Достапни линкови

Како климатските промени предизвикуваат топлотни бранови во Европа


Шумски пожар надвор во Шпанија, 18 јули 2022 година
Шумски пожар надвор во Шпанија, 18 јули 2022 година

Европа е зафатена со рекорден топлотен бран, а шумските пожари беснеат низ Медитеранот. Еве како климатските промени ги поттикнуваат овие настани.

Потопли и почести топлотни бранови


Климатските промени ги прават топлотните бранови потопли и почести. Ова е случај за повеќето региони и е потврдено од глобалниот панел научници за климата на ОН (IPCC). Емисиите на стакленички гасови од човековите активности ја загреаа планетата за околу 1,2 Целзиусови степени од прединдустриското време. Таа потопла основна линија значи дека може да се постигнат повисоки температури за време на екстремни топлотни настани.

„Сите топлотни бранови што го доживуваме денес станаа пожешки и почести поради климатските промени“, вели Фридерике Ото, климатски научник од Империјал колеџ во Лондон. Но, и други услови влијаат врз топлотните бранови. Во Европа, атмосферската циркулација е важен фактор.

Студијата во списанието Nature овој месец покажа дека топлотните бранови во Европа се зголемиле за три до четири пати побрзо отколку во другите северни географски ширини, како што се САД. Авторите го поврзаа ова со промените во брзата воздушна струја од запад кон исток на северната хемисфера.


Отпечатоци на климатските промени


За да откријат точно колку климатските промени влијаеле врз специфичен топлотен бран, научниците спроведуваат „студии за атрибуција“. Од 2004 година, повеќе од 400 такви студии се направени за екстремни временски настани, вклучително топлина, поплави и суша - пресметувајќи колкава улога одиграле климатските промени во секоја од нив.

Студентите порачуваат: Не е можна еко борба без политичка волја и со стари програми

Ова вклучува симулирање на модерната клима и споредување со симулации на клима без емисии на стакленички гасови предизвикани од човекот. На пример, научниците со World Weather Attribution утврдија дека рекордниот топлотен бран во западна Европа во јуни 2019 година има 100 пати поголема веројатност да се случи сега во Франција и Холандија, отколку ако луѓето не ја промениле климата.


Топлотните бранови ќе се влошуваат


Глобалната просечна температура е околу 1,2 Целзиусови степени потопла отколку во прединдустриското време. Тоа веќе предизвикува екстремни топлотни удари. „Во просек на копно, топлотните екстреми што би се случиле еднаш на секои 10 години без човечкото влијание врз климата, сега се три пати почести“, вели климатскиот научник од ЕТХ Цирих, Соња Сеневиратне.

Температурите ќе престанат да растат само ако луѓето престанат да испуштаат стакленички гасови во атмосферата. Дотогаш, топлотните бранови ќе се влошуваат. Неуспехот да се справи со климатските промени би довел до уште поопасно ескалирање на топлотните екстреми.

Земјите се согласија со глобалниот Париски договор од 2015 година да ги намалат емисиите доволно брзо за да го ограничат глобалното затоплување на 2 °C и да се стремат кон 1,5 °C, за да се избегнат неговите најопасни влијанија. Сегашните политики нема да ги намалат емисиите доволно брзо за да исполнат која било цел.

Топлотниот бран што се случувал еднаш во деценија во прединдустриската ера би се случил 4,1 пати во деценија при 1,5°C на затоплување и 5,6 пати на 2°C, предвидува IPCC. Да се остави затоплувањето да помине 1,5 °C значи дека повеќе години „ќе бидат погодени од топли екстреми во иднина“, вели Сеневиратне.


Климатските промени предизвикуваат пожари


Климатските промени ги зголемуваат топлите и сувите услови што им помагаат на пожарите да се шират побрзо, да горат подолго и да беснеат поинтензивно. Во Медитеранот, тоа придонесе сезоната на пожари да започне порано и да зафати повеќе земјиште.

Во минатата година повеќе од половина милион хектари изгореа во Европската унија, што ја прави втората најлоша сезона на шумски пожари во Унијата по 2017 година. Пожешкото време, исто така, ја исцрпува влагата од вегетацијата, претворајќи ја во суво гориво што помага да се шират пожарите.

Самит за клима - Можно ли е земјите од Балканот да воведат данок на CO2

„Колку потопли и посуви услови толку тие стануваат поопасни“, вели научникот Марк Парингтон од Коперник. Земјите како Португалија и Грција кои многу лета доживуваат пожари имаат инфраструктура за да се обидат да се справат со нив. Но, повисоките температури исто така ги туркаат шумските пожари во региони кои не се вообичаени на нив, а со тоа и помалку подготвени да се справат.


Климатските промени не се единствен фактот за пожарите


Управувањето со шумите и изворите на палење се исто така важни фактори. Според податоците на ЕУ, во Европа, повеќе од девет од 10 пожари се предизвикани од човечки активности, како што се подметнување пожар, скари за еднократна употреба или фрлено стакло, се наведува во податоците на ЕУ.

Земјите, вклучително и Шпанија, се соочуваат со предизвикот на намалување на популацијата во руралните области, бидејќи луѓето се преселуваат во градовите, оставајќи малкумина да ја расчистуваат вегетацијата односно „горивото“ за создавање шумски пожари.

Некои активности можат да помогнат да се ограничат тешките пожари, како што е подметнување контролирани пожари кои имитираат пожари со низок интензитет во циклусите на природните екосистеми или воведување празнини во шумите за да се спречи брзото ширење на пожарите на големи површини.

Но, научниците се согласуваат дека без големи намалувања на стакленички гасови кои предизвикуваат климатски промени, топлотни бранови, пожарите, поплавите и сушите значително ќе се влошат.

„Оваа тековна сезона на пожари веројатно ќе изгледа благо за една или две децении“, вели Виктор Реско де Диос, професор по шумско инженерство на шпанскиот универзитет Леида.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG