Достапни линкови

Гласајте за нас - не дај боже ако победи оној другиот


Парламентарни избори 2020 - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во предизборна кампања. Предизборниот слоган им е „Обнова“.
Парламентарни избори 2020 - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во предизборна кампања. Предизборниот слоган им е „Обнова“.

Првите неколку дена од кампањата за предвремените избори, освен работите кои се слични со претходните предизборија, понудија и нешто ново- таа се одвива во екот на пандемијата на коронавирусот, а ДУИ излезе со предлог за премиер- Албанец

Кампањата за предвремените избори закажани за 15 јули почна и освен неколку нови и досега невидени работи, за поголемиот дел од стартот може да се каже дека наликува на сите поранешни предизборија.

Една од новините во оваа кампања сепак е поради „виша сила“, односно тоа се мерките што би требало да се почитуваат за време на настаните поради корона- пандемијата. Другата работа што ја разликува оваа кампања од претходните е предлогот на ДУИ за премиер- Албанец.

„Да, затоа што јас верувам. Јас верувам во идејата на првиот Премиер Албанец и верувам дека не е само чест, туку и должност и обврска за да и служам на ова идеја и на нашата Албанска заедница во нашата земја. Јас верувам дека заедно ќе успееме“, рече Насер Зибери, кој на првиот ден од кампањата беше промовиран како кандидат за премиер од ДУИ, објаснувајќи зошто го прифатил предлогот на лидерот на партијата Али Ахмети.

Ако целта на ДУИ беше да се зборува за нивниот предлог и тој да биде во центарот на вниманието, тогаш дефинитивно ја постигнаа, зашто првите два-три дена од кампањата речиси сите директни и индиректни учесници во неа имаа некаква реакција во врска со тоа. Повеќето од нив беа негативни, односно ја отфрлаа иницијативата на партијата на Ахмети, меѓутоа во политиката речиси секогаш е важно да се зборува за тебе, па макар и негативно.

Другиот дел од партиската агитација во првите неколку дена беше во рамките на очекувањата. Слични, речиси исти „фалења и кудења“ како и во некои поранешни кампањи, одење од град во град, гостувања и реклами на медиуми, безброј соопштенија и прес конференции, извештачено насмеани ликови од билбордите...

Владејачките партии се фалат за она што го направиле во претходните години, со посебен акцент врз зачленувањето во НАТО и одлуката за почнување на претпристапни преговори со ЕУ, стабилизирањето на економијата и растот на платата, особено на минималната. Опозицијата, пак, овие работи ги врти на својата воденица и ја нагласува штетноста на постигнатите договори со соседните земји, како и катастрофалната ситуација во економијата. Притоа тие ветуваат подобар стандард, повисоки плати, пензии, субвенции за земјоделците, намален данок 8 проценти, многу инфраструктурни проекти...

Но, атмосферата некако повеќе се загрева кога ќе почнат муабетите за тоа колку оние другите се лоши и колку е погубно за граѓаните и државата ако тие, не дај боже, победат на изборите. Тогаш светнуваат очите, зоврива крвта и присутните конечно си го наоѓаат оправданието за доаѓањето на настанот.

„Ние не калкулиравме и работевме за државата. Тие калкулирале секогаш кога биле власт во 11-те години режим. Еве ги како опозиција повторно калкулираат. Истите тие луѓе се денес и се управувани од Будимпешта и од „белиот дворец“. Ништо различно. Све је исто само њега нема“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев.

И претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски не останува должен.

„Можеа да направат подобар договор. Да не ни го земат достоинството, честа. Можеа да го исполнат ветувањето од 500 евра просек плата. Само требаше да работат, наместо да возат мотори“, истакна Мицкоски.

Другите партии и коалиции, во рамките на своите можности и капацитети, се трудат да им се претстават на граѓаните и да се обидат да ја променат црно-белата слика на политичката сцена, односно да докажат дека не постојат само опција А и Б, туку оти во парламентот треба да има и некоја друга боја освен црвената и сината.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG