Достапни линкови

Македонија на 8 место во светот по смртноста од Ковид -19


Клиника за инфективни болести во Скопје. Илустрација.
Клиника за инфективни болести во Скопје. Илустрација.

Најголем процент на починати во однос на заболени од ковид-19 има во Крушево. Скопје иако има најголем број на починати се наоѓа најдолу на листата. Лекарската комора се уште не формирала комисии кои ќе извршат стручен надзор на 9 смртни случаи по барање на Министерството за здравство.

Пандемијата на коронавирусот досега најфатална била во Крушево доколку се споредат бројките на заболени и починати лица до почетокот на декември. Во градот на падините на Бушева планина како резултат на последиците од ковид-19 досега умреле 9 пациенти, а заболени се 132. Тоа значи дека стапката на смртност изнесува 6,8 отсто, што е далеку над просекот на ниво на цела земја од 2,8 отсто. Од првиот случај на 22 март, досега излегува дека во земјата секојдневно од коронавирус умираат по 7 лица.

Скопје води на листата со најмногу смртни случаи, но има и најголем број на заболени, а воедно и жители во земјата. Во главниот град, како што покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје, починале 553 лица од 27.464 заболени.

Од 31 град каде вирусот одземал животи Скопје е најдолу на листата по смртност со 2 проценти, а под него се наоѓаат и градовите Виница, Свети Николе, Неготино, како и Пробиштип. Најниска стапка на смртност од 0,9 отсто, односно двајца починати пациенти од 221 заболен има во Валандово.

Веднаш под Крушево пак е Струга со смртност од 6,1 проценти. Потоа следи Радовиш со 5 отсто на починати лица од, а веднаш зад него со 4,7 отсто на четврто место е Дебар, градот во кој на почетокот на пандемијата беше прогласена кризна состојба. Но, Радовиш и Дебар се со прилично понизок процент на починати лица од водечките два града.

Се испитуваат 9 смртни случаи

Пред повеќе од две недели семејството на 41 годишна жена од Штип која почина од последици на ковид 19 се пожали на социјалните мрежи за лекарска негрижа. Тоа беше и првиот индивидуален случај од почетокот на пандемијата за кој беше извршен инспекциски надзор на работата на болницата.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој ја испитуваше смртта за овој и за уште неколку случаи го испратила извештајот до Министерството за здравство кое ја задолжи Лекарската комора да спроведе стручен надзор, која ќе го има последиот збор.

Од Лекарската комора потврдуваат дека се пристигнати барања и документи за спроведување на вонреден стручен надзор во последниов период за девет смртни случаи за пациенти кои починале како резултат од последици од ковид- 19.

„Во наредните неколку денови ќе се формираат комисии кои веднаш потоа ќе ги спроведат надзорите“, посочуваат од комората.

Лекарската комора потоа е должна за наводите од извршениот надзор да го извести Министерството за здравство.

„Откако ќе биде изготвен извештајот за стручниот надзор Лекарската комора има рок од 8 дена да ги испрати своите сознанија до министерот Венко Филипче“, велат од Министерството за здравство.

Во септември се правеше и интерна анализа на сите клинки и болници каде се лекуваа пациенти кои починале како последици од ковид-19. Иако се највуваше дека анализата ќе биде завршена за една недела, наводите беа објавени наредниот месец.

Минатиот месец министерот Филипче информираше дека анализата покажала оти над 85 отсто од починатите имале и други болести и биле на возраст од над 60 години. Но, јавноста не беше запознаена со повеќе детали иако неколку млади лица ја загубија битката со болеста.

Македонија осма во светот по смртност

Македонија месеци наназад е прва во регинот по бројката на смртни случаи во однос на жители. Заклучно со ноември бројката на починати изнесува 1792. Во изминативе денови се најде и меѓу првите десет земји во светот. Со 860 смртни случај на еден милион жители Македонија во моментов е на осмото место. Зад неа од соседството на три места подолу е БиХ со 833 починати и Црна Гора на шеснаестото место со 802.

Прва на листата е Белгија со 1446 починати, а пред Македонија се и Перу, Сан Марино, Андора, Шпанија, Италија и Британија. Аргентина и САД се наоѓаат на деветото и десетото место. Всушност, ако ги занемариме градовите-држави Сан Марино и Андора испаѓа дека Македонија е на шестото место.

Филипче изјави дека евидентен е порастот на смртни случаи и на глобално ниво и во земјата.

„Во однос на смртноста очигледно е дека е тренд насекаде и леталитетот кога го праиме е многу сличен и со Босна и со Бугарија. Огромен број на смртни случаи и во соседните земји. Ние ја направивме нашата интерна анализа и укажавме на огромниот број на пациенти со хронични болести во фаза во која што и покрај сите превземни мерки практично не можеше да им се помогне. Така што мислам дека смртноста е во пораст насекаде. Во Европа. Во регионот. Очигледно е дека имаме работа со многу непредвидлива болест. Многу необјаснети ситуации. Не кај нас. Насекаде низ светот. Нешто што допрва треба да одговораат медицинските истражувања зошто кај некој болеста поминува неприметно, а некој и покрај сите мерки не може да се спаси. Цела лепеза на клинички слики меѓу овие две форми“, рече Филипче.

Најголем број починати на дневна основа од почетокот на пандемијата, имаше на 28 ноември кога беа забележани рекордни 41 смртни случаи. Ноември е и најсмртоносниот месец досега.

Првиот починат пациент беше 57 годишна жена од Куманово, а најмладата жртва бебе кое на барање на родителите, со авион беше транспортирано во Швајцарија. Бебето кое почина на 30 мај, претходно беше хоспитализирано на Детската клиника и имаше позитивен резултат на Ковид-19.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG