Справувањето со последиците од коронакризата врз економијата и справувањето со здравствената криза беа посочени како приоритет на новата влада. Од изгласувањето на новата влада поминаа речиси 100 дена, а оттогаш во земјава имаме за 10 пати повеќе активни случаи со ковид-19 и 1192 повеќе починати. Владата донесе и четврт пакет економска помош, но граѓаните се уште чекаат на реализација на мерките. За доцнењето на дел мерки власта ја обвинува опозицијата дека ја блокира работата на Собранието. На надворешен план, пак, Бугарија го блокира почетокот на преговори за влез на Македонија во ЕУ, а обидот на премиерот Зоран Заев да ги „олесни“ односите со соседот, резултираше со негативни реакции и протести на опозициски партии и незадоволни граѓани.
Владимир Божиновски, директор на Институтот за политички истражувања Скопје вели дека е очигледно оти има потфрлања на сите полиња и, како што вели, не само на изборните ветувања, туку и на претходните, оти сепак се работи за влада во континуитет.
„Дали е тоа економија, каде што имавме дури изјава дека мора да се продава државна сопственост оти во буџетот нема пари и нема од каде да се задолжиме повторно. Дали е справувањето со ковид-кризата, каде можеме да кажеме, според достапните податоците, дека Македонија е во првите пет или 10 земја, според смртност на милион жители, според број на заразени. А да не го спомнувам судството, кое беше една од главните причини поради која граѓаните гласаа за оваа власт во 2016, каде што имаме дополнително уназадување на судскиот систем, каде што контроверзната Кацарска ја изгласаа за уставен судија“, вели Божиновски.
Тој додава дека власта доживеа неуспех и во меѓународната политика, на единственото поле на кое се надеваше дека ќе добие позитивни реакции од луѓето.
„Доживеа целосен крах, би рекол, во однос на ветувањата за датум за почеток на преговори. Знаеме дека самото референдумско прашање беше – Дали сте за членство во ЕУ, поради што се и промени името. Сите оние отстапки што се правеа во изминатите 3-4 години и сите оние вести, што сега излегоа дека се лажни вести, дека сме добиле некаков датум, мислам дека во изминатите две години властите едно 7-8 пати изјавуваа дека сме добиле датум, за сега да се заврши со тотално фијаско со ветото на Бугарија“, вели Божиновски.
Политичкиот аналитичар Сефер Селими од „Демокраси лаб“ вели дека со самите преговори за составување на новата влада, како да се најавуваше дека ќе оти тешко, оти мнозинството е кревко. А друг проблем што го посочува е тоа што владините партнери се уште не завршиле со распределбата на раководните позиции во институциите, за да може да ги спроведуваат владините политики.
„Иако функционираат со повеќе потешкотии, не очекувам дека ќе има дестабилизација на владата. А со нормализација на состојбата по завршување на пандемијата очекувам дека работите ќе почнат да се движат со поголемо темпо во имплементација на програмата на владата“, вели Селмани.
Новата влада се соочува и со протести. Опозицијата протестираше во неколку наврати против зголемувањето на цената на струјата, потоа за Гоце Делчев, против загадениот воздух, против прогонот и криминалот, реваншизмот и теророт, па против насилството, а последните протести уследија по интервјуто на премиерот Заев за бугарски БГНЕС. Опозицијата бара Заев да не ја менува историјата. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека по истекот на 100 дена Влада, ќе поднесат до Собранието иницијатива за изгласување доверба на Владата.
Селими вели дека ќе треба време да се синхронизираат различните партии од опозицијата.
„Иако во последно време гледаме еден таков обид за обединување или заедничко настапување на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива“, вели тој.
Од кристално чист датум до вето
Кристално чистиот датум, како што велеше премиерот Зоран Заев, за меѓувладината конференција во декември се изјалови со блокадата од страна на Бугарија. Источниот сосед стави вето на преговарачката рамка за Македонија, па се поверојатно е дека преговорите за членство нема да почнат годинава. Ветото го правдаат со тоа дека Скопје го прекршило Договорот за добрососедство потпишан меѓу двете држави во 2017 година во неколку области- формулациите за историјата и јазикот, застој во работата на историската и меѓувладината комисија, поддршка на претензиите за признавање на македонското малцинство во Бугарија и говор на омраза и пречки за бугарскиот бизнис во Македонија.
До 30 август, денот кога беше избрана новата влада во земјава имаше повеќе од 14 илјади заразени од кои 11 илјади оздравени, 600 починати, и околу 2600 активни случаи. Денес, пак, има речиси 63 илјади регистрирани случаи, од нив 40 илјади оздравеле, 1792 починале, а речиси 21 илјада се активни случаи. Со измени на Законот за заштита од заразни болести, од 29 октомври е задолжително носење маска и на отворено. На 3 ноември владата донесе одлука после 21 часот да не работат угостителки објекти, освен за достава, и да нема групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 21 часот. Владата на предлог на Советот за безбедност на 20 ноември воведе кризна состојба, со што и Армијата се вклучи во борбата со ковид-19, а се отвори и можноста приватните болници да бидат менаџирани од државата. Но 10 дена по таквата одлука се уште не почнала да функционира болницата за која капацитети и кадар ќе отстапат приватните болници, оти се уште не се склучени одговори меѓу клиниките и државата.
Владата во новиот мандат го усвои четвртиот пакет мерки за помош на економијата погодена од ковид-19, тежок 470 милиони евра. За реализација на истиот се направи ребаланс на буџетот. Пакетот помош е усвоен на владина седница кон крајот на октомври, но се уште се чека на дел од мерките, оти законите со кое ќе се овозможат тие мерки се уште не се донесени од Собранието. Премиерот Зоран Заев упати порака до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се преиспитаат и да не ја блокираат работата на Собранието.
Првата мерка од овој пакет - Викенд без ДДВ се реализраше викендот на 11-12 октомври. Беше предвидено со мерката да бидат опфатени повеќе од 350 илјади граѓани. Проектирано беше да се направи промет од 170 милиони евра, а кон граѓаните да бидат вратени околу 17 милиони евра, од повратот на ДДВ. Податоците потоа покажаа дека 204 илјади граѓани ја искористиле оваа мерка, потрошиле 8, 3 милиони евра, а им се вратени околу еден милион евра како поврат на ДДВ.
Со четвртиот пакет се продолжува со поддршката за исплата на плати за месеците октомври, ноември и декември. Планирано е оваа мерка да опфати 250 илјади вработени и да се потрошат 70 милиони евра. УЈП информираше дека за месец октомври се одобрени барања за исплата на плати на околу 58 илјади работници, а исплатени се 15 милиони евра.
Пензионерите со примања до 15 илјади месечно, самохрани родители со ниски примања, невработени, уметници ги чекаат ветените 100 евра за купување домашни производи. Но законот со кој ќе се овозможи тоа се уште не е донесен, а парите ќе треба да се искористат до 25 декември. Мерката треба да опфати 283 илјади граѓани, а за таа цел се одвоени 27,6 милиони евра.
Коалицијата СДСМ-Беса победи на изборите кои се одржаа на 15 јули по посебни ковид-протоколи, освојувајќи 46 мандати. Потоа лидерите на СДСМ и на ДУИ, се договорија да коалицираат за да формираат влада, а во неа влезе и ДПА, која на изборите освои еден пратеник. ДУИ има 15 пратеници.
Владата е составена од 19 министри, што е намалување за седум министерски места во однос на претходната. Но и оваа администрација се дополни со новосоздадени функции. Доскорешниот министер без ресор задолжен за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, е назначен за Национален координатор за одговорно владеење и транспарентност. На поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, пак, му го сменија називот на работното место, па од Национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка го именуваа за Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка. Тие двајца се додадени на листата од деветмина национални координатори и нивни заменици за разни области. Владата доби нов портпарол и нов генерален секретар. А доскорешниот ген-сек на Владата Драги Рашковски, пак доби нова функција, ќе раководи со еден од трите новоформирани секретаријати. Владата формира секретаријат за мониторинг и поддршка на институциите на чело со Рашковски, секретаријат за комуникации и секретаријат за администрација. Секретарите ќе имаат и помошници секретари.