаторите обично се инспирирани од други диктатори. Тоа некако покажува дека ако сакате да правите злосторства во иднина, сигурно помага ако почнете да ги оправдувате злосторствата од минатото“, рече тој, наведувајќи го повторното воведување на советската химна од страна на Путин во 2000 година и неговото жалење во 2005 година за пропаста на Советскиот Сојуз.

„Повторно, тоа само ми покажува дека ние на Запад требаше да бидеме значително повеќе претпазливи кога видовме дека некој ја враќа советската химна“, рече Каленски.

„Кога видовме дека некој зборува за „најголемата геополитичка катастрофа“ на 20 век, навистина требаше да бидеме многу почувствителни на тоа, бидејќи тоа сигнализира дека злосторствата повторно ќе бидат извршени, а тие повторно се направени“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG