Достапни линкови

Ден на Европа, месец на Европа - Европа во срцето, Европа насекаде


Иван Дургутов, дипломиран правник и магистер по право при ПФ Јустинијан Први - Скопје, млад европски амбасадор,
Иван Дургутов, дипломиран правник и магистер по право при ПФ Јустинијан Први - Скопје, млад европски амбасадор,

Моја блиска пријателка, при прекуокеанско патување, со македонски пасош застанала во редот на тие со европски пасош. На тој шалтер го добила очекуваниот, негативен поглед од граничниот полицаец дека залутала, пишува за РСЕ младиот европски амбасадор Иван Дургутов.

Дали Денот на победата над фашизмот кој европскиот континет традиционално го слави и како негов најзначаен празник е доволно истакнат кај нас во Македонија? Овој ден кој го носи и големиот епитет - Ден на Европа, ден кој се празнува на територијата на целата стара убавица е и денот кој силно треба да ја испрати пораката за обединета Европа, историски, но особено во денешните околности кога разочарано сведочиме за воената агресија во Украина.

Епитет и пиетет е низ годините Денот на Европа да се доживува и како ден на Европската Унија. Оваа „суи генерис“ заедница на 27 европски држави, честопати е предмет на поистоветување со многу побројниот европски континент, што во самото по себе и нема ништо лошо, напротив. Со тоа што челниците и државјаните на ЕУ, но и сите ние останатите, свесно или помалку свесно, го толкуваме Денот на Европа и како ден на ЕУ, всушност отвораме една друга многу плодотворна дебата.

Навраќајќи се на почетоците на уникатниот проект кој денес го носи називот Европска Унија, а првично Европска заедница за јаглен и челик, се прашувам како најдобро Европската Унија била, е, треба да биде персонификација на обединетата Европа.

Со потпишувањето на безусловната капитулација на тогашната нацистичка Германија во далечната 1945 година беше ставен крајот на Втората светска војна и беше поставена оваа наднационална заедница. Но, не само тоа, туку беа засадени и никулците на поствоената Европа чиј идеал е вечниот мир и беше направен пресврт во односите помеѓу европските земји.

Слободно би кажал тогаш беше и отпочнат патот кон создавање на една заедничка држава на најстариот континент, па затоа 9 мај означува многу повеќе од само еден пролетен, мајски ден во календарот. Ние како држава гордо, најгордо, истакнуваме дека секогаш сме биле на вистинската страна на историјата. Навистина е за гордеење, Европа и слободата во срцето, а она епохалното СФ-СН, со задоволство секогаш го изговарам и пишувам и јас. Смрт на фашизмот, слобода на народот.

Токму годинешната прослава на денот кога народот историски победил беше повод и со неколку пријатели да ја отпочнам дискусијата околу тоа дали Европа, знак на равенство, Европска Унија и обратно, претставува точна формула. Во таа прилика, чув и една многу интересна досетка која е и реална случка која ја распламтува уште повеќе дискусијата околу точноста на горенаведената формула.

Моја блиска пријателка, споделува пред друштвото, дека при прекуокеанско патување, со попатен трансфер и промена на авион на виенскиот аеродром, се нашла во ситуација кога службеникот на аеродромот на пасошка контрола започнал да ги повикува сите оние со европски пасош. Видела, не видела, во тој момент и таа со својот, македонски пасош се упатила на тој шалтер и добила очекуван, негативен поглед од граничниот полицаец дека залутала.

Таа објаснувајќи се дека сепак доаѓа од Македонија, земја која територијално (а и не само така) припаѓа на континентот Европа, дека тој кажал европски, а не ЕУ пасош, сепак успеала да измами блага насмевка, да биде услужена и да не биде вратена назад кон шалтерот за „државјан(к)и на трети земји“.

Навидум овој шегобиен момент, со славен и среќен крај на другарката, всушност јасно ја исцртува траекторијата која по која треба да се движи Унијата ако навистина истата сака да ја симболизира и претставува цела Европа. Ако сите сакаме онаа формулата од погоре да е математички прецизно точна.

Оваа уникатна заедница на држави, тој хибриден систем на делување и пренесување на дел од својот суверенитет, може да бидат вистински конкурент на најголемиот светски играч - САД, токму само ако се трудат да бидат и негов пандан. Да бидат соединети држави, овој пат, соединетите европски држави (СЕД?!). Зарем и не е тоа идејата на мировниот проект, ако ги оставиме егоата и предрасудите на страна.

Оптимистот во мене никогаш не исчезнувa, а историјата пак е учителка која потврдува дека светот го менуваат оптимисти. Затоа, да ги засукаме ракавите и да го дадеме нашиот мал, ама не и безначаен придонес за Европската Унија оправдано да постане еквивалент на Европа. А, МК-ЕУ, 2023-2030, па и не звучи толку невозможно!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG