Достапни линкови

Нешто повеќе од локални избори


Изборната кампања за вториот круг од локалните избори ја доживува својата кулминација. Кандидатите за градоначалници ги испраќаат последните пораки до гласачите. Вечер на полноќ настапува предизборниот молк, кој ќе трае до завршувањето на гласањето, в недела во 19 часот.

Вториот дел од изборната кампања завршува, а учесниците во неа најубавите и најпопуларни ветувања ги чуваа за крајот, нешто слично како музичарите на концертите, кои главните хитови ги изведуваат на бис.

Ветувања има многу, тие се сеопфатни, од сите аспекти на животот во општините, некои звучат како да се од рубриката „верувале или не“, па тие што ги избраа градоначалниците во првиот круг, сега се најверојатно љубоморни, гледајќи какви убавини пропуштаат во вториот. Ако тоа што се кажува од страна на кандидатите се земе „здраво за готово“, тогаш може да се заклучи дека тие што избираат градоначалник в недела ќе живеат во многу поубави општини од оние кои си ја завршија работата во првиот круг. И тоа во двојно поубави, ако не и повеќе, сето тоа во зависност од слаткоречивоста на кандидатот.

Секако, амбициозноста на ветувањата расте во зависност од големината на општината, па логично, „најспектакуларните“ може да се слушнат во најголемата локална самоуправа, Скопје.

„Граѓаните во секое време ќе можат да проверат што се случува со нивното барање доставено до градот. А одговор ќе добиваат за 24 до 72 часа. Административните услуги ќе бидат достапни електронски со навистина едноставни постапки, без обврска за одење во општините за оние граѓани кои ги користат овие дигитални услуги“, ветува Данела Арсовска, независна кандидатка поддржана од ВМРО ДПМНЕ, која во првиот круг освои најмногу гласови.

Не останува покусо и актуелниот градоначалник Петре Шилегов, кандидат на СДСМ, кој ја промовира идејата за брз градски превоз.

„Скопјани од Ново Лисиче до Ѓорче ќе патуваат за само 35 минути. Секои 3 ипол минути ќе имаат превоз на станиците, кој никогаш нема да доцни. Ова е вистинско решение за транспортот на Скопје и стратегија за развој на јавниот транспорт, а не ветувања на нови автобуси кои воопшто нема да сменат ништо во системот на јавен транспорт“, вели Шилегов.

5 поенти ЗА - вториот круг од Локалните Избори
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:52 0:00

Со нив, како и со другите партиски кандидати, одеа и настапите и ветувањата на лидерите, кои од ракав ги вадеа најсилните адути- решавање на проблемите со невработеноста, зголемување на платите, раздвижување на економијата, забрзани евроинтеграции ...

И секако со повици до граѓаните да го дадат гласот за нивниот кандидат, затоа што во спротивно ќе победи злото, како што велат едните, или криминалната и корумпирана власт, според другите.

Изборниот карван си го изврвува патот, а покрај ветувања за подобар живот, бевме сведоци и на многубројни напади и оцрнувања на политичкиот противник, со тоа што таквата негативна кампања беше поизразена со приближувањето до крајот. А сите претенденти за функциите во локалната самоуправа пред почетокот на кампањата најавуваа позитивни настапи, се потпишуваа и кодекси за фер и демократски избори. Сепак, не издржаа срца јуначки, па почнаа да ги вадат валканите алишта на противникот, најверојатно увидувајќи дека кај нашиот народ сепак се уште тоа најмногу „пали“ и носи гласови.

Можеби тоа можеше и да се очекува, затоа што сите случувања водеа кон заклучокот дека ова не се „само обични“ локални избори, туку нешто повеќе од тоа. Влогот е голем- премиерот Зоран Заев вели дека ако нивниот кандидат за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов доживее пораз, тогаш тој ќе се повлече од функцијата во владата, а опозицијата спомнува ново парламентарно мнозинство по изборите. Партиите на Албанците, пак, се прегрупираат пред решавачките битки во неколку општини, пред се во Тетово и Гостивар, каде што едни на други си ветија поддршка.

Како и да е, сето тоа е зад нас, а пред нас е предизборен молк, последно само-преиспитување, доколку некој се уште има дилема.

Гласањето е в недела од 7 до 19 часот, кога граѓаните ќе изберат градоначалници во преостанатите општини.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG